Геополитички рулет во Персискиот Залив
- Додека Вашингтон и Техеран преку посредници договараат 45-дневен прекин на огнот, вечерва истекува рокот што американскиот
претседател Доналд Трамп им го даде на иранските власти, заканувајќи им се дека доколку не се отвори Ормускиот Теснец, Иран ќе доживее „ден на централите и мостовите“
Блискиот Исток се наоѓа на самиот раб на тотална војна, додека часовникот неумоливо отчукува до 20:00 часот вечерва по источноамериканско време. Ова е новиот, продолжен рок што американскиот претседател Доналд Трамп им го даде на иранските власти за повторно отворање на стратешкиот Ормуски Теснец. Во својот препознатлив недипломатски стил преку социјалните мрежи, Трамп најави дека доколку Техеран не се покори, Иран ќе се соочи со „пекол“ каков што светот досега не видел.
„Вторник ќе биде ден на енергетските централи и ден на мостовите, сè во едно. Отворете го проклетиот теснец или ќе живеете во пеколот – ГЛЕДАЈТЕ!“, гласеше една од последните објави на Трамп, која предизвика паника на глобалните пазари на нафта и итна мобилизација на светската дипломатија.
Дипломатија под притисок: Планот за 45-дневен мир
Иако реториката е воена, сепак во заднината се одвиваат драматични преговори меѓу двете страни преку посредници. Како што извести влијателниот портал „Аксиос“, повикувајќи се на извори од САД, Израел и регионот, во моментов на маса е предлог за двофазен договор. Првата фаза предвидува итен 45-дневен прекин на огнот, кој би послужил како „прозорец“ за понатамошни преговори за траен мир.
Посредници во овој процес се Пакистан, Египет и Турција, а комуникацијата меѓу специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, се одвива во критични услови. Главни пречки остануваат контролата врз Ормускиот Теснец и иранските резерви на збогатен ураниум. Иранските власти се скептични, стравувајќи дека привремениот прекин на огнот е само стапица, но истовремено се свесни за подготвениот американско-израелски план за масовно бомбардирање на цивилната инфраструктура.
Таканаречената „логика на неразумниот“ како преговарачка тактика
Трамп веќе покажа дека не се шегува. По соборувањето на американскиот ловец Ф-15E минатата недела и успешната спасувачка операција на пилотот, тој нареди уништување на еден од клучните ирански мостови само затоа што Техеран барал пет дена за размислување.
– Ми рекоа дека им требаат пет дена за состанок. Реков – зошто пет дена? Не се сериозни. И го нападнав мостот – изјави Трамп за „Аксиос“.
Овој пристап на „дипломатија со чекан“ има цел да го принуди Иран на брза одлука. Од Техеран, пак, претседателот на парламентот Мохамад-Багер Галибаф одговори дека потезите на Трамп ја водат Америка во „животен пекол“ и дека целиот регион ќе изгори доколку продолжи со воените злосторства.
Преговорите не се хазардна игра
Вечерашниот рок не е само прашање на суета. Доколку преговорите пропаднат, има неколку сценарија што би можеле да се реализираат.
Прво, инфраструктурен колапс: САД имаат подготвено листа на цели што вклучува над 80.000 локации, од енергетски капацитети до транспортни јазли низ Иран.
Второ, потоа ќе следува глобален економски шок: Затворањето на Ормуз значи прекин на една петтина од светската нафта, што би ги вивнало цените до незамисливи нивоа.
Дополнително, ескалацијата следствено ќе води кон регионално разгорување безбедносно жариште. Иран веќе се закани со одмазднички напади врз постројките за десалинизација и енергија во соседните земји од Заливот во кои има американски бази.
– Светот сега „со подотворена уста“ чека дали во последната секунда ќе преовладее прагматизмот на 45-дневниот мир или Иран ќе стане полигон за најголемата воздушна кампања во овој век. Трамп ја постави сцената, посредниците се на потег, а времето на Иран истекува вечерва. Како што коментираат аналитичарите, ова е дипломатија на работ на бездната, која доколку не успее, ќе го втурне светот во огромен хаос – велат нашите соговорници, дипломати од кариера и познавачи на состојбите на Блискиот Исток. С.Т.
































