Вие ни пишувате
Јас сум Моника Јовановска, ученичка во трето одделение во ОУ „11 Октомври“ во Скопје и имам девет години. Одлична ученичка сум, како и повеќето мои другари и другарки од одделението. Можеме да се пофалиме дека многу убаво се согласуваме, никогаш не се караме и меѓу себе си помагаме.
Инаку јас многу сакам да читам книги, во секоја откривам и учам нешто ново, а исто така сакам и да цртам. До мојот омилен додаток за деца „Колибри“ испратив и неколку цртежи и се надевам дека ќе ви се допаднат.
Меѓу моите многубројни воншколски активности ќе ги споменам и: тренирањето одбојка и посета на часови по пеење и свирење на пијано. Одам и на курс по англиски јазик, а моја голема љубов е и хипхопот, а од скоро и се натпреварувам во мојата старосна категорија.
Ја сакам природата, а имам и свои миленичиња, кучето Џина и мачката Маза.
Секако, јас ги слушам и почитувам моите родители и им помагам во завршувањето на некои домашни обврски. Ете, од баба ми Петра научив да правам кифли, палачинки и вкусни колачиња.
Наоѓам време и за дружба со мојата помала сестра, која сѐ уште нема ни четири години. Заедно цртаме, боиме и раскажувам приказни, а играме и хипхоп.
Во оваа пригода сакам да ги поздравам сите деца во нашата прекрасна татковина Македонија и да им посакам среќно и безгрижно детство, исполнето со многу успеси, радости и убавини.

во ОУ „11 Октомври“ во Скопје