Фото: ООУ „Никола Карев“ - Крушево

Фотовест

Ученици од ООУ „Никола Карев“ од Крушево, под менторство на наставничките Надица Нане и Елена Тана, во храмот „Св. Никола“ во предвечерието на Божиќ, преку пригодна претстава, на достоинствен начин прикажаа библиска приказна посветена на раѓањето на Исус Христос.
Со особена чест и благодарност, на поканата одговорија и на настапот присуствуваа поранешни ученички од ова основно училиште, Ребека и Леона, кои со својот музички ангажман го збогатија свечениот карактер на настанот.
– Нека рождеството Христово донесе мир, љубов и духовна радост во срцата на сите верници. Христос се роди! – пожелуваат наставничките.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на Крушево, Нико Чонески.


На Бадник во Порече

Кога доаѓав на Божиќ,
во Македонија, во Порече
чувствував посебна сила
како да ме носи,
празнично во мене ме
топлеше мисла света
„каде и да си, за Бадник
дома да си“.

На шести јануари,
Коледе или Бадник
пред раѓањето на Христос
спасителот,
радост за христијаните
на денот голем
за бериќет и здравје
молба до семоќниот.

Секој дом е црква и божји храм
во секој дом се палат
свеќа, темјан и кандило,
за најрадосните денови
на православието
радо се спомнува како е и
како некогаш било.
Се меси кравајче,
се прави пита,
божиќната погача
на централно е место,
свечено да заличи целата
трпеза
и посно гравче ко секоја
година исто.

Откако домаќинот
ќе се прекрсти
погачата се смета за
благословена,
потоа на семејството
таа се дели
со посебни чувства
и почит е примена.

А тој што ќе ја добие паричката
годината ќе му биде
весела и бериќетна,
со здравје успех и
благосостојба
и со голема желба да му
биде среќна.

Саво Костадиновски