Од книгата „Антологија на 500 најубави вицови за деца“ на Војче Китаноски
– Влатко, дали препишуваше ти од Саше?
– Не, наставничке. Тој препишуваше од мене, но јас проверував дали точно напишал.
* * *
Филип, кажи ни што е ветер?
– Воздух на кој многу му се брза.
* * *
– Зошто задоцни на првиот час – го прекорува наставничката Марко од трето одделение.
– Наставничке, штом излегов оддома ме пресретна крадец и ме ограби.
– А што ти украде?
– Ми ја украде домашната работа!
* * *
На час по македонски јазик го прашува наставничката Кире:
– Како ќе кажеш: Александар и Петар имаат бернардинец без да ја изговориш буквата „р“?
Кире се мисли и вели:
– Аце и Пеце имаат куче.
* * *
Ајде, Филип, кажи една простопроширена реченица, која ќе го содржи и зборот шеќер.
– Ммм… баба ми пие кафе.
– А каде е шеќерот?
– Во кафето.
* * *
Зошто Аце стои пред огледало со затворени очи?
– За да види како изгледа кога спие.
* * *
Малиот Томе сакал да стане ловџија и да се зачлени во ловечко друштво. Му рекле дека ќе го примат ако наброи пет животни.
Томе размислува и вели:
– Лисица, волк и три мечки.
* * *
– Која личност освен хумористот се обидува секогаш да ве насмее?
– Фотографот.
Смеењето е природен лек
Кога се смееме, се чувствуваме среќно и мирно. Сте забележале ли дека кога ќе видиме некој како се смее, и на нашето лице се појавува насмевка? Затоа велиме дека смеењето е заразно. Утврдено е дека децата се смеат околу 400 пати дневно, а возрасните само 15-20 пати. Според увидот во рекордите, најдолгото смеење во светот траело 43 минути. Постојат и луѓе што одат на часови по смеење за да научат да се смеат. Но вам, драги читатели, не ви е потребна школа. Доволно е да најдеме причина за смеа и од срце да се насмееме. Се надеваме дека вицовите што ги избравме за вас ќе бидат доволна причина за насмевка на вашето лице! Смејте се!
































