Трамп и Путин одамна ја имаат договорено украинската судбина?!
- Определбата на Русија да не ја блокира американската мировна резолуција за Појасот Газа во Советот за безбедност на Обединетите нации (СБ на ООН), што му претходеше на новиот мировен план на САД за Украина, и повеќе од јасно индицира дека големите сили меѓусебно активно и постојано се договараат за главните геополитички прашања водејќи се според сопствените геостратегиски интереси
Без оглед на острата реторика што во изминатиот период беше разменета меѓу американски и руски официјални лица, извесно е дека во заднина, никогаш и не престанало договарањето меѓу двете земји околу идните геополитички планови и распределбата на силите во светски рамки. Во таа насока може да се толкува и најновиот американски план за ставање крај на руско-украинскиот конфликт, ако се земе предвид клучниот момент дека Москва (како ниту Пекинг) претходно не ја блокира американската мировна иницијатива за Појасот Газа што помина во Обединетите нации.
Русија (која има право на вето во Советот за безбедност на ОН) се воздржа од гласање, дозволувајќи резолуцијата да помине, иако претходно сигнализираше (политички се снебиваше) со противење. Амбасадорите на Русија и Кина во ОН, истакнаа дека резолуцијата не им дава на ОН јасна улога во иднината на Газа, но сепак одлучија да не блокираат. Тоа укажува дека големите сили меѓусебно активно се договараат, водејќи се генерално според сопствените големи интереси, без да ги вклучат споредните актери што во овој случај се Украина и Европската Унија.
Американскиот план изненади многумина, вклучително и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но и европските челници, кои целата европска стратегија ја базираа врз засилување на воениот притисок врз Русија преку милитаризација на Европа.
За добар дел од надворешнополитичките аналитичари ова е само уште една потврда дека САД и Русија имаат постојана комуникација и дека меѓу нив има координација за потезите што ги влечат.
– Несомнено е дека на овој нов мировен договор, кој се појави неочекувано во овој период, му претходела интензивна размена на мислења меѓу Вашингтон и Москва не само за украинскиот конфликт туку и за состојбите во пошироки рамки. Имено, планот за Украина доаѓа откако претходно Москва не ја блокираше американската иницијатива за Газа што помина во Обединетите нации. Дополнително, Русија е некако воздржана и во поглед на американското присуство во близината на Венецуела, така што очигледно повеќе прашања се ставени на маса. Кажано на прост речник, двете големи сили постигнале договор за тоа која каде ќе го задржи своето влијание. Затоа американскиот план предвидува Русија да ги добие териториите што ги бара и кои веќе речиси целосно ги освои на военото поле, додека Украина ќе ја добие потребната гаранција од САД дека во иднина нема повторно да биде нападната. Тоа е единствениот реален излез од оваа крвава војна, Западот да се извлече некако неизвалкан премногу од овој конфликт што очигледно го загуби – сметаат познавачите.
Брисел и Лондон неинформирани за американскиот мировен план за Украина
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп не се консултирала со европските партнери за нов мировен план за Украина, пишува „Политико“, повикувајќи се на неколку високи европски претставници, кои тврдат дека дознале за иницијативата од медиумите.
Според висок претставник на Европската Унија за одбрана, специјалниот пратеник на Трамп, Стивен Виткоф, бил идентификуван во Москва како некој „што е подготвен да ги унапреди руските интереси“, додека европските сојузници дури и не биле информирани за неговите активности.
– Европејците не биле консултирани. Постои група во Белата куќа што веќе некое време нè гледа како пречка во мировниот процес, па затоа ова, на некој начин, не е изненадување – изјавил функционерот за Политико.
Слично тврдат и британски дипломатски извори. Британски дипломат потврди дека Лондон не бил информиран за никакви предлози или дискусии, и покрај фактот дека советникот за национална безбедност Џонатан Пауел има блиски односи со Виткоф.
Ова не е првпат европските престолнини да изразат незадоволство од начинот на кој Вашингтон ги решава иницијативите поврзани со Украина. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул претходно потврди дека Берлин не бил информиран за развојот на новиот план. Сепак, тој нагласи дека Германија поддржува секаков напор што води кон мирно решавање на конфликтот. С.Т.
Американскиот мировен план е вовед во покрупни процеси во Украина
Западот посакува смена на корумпираното украинско раководство
Паралелно со подготовката на мировниот план, Американците веќе размислуваат и за смена на украинското раководство, кое го загуби легитимитетот меѓу Украинците, особено по големиот корупциски скандал во кој се проневерени над 100 милиони евра.
Само што Европската комисија го обелодени извештајот за напредокот на земјата, во кој упати редица пофални зборови за земјата, избувна аферата за проневера на повеќе од 100 милиони евра, во која се вмешани повеќе лица од украинското водство. Двајца министри веќе поднесоа оставки, но индициите на истрагата упатуваат на тоа дека зад целата оваа корупциска шема стои човек од доверба на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Медиумите го споменуваат името на Андриј Јермак, шеф на Кабинетот на украинскиот претседател, кој во последниве години акумулираше моќ што ретко се гледа во модерна Украина. Иако никогаш не беше избран на функција и не ужива широка поддршка, неговите критичари тврдат дека тој ефикасно станал втор човек во земјата, кој влијае врз одлуките на парламентот, владата и клучните државни органи, го контролира пристапот до претседателот и е централна фигура во многу дипломатски процеси. Украинските и западните претставници го опишуваат како личност што сака да има увид и влијание врз речиси секој голем процес во земјата, но во исто време ужива многу ниско ниво на јавна доверба и скептичен став од партнерите во Брисел и во Вашингтон.
Иако Јермак не е меѓу осомничените, повеќе извори тврдат дека неговото име се појавува во истрагата и дека е тешко да се замисли толку голема шема што функционира без негово знаење, но и без знаење на Зеленски.
Националното биро за борба против корупцијата објави снимки на кои наводно се гледаат пријателите на претседателот и високите функционери како земаат мито и перат пари преку државни договори, во шема вредна повеќе од 100 милиони долари. Наводниот организатор е Тимур Миндич, долгогодишен партнер на Володимир Зеленски во продуцентската куќа „Квартал 95“, кој го нарекувал Јермак свој пријател. Миндич избегал од земјата пред неговото апсење.
По ваквите сознанија, но и индициите што ги имаа и од претходно, западните партнери сакаат итна смена на целиот украински државен врв, вклучувајќи го и претседателот Володимир Зеленски, чиј мандат и онака е истечен, па американскиот мировен план треба да се смета и како чекор во таа насока. Целта е најпрво да се запре војната, а потоа да се организираат избори на кои Украинците ќе добијат ново некорумпирано раководство, кое ќе го започне процесот на обнова на земјата и многу веројатно ќе ги продолжи евроинтеграциите. Во меѓувреме, за Американците е клучно да почнат со експлоатација на ретките минерали, за што веќе потпишаа договор со Украина, така што повеќе од потребно им е да се постигне брз мир. Дополнително, со зачленувањето на земјата во ЕУ на брза лента ќе се обезбедат и потребните гаранции дека во иднина земјата нема да биде цел на нови агресии и напади од руска страна. С.Т.


































