Од 11 до 13 јуни ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ја реализира првата работилница за млади таленти „Мозаикот денес“

Од 11 до 13 јуни во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп првпат беше реализирана работилница за изработка на мозаик за млади таленти, насловена „Мозаикот денес“. На работилницата учествуваа талентирани ученици од општинските училишта, кои три дена се дружеа, но и научија како се изработуваат слики од камчиња.
– Како искуство и позитивен исход од веќе реализираните работилници во 2021 и 2022 година во Штип, решивме да го реализираме проектот во Прилеп и да ги поттикнеме мотивацијата и желбата кај младите за изучување на оваа дисциплина во ликовната уметност. Интересот за учество на учениците беше голем – изјави Марјан Стојаноски од одделението за ликовна дејност на ЦК „Марко Цепенков“.
Предавачката м-р Александра Димитрова, која теоретски и практично им покажа на учениците како се изработува мозаик, посочи дека на овој начин учениците, освен што се дружат, стекнуваат нови знаења за овој вид уметност.
Учениците не го криеја своето задоволство што три дена се дружеа и што изработија мозаици. Децата на работилницата твореа на темата растителен свет.
Марија Николова (14) е ученичка во ООУ „Гоце Делчев“ во Прилеп. Таа црта и користи разни техники, работи со молив, но и во техниката акрил. Ова е прво нејзино искуство со техниката мозаик.

– Првпат доаѓам на работилница за мозаик и мислам дека многумина од нас ќе сакаат пак да присуствуваат на ваков настан. Јас изминатите три дена си поминав одлично. Ова е многу креативна работилница, со многу добро објаснување. Сите го сработивме тоа што се бараше од нас. Оваа работилница нѐ поврзува со уметноста, а има и многу убави дружби и искуства. Изработката на мозаик е добар начин да се изразиме себеси. Изработивме дела од работи што се секојдневно околу нас – вели Марија Николоска.
Овој проект ЦК „Марко Цепенков“ го реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам, а се планира да стане традиција.

Ка.М.