Меѓународна соработка
Веќе по традиција, македонски училишта повеќе години учествуваат на Меѓународниот фестивал на уметностите „Утринска ѕвезда“ во Банско, Бугарија, кој неодамна се одржа по 44. пат.
Годинава Македонија ја претставиja училишта од Крива Паланка, Крушево, Гевгелија, Кавадарци, Скопје, Радовиш и од Струмица.
Учениците од СОУ „Наум Наумовски-Борче“ од Крушево имаа успешни настапи и се закитија со неколку награди. Училишниот хор под менторство на професорот Пецо Христоски го освои второто место, a драмската секција под менторство на професорот Никола Јованоски е добитник на втора награда за претставата „Аудиција на крушевски начин“. Ученикот Атанас Ташкоски е добитник на специјална награда за најдобра машка улога, а награден е и драмскиот текст на авторките Кирјана Милошевска и Валентина Спасеска.
Оркестарот при ООУ „Св. Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка, под раководство на наставничката Лариса Жулина Митовски, го освои второто место, а на второто место се пласира и ученикот Михаил Митровски за инструментална соло-изведба на пијано. Драмската секција од ова училиште освои трета награда за изведба на претставата „Смешна куќа“, во режија на Јасна Ѓеорѓиевска и Габриела Стојановска.
Учениците од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија со драмската група „Дон Кихот“ освоија две награди. За претставата „Адска машина“, по текст на Венко Андоновски, а во режија на професорката Даниела Џишева, го освоија второто место, а ученикот Костадин Узунов ја доби наградата за најдобра машка улога. Годинава на фестивалот учествуваа повеќе од 3.000 учесници од Бугарија, Македонија, Грција, Украина и од Индонезија.
Ф.Д.


































