Меѓународни успеси
Хорот и оркестарот на ООУ „Кузман Јосифовски–Питу“ од Скопје, на Светскиот куп во фолклор, кој се одржа во италијанскиот град Јесоло, од 24 до 27 мај, освоија шест награди.
Над 500 учесници од 12 држави од светот, кои се натпреваруваа во различни категории, беа дел од овој настан, а меѓу нив беа и избраниците на професорката по музика Вера Ангеловска.
Македонските ученици се натпреваруваа за награди за вокално-инструментален ансамбл со хор и оркестар и ја изведоа македонската народна песна „Учи ме мајко карај ме“ и освоија второ место, а првото и третото место воопшто не беа доделени. Пред жирито се претставија и петмина вокалисти и еден соло-инструменталист на гитара, кои освоија едно прво место, две втори и две трети места, како и една пофалница.
Вкупно во Италија заминаа 49 ученици, од кои 39 вокали, осум флејтисти и двајца гитаристи.На настапот имаше и убава кореографија со автентични македонски предмети, како и рецитирањето строфа од македонската љубовна песна „Дениција“ на Петре М. Андреевски.
Најдобрите учесници на фестивалот беа примени и од градоначалникот на Јесоло, Кристофер де Зоти, кој испрати поздрави до Македонците, со желби за уште поголем успех во иднина на музичките таленти од нашата земја.
Наставничката Вера Ангеловска, по прогласувањето на наградените, на својот профил на Фејсбук напиша:
„Многу емоции, возбуда и солзи радосници по прогласувањето на победниците на Светскиот куп во фолклор што се одржа во Јесоло, Италија. Поминавме прекрасни две вечери, се претставивме во најдобро светло, освоивме многу награди. Хорот и оркестарот, според бодовите на жирито, го освоија второто место и ваучер од 500 евра, во истата конкуренција немаше прво место ниту трето место. Кај солистите имавме едно прво место, две втори, две трети и една пофалница. „Кузман“ и Македонија може да бидат горди. Мисијата што ја имавме пред доаѓањето беше реализирана. Благодарност до организаторот, нашето училиште ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“, директорот Андреја Стојанов, до сите колеги и ученици, нашите спонзори и сите што ни дадоа поддршка за да го реализираме ова патување. И секако најголема благодарност до родителите и до моите ученици, без кои хорот и оркестарот не би постоеле“.