Усното народно творештво е облик на уметничко изразување, кое се изразува преку говорот и претставува најстар начин на практикување на народната книжевност, односно на литературата воопшто. За разлика од писмениот начин на изразување, кој во одредениот момент има конечна форма, усната книжевност е подложна на менување во јазикот, метриката и во текстуалниот дел, односно на импровизација. Токму од вештината на импровизирање на народните пејачки, односно од нивниот авторски влог во народните песни зависело и прифаќањето на творбите што понатаму се пренесувале од уста на уста, од колено на колено. Од мноштвото народни поетеси се издвојуваат имињата на: Дафа Цепенкова, Депа Каваева, Дафина од Просеник, Арса Стрезова, Митра Ристова, Парашкева Сирлешчова, Илинка Везенковска, Цвета Мазнаеова, Ѓурѓа Котева и Божана Трпанова. Без разлика на околностите, без разлика на местото и името под кое своевремено биле објавувани, преку нивната интерпретација го откриваме големото македонско духовно богатство и ги откриваме и убавината на македонскиот јазик и неговите убави дијалектни форми. Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една деценија работи на истражувања поврзани со појавата и развојот на македонското женско прашање
Духовно и јазично богатство во творештвото на македонските народни поетеси (1)
Во големиот број извонредно талентирани интерпретатори на македонски народни умотворби посебно место треба да се определи за фамилијата Цепенкови од Прилеп. Почнувајќи од нивниот најпознат претставник Марко Цепенков, преку неговиот дедо, татко му Коста, до сестрите на Марко, Зица (Зоица) и Дафа. И сопругата на Марко, Софија, била упатена во тајните на познавањето и умешното интерпретирање на македонскиот фолклор.
Дафа Цепенкова (околу 1795 – околу 1890) била родена во Прилеп, а поголем дел од својот живот поминала во Крушево. Починала во длабока старост, на 103 години. Забележано е дека во Крушево била исклучително многу почитувана како вешта пејачка, што укажува на фактот дека била омажена во тој град, но кога и за кого нема податоци. Од неа, собирачот на народни песни Наум Тахов запишал дури 160 песни, кои ги објавил во својот Зборник, кој содржи 220 песни. Песните најпрво биле запишани на народен јазик, но со грчки букви, а дури по десетина години Тахов ги препишал на кирилица на крушевско-прилепски дијалект.
Освен песните, таа знаела и разни други фолклорни материјали, на кои, за жал, во тоа време Тахов не им обрнал внимание, иако забележал дека: „оваа прочуена пејачка баба беше неисцрпен извор на народни песни“. Поради тоа, запишал тој „уште жалам до ден-денешен зошто не запишав повеќе од народното богатство со кое така богато беше ја надарила природата својата избрана пејачка – баба Дафа, која заедно со себе во земјата погреба големо количество народни умотворби…“. Тахов понатаму додава: „без да ги оптоварувам читателите со подетално изложување на животот на таа прочуена баба Дафа, во целата Крушовска околија, ќе кажам дека се одликуваше со одличен карактер и весело го поминуваше животот, поради што беше ги спечалила симпатиите на целиот град Крушово, во чија памет уште не исчезнала. Освен тие добри квалитети, поседувала и ретка убавина“. Според изнесените податоци, во времето на објавувањето на Зборникот на Тахов во 1895 година, Дафа Цепенкова веќе била почината. Доколку е точно дека смртта ја затекнала на 103 години, тоа ни дава за право нејзиното раѓање приближно да го датираме кон крајот на XVIII век, околу 1795 година.
Според еден запис на Тахов, неименуваната песна што започнува со стихот: „Ашик ви сум, вашик ви сум“ (стр. 164) е лично дело на Дафа: „оваа песна е на старата баба Дафа“, запишал Тахов. Во неа пејачката ја воспева личотијата на Дафа, која поради „шекер“ очите, грлото и лицето, младото момче сака да ја украде „од кај мајка ти, / од кај татко ти“. На мислење сме дека во оваа песна, но и во голем дел од другите песни што ги пеела, Дафа го употребувала ефектот на огледалност, која сопствената слика на убава и ведра жена ја пренела и во песните. Затоа, во прилог следува ненасловената песна што започнува со стиховите „Ашик ви сум, вàшик ви сум“.
Впечатлив е изборот на зборовите употребени во песната. Станува збор за архаизми што во овој случај носат поетичност, ја разбиваат содржината со имагинацијата и умешноста на пејачката. На пример, според Речникот на македонскиот јазик, том III, Скопје, 1994, зборовите скумриа и селфија ги имаат следниве значења: селфија (селвија) – јужно вечно зелено дрво Cupressus, чемпрес, кипарис (Речник на македонскиот јазик, 1994: 175); скумрија – 1. Мала морска риба со вретеновидно тело Skomber kombrus, и 2. Гугутка (Речник на македонскиот јазик, 1994: 218). Исто така, слично на Марко Цепенков, покрај архаизмите, кај Дафа се присутни и значителен број турцизми: аџамија, филџан, симит, гергеф, назлан итн., најмногу од трговијата, занаетите и внатрешното уредување на куќата. Всушност, како и Марко Цепенков, и случајот на Дафа го покажува богатството на македонскиот јазик преку прилепскиот говор, дополнет со турцизми, и речиси без интернационализми.
Значи, кога станува збор за основата на јазикот на кој пеела Дафа, нема сомнение дека станува збор за народен македонски јазик, кој, како што забележал, запишувачот Тахов бил „крушовски-прилепски дијалект“. Притоа, утврдил тој, „акцентирањето на двосложните зборови паѓа на првиот збор од почетокот, а во многусложените – на третиот од крајот на зборот“, што комплетно соодветствува со каноните на македонскиот литературен јазик. Тахов додал и дека со акцентирањето на зборовите, на пример: будало, јаболко, јунак, удриа, црвено, грнчарско итн., респективно се повишуваат гласовите у, ја, ју и сл. Уште една карактеристика што на Тахов му оставила впечаток и која се однесува на „Македонските говори“ е испуштањето на буквите во некои зборови. Како примери се наведени: удри’а, то’ар, отидо’а, умре’а, за кои „апострофот стои на местото на отпаднатата буква х; таа појава, колку што ми е познато, е општо скоро за сите Македонски говори“.
За јазикот употребен во испеаните песни самиот Тахов изразил надеж дека ќе послужи за понатамошни филолошки истражувања. „Капиталниот интерес и важноста коишто ги претставуваат народните умотворби воопшто и поезијата“, според него, требало да послужат за понатамошни истражувања на „раскошните и оригиналните дијалекти“ (членувањето, менувањето на предлозите, губењето на инфинитивната форма и сл.), кои во тоа време биле релативно непознати за бугарските, а уште повеќе за преостанатите словенски и европски филолози.
Ваквото размислување на Тахов го наоѓаме во богатството на употребените изрази и севкупно од јазикот на испеаните песни од страна на Дафа Цепенкова. Тука, стиховите се тонско-силабични, при што тие често се формираат според мелодијата, односно се условени од ритмизираните слогови на песната. Испеаните песни најчесто се движат околу шестерецот и осмерецот, со повремени отстапувања (седмерец, деветерец итн.), што укажува на импровизирање и на авторски влог во песната од страна на пејачката. Дарбата за пеење, меморирањето и употребата на специфични изрази и стилско-изразните форми се одлика само на врвните пејачки, интерпретаторки и поетеси, каква што во нашиот случај била Дафа Цепенкова.
За разлика од нејзиниот брат Марко, кој поседувал извонреден талент за раскажување, Дафа поседувала талент за пеење. Интерпретацијата на Дафа била вдахновена, исполнета со блага реч, а нејзиното чувство за ритам и мелодија, според исказите на запишувачот Тахов, било ненадминливо, исто како и нејзината физичка убавина. Убавата Дафа, со става како селфија, со главата скумриа, со веѓите гајтанлии, очите филџани, со устата шеќерна и со лицето симитче, влегла во македонската историја со својот интерпретаторски и поетски талент.
Славчо Ковилоски
продолжува