Освен во образовните установи, развој на училишни спортски лиги треба да стимулираме и во општините, да ги поддржуваме локалните спортски клубови и младите спортисти и да инвестираме во спортската инфраструктура, вели Малцев

Професор д-р Марјан Малцев:

Откако знае за себе, сѐ во животот на проф. д-р Марјан Малцев се врти околу спортот. Љубовта му ја пренел татко му Мишо, кој бил професор по физичко и основоположник на Малите олимписки игри, кои почнаа да се одржуваат1980-тите години. Како млад, Марјан се занимавал со многу спортови, а потоа почнал и стручно да се надградува и стигнал многу високо. Денес Малцев е професор на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, каде што предава: Основи на физичко образование, Основи на физичко воспитание, Физичко образование со методика, Физичко воспитание со методика. Магистрирал во Нови Сад, а докторирал на Факултет за физичка култура во Скопје и има звање доктор на кинезиолошки науки. Автор е на четири учебници од областа на методиката и на книгата „Физички развој преку игра“. Учебникот по физичко и здравствено образование на професорот може слободно да се преземе и на веб-страницата на УКИМ. Член е на голем број професионални здруженија и тела и национален делегат на Македонија во ФИЕПС-Европа, како и на уредувачки одбор на меѓународното научно стручно списание „Вестник“, кое излегува во Русија.

Бидејќи методиката на физичкото образование е ваша област, како би ја дефинирале?
– Методиката на физичкото и здравствено образование е научна дисциплина што спаѓа во кругот на педагошките науки, а поврзана е и со другите научни дисциплини што се занимаваат со воспитно-образовниот процес и унапредување на развојот на физичките и функционалните способности на организмот. Таа е самостојна наука, има свој предмет на проучување со кој се занимава, самостојно се развива и дава свој придонес во оспособувањето на идните наставници за реализација на програмските содржини на наставата по физичко и здравствено образование

Велат дека професорската работа е света. Какво е чувството да им се пренесува знаењето на младите генерации?
– Пред сѐ треба да се вложи многу во себе за да имате што да им пренесете на студентите. Но јас на моите студенти им велам дека ние сме „занаетчии“ и треба строго да си ја знаеме работата. Некој може да дипломира со десетка, но мора да почувствува како да се пристапи со детето, како да се постави со родителот, како да воспостави непосреден контакт, што е особено важно во најрана возраст. Секој час треба да се води менторски и педагошки. Професорот е господар на тие 45 минути и треба да се осмислат на најдобар и најкорисен начин.

Дали во вашите млади години ви беше важен спортот?
– Секако, тренирав кошарка за КК Работнички и за МЗТ. Пливав за Вардар, ракомет играв за Карпош. Во тоа време сите трениравме сѐ и не се насочив кон ниеден спорт, иако секој ми донесе некаква бенефиција. Порано многу се обрнуваше внимание на физичката активност, од најмала возраст. Драго ми е што и моите четири деца тргнаа по моите стапки, сите се активни и тренираат нешто. Средниот син е стручен соработник на Факултетот за физичка култура, ќерка ми е студентка на тој факултет.
Каква е состојбата денес, дали тој спортски дух го има уште меѓу децата?
– Од практиката што ја имаме со студентите, гледаме дека денес повеќето од децата, грубо кажано, не знаат ни по скали да се качат, а освен тоа многу се зависни од родителите и постојано се со телефонот во рака или пред компјутер. Сега правам едно истражување меѓу ученици од три училишта, поврзано со физичкиот развој на децата, и кога ги обработив податоците, дојдов до поразително сознание. Обемот на градниот кош кај децата се намалува, како резултат на намалената физичка активност. Пет години работам на тоа, истите деца се мерат, ги има околу 70 и навистина ме вчудовиде овој податок.

Освен физички девијации, што се случува денес со децата психички?
– По појавата на короната, кога сите се затворивме во четири ѕида, сѐ запре во областа на спортот кај нас. Сега децата, за жал, веќе не знаат да се дружат, тешко зборуваат, доцна проодуваат и прозборуваат, сѐ помалку се физички активни. А познато е дека физичката и мисловната активност се поврзани. Секој родител треба да го следи развојот на детето и веднаш да реагира. Токму затоа основите на физичкото образование треба да се постават од најмала возраст.

Што се прави во светски рамки на тоа поле?
– Во Русија, на пример, во училиштата имаат сали за сите спотови и неопходни алатки. По 24 часа работат во училиштата бесплатно. Во Словачка, Словенија, Бугарија, Косово…, секаде е подобро отколку тука. Кај нас постојано нема пари, нема волја, нема реквизити, нема сали, а тоа го гасне и сѐ помалиот ентузијазам кај професорите и наставниците, кои со години очекуваат поддршка за реализирање на нивните идеи.

Што треба да се стори за работите да тргнат на подобро?
– Според мене, треба да се врати спортот во училиштата. И сега има училиштен спорт, но сега се работи со ученици што веќе тренираат. Наставниците самоиницијативно треба да откријат кое од децата за што го бива, а би било убаво да им се скрати фондот на часови на 20 и два часа да работат плус со учениците. Учениците сега имаат по три часа физичко, и тоа е во ред, но прашање е како се користат. Сега веќе сите спортски активности се приватизирани, а порано сѐ беше бесплатно во училиштата, имаше многу спортски активности и беше голем интересот меѓу децата за занимавање со одделени спортови. Исто така посакувам повторно да се активираат клубовите Партизан, таму израснаа многу здрави генерации. Исто така треба да се искористи еуфоријата по секој меѓународен успех на нашите спортисти. Потребно е и ората и танцот да се вратат на часовите по физичко, како и пливањето. Освен во образовните установи, треба да стимулираме развој на училишни спортски лиги и во општините, да ги поддржуваме локалните спортски клубови и младите спортисти и да инвестираме во спортската инфраструктура.

Вие сте дел од меѓународната асоцијација што се грижи за физичкиот развој и за спортски активности ФИЕПС. Која е вашата улога и како таа да се вклучи во нашето образование?
– ФИЕПС е најстара организација во светот од областа на физичкото воспитание и образование и потекнува од Бразил. Во превод кратенката значи: интернационална федерација за едукација, физичко образование и спорт. Јас сум претседател на ФИЕПС Скопје, што има ингеренции за цела Македонија и сум национален делегат на Македонија веќе 15 години. Токму поради тој ангажман, конгресот по повод 101 година на ФИЕПС го организиравме во Охрид, од 30 мај до 2 јуни годинава. И претседателката Гордана Силјановска-Давкова нѐ почести со своето присуство на отворањето. Инаку, главна тема на конгресот беше „Холистички пристап во физичкото образование и модерни трендови во спортската наука“.

На конгресот добивте високо признание, за што станува збор?
– Мене ми беше доделена европска награда, која досега никој во Македонија ја нема добиено. Тоа е признание за интернационална соработка и афирмација на физичкото образование во Европа. Почестен сум и наедно тоа за мене ќе биде поттик за уште поголем ангажман на ова поле.

Кога би го опишале со неколку збора влијанието на спортот врз развојот на младите луѓе?
– Спортот им дарува здравје на младите, ги социјализира, ги поттикнува на дружење, развива чувство на патриотизам, на припадност, работливост, трудољубивост, дисциплина, упорност и стекнување самодоверба. Здрава личност се создава од најмала возраст и затоа се потребни добри едукатори, кои ќе бидат во спрега со родителите, кои треба максимално да им се посветат на децата. Само со многу љубов и труд ќе создаваме здрави генерации!