Trade war between the USA and the EU
Фото: ЕПА

Како што беше најавено, САД во средата, една минута по полноќ по вашингтонско време, воведоа глобални царини за увоз на челик и алуминиум, кои се однесуваат и на Европската Унија. Најавени се двостепени рестрикции (тарифи), кои покриваат 26 милијарди евра од извозот на ЕУ, што е многу над трговската битка што експлодираше во првиот мандат на Доналд Трамп

Воведувањето на глобалните царини од страна на САД за ЕУ е голем удар за Унијата, имајќи предвид дека американскиот пазар ѝ е многу важен во овој сегмент. Имено, ЕУ е трет најголем снабдувач на челик и алуминиум во САД.
Бидејќи овој потег на администрацијата на Трамп беше најавен уште во февруари, не треба да изненадува премногу. Меѓутоа, Брисел потајно се надеваше дека Трамп ќе се откаже од него, барем кога станува збор за ЕУ, со оглед на односите на алијансата, но и наеднаш изразената желба на Брисел за соработка, како што е уште поголем увоз на американски течен природен гас (ЛНГ) и нафта, на што Трамп секогаш инсистираше и ја критикуваше Унијата. На оваа нова кооперативност на ЕУ укажа и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својот неодамнешен говор на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, но очигледно е дека ништо не помогна.
Сепак, Европската Унија, исто така, стави до знаење дека е подготвена да ѝ одговори на Америка на таков начин. Во понеделникот, еврокомесарот за трговија Марош Шефчовиќ го повтори истото тоа, велејќи дека ЕУ „ќе ги заштити своите компании, работници и потрошувачи“.
– Не можеме повеќе да се потпираме на САД – тоа е новата реалност. Значи, мораме да бидеме цврсти и да возвратиме, тоа е единствениот лек – изјави еден висок дипломат од ЕУ за „Политико“.

Што ќе преземе ЕУ?

Во вторникот, Европската комисија соопшти дека повторно ќе воведе тарифи од 1 април како одговор на американските тарифи од осум милијарди евра, кои ќе ги вклучуваат иконските американски производи како што се мотоциклите „харли-дејвидсон“, бурбонот и фармерките. Од средината на април ќе започне дополнителни контрамерки во вредност од 18 милијарди евра, во согласност со одобрението на земјите членки на ЕУ.
– Длабоко жалиме за оваа мерка. Тарифите се даноци. Тие се лоши за бизнисот, а уште полоши за потрошувачите. Овие тарифи ги нарушуваат синџирите на снабдување. Тие внесуваат неизвесност во економијата. Работните места се во прашање. Цените ќе растат. Во Европа и во САД. Европската Унија мора да дејствува за да ги заштити потрошувачите и бизнисите – рече претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во изјавата рано наутро.

Р.С.


Во САД се чувствува импакт од воведувањето царини, но тоа е дел од долгорочната стратегија за раст и развој на новиот американски претседател

Краткорочна рецесија пред долгорочниот позитивен ефект за американската економија

Острата тарифна политика на Доналд Трамп има последици и за САД. Берзата деновиве повторно беше во минус поради најавените нови царини, што не е реткост во последните недели. Меѓутоа, за разлика од првиот мандат на Трамп, кога речиси спонтано користеше слични методи и кон ЕУ и кон Кина, тврдејќи дека тоа веднаш ќе ја оживее Америка и ќе ги врати индустриските гиганти во нивните матични пристаништа, овој пат е јасно дека Трамп има стратегија. Наместо да се брани на овој или оној начин (што е една од неговите карактеристики), тој сега отворено зборува за актуелните проблеми со високите цени како нешто што неговиот тим го очекуваше како неопходно по воведувањето на царините за странска стока. Трамп сега спомнува за можна краткорочна американската рецесија поради овие потези, но, сепак, ги нагласува трпението и долгорочниот позитивен ефект врз американската економија, а со тоа и врз потрошувачите. Првиот тест, според аналитичарите, ќе биде дури за две години на изборите за Конгресот.


Феноменот Русија

Според некои западни економски аналитичари, „руската индустрија ја покажа својата неверојатна отпорност во услови кога земјата де факто е во војна со целиот Запад на украинска територија“.
– Таа не само што издржа невидени санкции во последните три години туку и обезбеди доволно респектабилен економски раст во земјата во услови кога тој е минимален во речиси сите западни земји или некои се во рецесија – пишуваат тие.
Така, со дополнителна модернизација на производството, воведување модерни технологии и огромна база на суровини, никој никогаш нема да ја отпише Русија како развиена индустриска земја со сопствено производство на многу работи што ѝ се потребни. Но Русија ќе има уште долг пат за да постигне вистинска глобална конкурентност.
И како што се одвиваат работите, во тоа може да помогне не само стратегиската соработка со Кина туку и можните заеднички мегапроекти во Русија што Владимир Путин сега му ги нуди на Доналд Трамп за американски компании. Но, овој пат, за разлика од предвоената ера кога во Русија работеа многу поавтономно во однос на остварувањето профит, сега тоа ќе биде (предмет на нормализирање на деловните односи меѓу двете земји) во рамките на многу посилно партнерство на Америка со руските компании, како во однос на споделување на профитот така и во однос на технологиите.


Трка на САД со глобалните конкуренти

Трансатлантските трговски односи од 1,7 трилион долари беа клучни за повоениот просперитет на Западот. Но постојаниот американски трговски дефицит во последните децении создаде впечаток не само кај Трамп туку и кај многу обични Американци дека Европа ги „ограбува“ и ги искористува, како во однос на заедничката одбрана во НАТО така и во однос на трговијата, имајќи предвид дека американските стоки, како што се автомобилите или храната, подлежат на царини во ЕУ, за разлика од обратно. Затоа Трамп сега ги гледа тарифите како клучен долгорочен инструмент што ќе ја поправи ситуацијата со тоа што ќе ги принуди компаниите да ги вратат индустриските инвестиции и работните места во САД.
Со други зборови, Трамп сака да ги реиндустријализира Соединетите Американски Држави бидејќи е свесен дека без нив нема да може да биде во чекор со главните глобални конкуренти – првенствено Кина. Но и Индија – чија економска, технолошка, воена и секоја друга сила рапидно расте до тој степен што некои светски аналитичари веќе велат дека Индија наскоро ќе ја замени опаѓачката Европска Унија во глобалната трговија. Но има и други брзорастечки индустриски земји, како што се Бразил, Индонезија, Турција, заедно со богатите и сѐ помоќни арапски монархии предводени од Саудиска Арабија и ОАЕ. Се разбира, Русија не треба да се игнорира, и покрај нејзините сегашни проблеми поради вмешаноста во тригодишната војна во Украина.


Канада во шок

Пред неколку дена Трамп ја шокираше Канада објавувајќи дека нема да се држи до тарифите од 25 отсто за челик и алуминиум, кои стапуваат во сила на 12 март, туку наместо тоа ќе воведе царини од 50 отсто. Причината за ваквата остра промена беше одлуката на канадскиот регион Онтарио да воведе нови давачки од 25 проценти за електричната енергија што ја испраќа во некои северни сојузни држави на САД, што ја предизвика гореспоменатата лута реакција или закана од Трамп само неколку часа по одлуката. Очигледно функционираше, па Отава попушти, свесна за смртоносните последици за нејзината металуршка индустрија во такво ново сценарио. Провинцијата Онтарио брзо се повлече од гореспоменатата најава за зголемување на таксите за извоз на електрична енергија.
Она што сега најмногу го загрижува Брисел е дека понатамошните „реципрочни царини“ со кои се заканува Трамп ќе го погодат европскиот извоз на автомобили, лекови и храна. Затоа, не е премногу изненадувачки што, и покрај гореспоменатиот најавен остар одговор, Европската комисија ја остави отворена вратата за договор со Трамп, велејќи дека „останува подготвена да работи со американската администрација за изнаоѓање решение преку преговори“ и додавајќи дека нејзините мерки „може да бидат поништени во секое време доколку се најде такво решение“ (инфо: Политико, 12 март).