Фото: Каролина Мицевска

„Арт хепенинг“ на „Ротари клубот“-Прилеп

На 3 ноември, градот Прилеп чествуваше 81 година од ослободувањето од фашистичкиот окупатор. По тој повод, „Ротари клубот“ од Прилеп, по четиринаесетти пат организираше „Арт хепенинг“, на кој годинава се вклучија четириесетина ученици од основните и од средните училишта, како и ученици од уметничкото студио „Артика“.
Во пријатна атмосфера, ликовните таленти цртаа на штафелаите поставени пред платото на споменикот на Итар Пејо во старата градска чаршија. На тој начин учесниците ја збогатија програмата за празникот, ги покажаа своите таленти и способности, а покрај тоа и убаво се дружеа. Секој ученик во зависност од својот афинитет создаде дело, кое ќе остане да сведочи за неговата креативност.
Целта на настанот, според организаторите, е да се поттикнат младите да ги изразуваат своите таленти преку активно творење и уметничко изразување.
И годинава, интересот за учество на манифестацијата беше на завидно ниво. Дел од создадените дела ќе влезат во конкуренција за награди, а другите ќе бидат употребени во хуманитарни цели. Ка.М.