Селото Негован, каде што е родена Олга Маџарова, фотографија на браќата Манаки

Македонки што пишуваат и се борат за женските права во 19 и 20 век (9)

Перцепцијата за жената во Македонија во 19 век како затворена, традиционална и неписмена домаќинка на македонското семејство полека исчезнува со откривањето и презентирањето материјали што покажуваат значителни активности на жените на повеќе полиња: образование, револуционерна борба, литература. Во тој контекст, израснувањето на жената како индивидуа во традиционално патријархалната средина било исклучителен подвиг. Токму за овие теми се зборува во книгата „Жени во македонската книжевност од 19 век“ од д-р Славчо Ковилоски, а е во издание на Институтот за македонска литература и неодамна беше објавена. Книгата, за првпат во македонската книжевна наука, на едно место нуди биографии на досега непознати или малку познати македонски жени со кои започнале развојот на македонското женско творештво (женско писмо) и појавата и развојот на феминистичкото движење и на првите македонски женски револуционерни и просветни друштва. Така, свое место тука ќе најдат повеќе статии, првата полемика водена од македонска жена, првиот расказ, епистоларија, како и првата пиеса и песна пронајдени во ракопис во приватен архив. На таков начин се надминува сликата за немост на македонските жени и ним им се овозможува како авторки да го заземат своето место во македонските книжевни канони. Ќе ги презентираме биографиите и творештвата на повеќе македонски жени од втората половина на 19 век и почетокот на 20 век, кои активно се вклучиле во јавниот живот, а досега биле малку познати или сосема непознати: Славка Динкова, Митра Миладинова, Јанка Каневчева, Царевна Миладинова-Алексиева, Евтимица Јанчева, Анастасија Милошова, Евгенија Јанчулева, Марија Зрнева, Султана Чикмакова, Олга Маџарова, монахињата Параскева, Параскева Димкова и Дафа Цепенкова, сестра на Марко Цепенков. Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една деценија работи на истражувања поврзани со појавата и развојот на македонското женско прашање

За голем дел од македонските авторки што оставиле некакви објави во периодиката од 19 и првите години на 20 век не постојат издржани и верни податоци што би го посочиле времето на нивно раѓање или смрт. Одвреме-навреме наидуваме и на информации што во поголем степен ги расветлуваат основните биографски податоци на одредена личност, со што во голема мера ни овозможуваат да сочиниме релевантна скица за нејзината биографија. Таков е случајот и со уште една македонска жена, Олга Маџарова, која зад себе оставила статија за значењето на образованието, а за која постојат познати историски извори.
Олга Маџарова, по сопруг Караџова, е родена во 1887 година во селото Негован, во близината на градот Лагадин, во регионот на Солун. Потекнувала од семејство со силно изразени просветителски тенденции. Во родословното дрво на нејзината фамилија место наоѓаат свештени лица, просветни дејци, револуционери, воени чиновници, инженери итн. Нејзиниот дедо Георги Маџаров бил свештеник што се школувал на грчки јазик во Сер, а подоцна учителствувал во родното село Негован, каде што и починал во 1870 година. Неговиот син Јона Маџаров (1849 – 1911) е татко на Олга Маџарова, кој исто така бил свештеник и се школувал на грчки јазик. Неговиот биографски пат е добро познат благодарение на проучувањата на познатиот фолклорист Антон Поп Стоилов од селото Лешко, Горноџумајско, кој ја објавил и „Автобиографијата на архимандрит Јона Маџаров“. Во автобиографијата, Маџаров претставува мноштво информации поврзани со неговата фамилија и црковнопросветните состојби во јужните македонски краишта во 19 век. Од нив дознаваме дека имал најмалку пет деца: Георги, Лазар, Владимир, Светослав и единствената ќерка Олга, предмет на нашиот интерес.
По завршувањето на основното образование, најверојатно во родниот Негован, таа се запишала во Солунската егзархиска женска гимназија „Свето Благовештение“. Гимназијата ја завршила во 1904 година, во т.н. 14-та генерација. Веднаш потоа се зафатила со учителската професија, па во учебната 1905/06 година ја сретнуваме како учителка во машкото егзархиско педагошко училиште во Сер. Во меѓувреме Маџарова се омажила за учителот и револуционер Иван Караџов од селото Лешко. По Балканските војни, Олга со својот сопруг се преселила во Горна Џумаја, каде што најверојатно и починала, слично како и сопругот во 1934 година.

Олга Маџарова е потписничка на најдолгиот текст воопшто, објавен од македонска жена на страниците на дневниот печат во Македонија под османлиска власт, односно до 1912 година. Таа е авторка на статијата „Главните квалитети кои треба да ги поседува една добра учителка воспитувачка“, објавена во две продолженија на страниците на весникот „Вести“. Првиот дел е објавен во бројот 71 од 30 јули 1904 година, а вториот во број 72 од 3 август истата година. Под насловот на првиот дел стои информацијата: „Реч произнесена од ученичката Олга Маџарова на годишниот акт (завршниот испит – бел. С.К.) на Солунската женска гимназија на 27 јуни (оваа, 1904) година“.
Како што кажува самиот наслов, статијата се однесува на значењето на квалитетното женско образование и претставува дел од женското прашање во 19 век воопшто. На почетокот на првиот дел од текстот „Главните квалитети кои треба да ги поседува една добра учителка воспитувачка“, Олга Маџарова ги наведува условите од кои зависи образованието, како и создавањето добри модели на учители и учителки. Таа ги истакнала обичаите, религиозните верувања, погледите на еден народ итн., кои влијаеле врз воспитувањето. Токму затоа, потенцирала таа, „училиштето е местото кое веднаш по семејството и истовремено со него најмногу работи за душевниот развиток на младото поколение“. Училиштето нудело изучување занаети, давало дисциплина, културно и општествено го издигнувало поединецот. Во недостиг од градски и селски библиотеки, кои во тоа време во Македонија биле реткост, единствено училиштето нудело можност за читање и усовршување на знаењата. Сепак, забележува авторката „едно училиште може да има најсовршена програма, најдобри и практични правилници, најодбрани учебници; може да биде снабдено со сите потребни учебни потреби, зданието да му е најхигиенско; но сите тие нешта ќе останат бесполезни или малку полезни ако учителката не сака или не умее да ги приспособи, ако не знае да ги исползува“. Оттука, продолжува Маџарова, „една добра учителка треба да има добра подготовка за задачата на училиштето“.
Во понатамошното излагање, авторката истакнала дека учителката не треба да се задоволува со основните знаења, туку да се труди постојано да се усовршува, да дознава новини, „да ги освежува, да ги подновува и да ги зголемува своите знаења“. Крајот на текстот е во согласност со патријархалните вредности, односно со истакнување на барањата што дел од затворените градски учителски групи ги барале од жените, а тоа било ограничување на модните трендови и книжевните дела што ги читале учителките. Како ученичка, на својот завршен испит Маџарова најверојатно ги следела упатствата на своите учители, па препорачувала дека „една педагошка книга за една учителка чини многу повеќе од една модна шапка“. Заклучокот упатувал на најважното, дека: „самообразованието и самоусовршувањето се едни од најдобрите квалитети на учителката“. Со овие зборови завршува првиот дел од објавата на Маџарова, под кој стои забелешката: „продолжува“.

Во следниот број на „Вести“, број 72, го наоѓаме продолжението на текстот. Продолжението започнува на следниов начин: „Учителката треба од сѐ срце и душа да ги сака како знаењето, така и децата што ѝ се доверуваат. Ако тие два квалитета не ја красат една учителка, успехот во училиштето ќе биде доста сомнителен. Без нив учителката ќе заликува на проста надничарка која работи не по желба, но по воодушевување кое ја движи, не нешто повисоко, поидеално, а само по нужда за насушен леб“. Од овие зборови се гледа дека на образованието и учителствувањето се гледало како на возвишен чин, кој далеку ги надминувал обичните биолошки потреби.
Маџарова се задржала и на карактеристиките на народот од кој произлегувале учителките. Бидејќи кај сите народи имало добри и лоши страни, учителката морало да се сосредоточи на прифаќање на позитивните карактеристики: трудољубивост, побожност, трезвеност, приврзаност кон домот и семејството, гостопримливост итн. Наспроти нив се наоѓале лекомисленоста, расипништвото, пијанството, безверноста, за кои учителката требало да внимава да не проникнат меѓу учениците. Последните зборови што Маџарова ги упатила до својата генерација биле: „Сакам да верувам дека сите мои другарки, заедно со мене, како воспитанички на една и иста институција, во нашата идна учителска дејност нема да заборавиме ниедно од кажаните квалитети и ќе се стремиме да ни станат… раководни начела“.
Одбраните зборови со кои се служела младата авторка ни укажуваат на квалитетите што таа ги поседувала, на свој начин да ги искаже своите размислувања полни со надеж и идеали за подобра иднина.

Славчо Ковилоски

продолжува