Во Домот на културата „25 Мај“ во Валандово се одржа премиера на аматерската театарска претстава „Шоу во ноќта“
- Не постои поголемо достигнување за еден ментор од тоа да најде начин и да ѝ ги прикаже на јавноста потенцијалите, талентите и вредностите на своите ученици, кои со огромен труд и ентузијазам, покрај сите училишни обврски, ги завршиле најодговорно и дополнителните креативни предизвици како вистински професионалци. Работевме со часови, останувајќи во Домот на културата четири месеци и наместо да почувствуваме замор, со нетрпение ја очекувавме секоја следна средба што носеше нови предизвици, вели Станка Бајлозова-Барламова, режисерка на претставата
На 26 февруари во киносалата при Домот на културата „25 Мај“ во Валандово беше изведена театарската претстава „Шоу во ноќта“. Пиесата беше режирана и адаптирана врз основа на оригиналот „Самоубиство на осамата“ од украинската авторка Неда Неждана. Режијата и адаптацијата се на Станка Бајлозова-Барламова, книжевничка и вработена во Домот на културата. Насликаните реквизити, кои беа дел од сценографијата, се дело на наставникот по ликовна уметност Игор Чочков.
Во претставата беа вклучени двајца средношколци и една деветтоодделенка. Улогите ги играа учениците: Михаил Занов, Стефанија Петрова и Загорка Ичева. На оваа претстава заедно со нивниот ментор тие работеа четири месеци, за да ја одиграат премиерата токму кон крајот на минатиот месец.
Киносалата во Домот на култура во Валандово, каде што се одигра претставата, беше полна со гледачи. Според посетителите, станува збор за културен настан што донесе убава енергија во градот на калинките и несомнено ќе придонесе за збогатување на културниот живот на Валандово.
– Несомнено станува збор за талентирани прекрасни деца, кои покажуваат високи потенцијали да ја преобразуваат и трансформираат својата дарба понатаму во вистински професии. Работата со нив, за мене, претставуваше вистинско задоволство. Не постои поголемо достигнување за еден ментор од тоа да најде начин и да ѝ ги прикаже на јавноста потенцијалите, талентите и вредностите на своите ученици, кои со огромен труд и ентузијазам, покрај сите училишни обврски, ги завршиле најодговорно и дополнителните креативни предизвици како вистински професионалци. Работевме со часови, останувајќи во Домот на културата четири месеци и наместо да почувствуваме умор, со нетрпение ја очекувавме секоја следна средба, која носеше нови предизвици. Најголемата сатисфакција за мене се случи по завршувањето на премиерата кога сите позитивни емоции на моите ученици можев да ги уловам во нивните погледи. За таквите мигови вредеше повеќемесечниот ангажман. Со дел од учениците што играа во оваа претстава работев и претходно во текот на минатата година. Нивниот прогрес оттогаш до денес е огромен и неоспорен. Стануваат сѐ подобри, а имајќи го предвид фактот дека до завршувањето на нивното средно образование ќе имаме можност да работиме заедно најмалку уште цели три години, доволно време да го трансформираме целиот овој прогрес во нешто уште поголемо – вели Станка Бајлозова-Барламова.
Што велат младите глумци за учеството во овој проект?
– Јас сум деветто одделение. Кога дојдов на првата проба се чувствував необично, но потоа како што минуваше времето ми стануваше сѐ поинтересно. Иако на моменти чувствував несигурност, со поддршката на мојата менторка верував дека ќе успеам и сега можам да кажам дека сум задоволна и пресреќна што бев дел од претставата „Шоу во ноќта“ и што успешно ја одигравме. Би било убаво доколку реализираме и други театарски претстави – изјави ученичката Загорка Ичева.
За Михаил Занов, ученик во прва година во општата гимназија, претставува голема чест што е дел од оваа претстава.
– Во текот на подготовките имаше многу дружби и многу смеа, но најважно од сѐ е тоа што преку оваа претстава стекнавме многу знаења. Сон ми е еден ден да станам актер и се надевам дека тоа ќе се исполни. Имавме навистина голема поддршка од нашата менторка, која навистина вложи многу во нас и во реализацијата на оваа претстава. Благодарение на овој проект јас излегов од мојата комфорна зона и толкував улога на лик што е многу различен од мене. Оваа е втора претстава во која глумам во Домот на културата во Валандово и овој пат со мојата менторка работевме најмногу на мојата дикција за да се претставам во најдобро светло – вели Михаил Занов.
И Стефанија Петрова е ученичка во прва година во општата гимназија. Таа ќе запамети многу убави мигови, доживеани за време на подготовките на претставата.
– Целата подготовка и реализација на оваа драма ми пружија едно големо искуство и ми донесоа безброј прекрасни моменти. Како личност што се стреми кон кариера во актерството, сметам дека ваквите проекти ќе ми дадат можност да го надградам и да го покажам мојот талент на сцена. Учеството во вакви активности е одличен начин младите да ги покажат своите таленти. Нашиот ментор ни беше огромна поддршка и нѐ научи на многу работи – открива Стефанија Петрова.
М.Т.

































