Студиите покажуваат дека секој втор Грк нема да оди на одмор годинава бидејќи просечната плата останува ниска
Од штанд свртен кон фериботите закотвени во Пиреј, Тасос Пападопулос проверува билети за патниците што се упатуваат кон островите на Саронскиот Залив. Во жежок летен ден тој ги гледа автомобилите и камионите што се редат за да ја преминат челичната рампа до бродот што се упатува кон Егина. Минатата година редиците беа многу подолги.
– Се чини дека луѓето не патуваат. Сообраќајот за време на викендот е погуст, но продажбата на билети е намалена, би рекол, за 50 отсто – вели тој кревајќи ги рамениците.
Овие острови се популарни токму поради нивната близина до Атина. Во 2024 година Егина привлече повеќе од два милиона посетители, многумина од нив Грци што водат сметка да заштедат, привлечени од прифатливите цени за ферибот што води до островот.
– Во ова време минатата година сите лежалки таму беа полни до 10 часот наутро. Годинава тие се празни. Познавам луѓе што се занимаваат со водени спортови низ целата земја и сите го велат истото, тој бизнис е во опаѓање. Згора, Егина е релативно евтина – вели Константинос Цантас, кој води бизнис за водени спортови на бреговите на Пелопонез.
Секој втор Грк не може да си дозволи летен одмор годинава
Годинава ќе биде запаметена како година во која Грците одлучија да се откажат од својата годишна посета на плажите во текот на летниот одмор. Овековечени од пејачи и текстописци, поети и кинематографи, безгрижните радости на летото за многумина станаа жртви на суровата реалност на врзување крај со крај.
– Нашите студии покажуваат дека секој втор Грк нема да оди на одмор годинава. Додека пред 10 години луѓето земаа 20 или дури 30 дена одмор, летово тоа е помалку од една седмица. Подалечните острови се далечен сон за многумина Грци. Кој може да си дозволи да плати 450 евра за билети за брод, колку што би го чинело четиричлено семејство со автомобил, кога просечната плата е 1.342 евра месечно – објаснува Такис Калофонос, главен финансиски советник во ЕЕКЕ, синдикатот на вработени потрошувачи на Грција.
Големиот августовски одмор – честопати центриран околу верскиот празник Успение на Пресвета Богородица, на 15 август, за многумина е сведен на денови поминати со семејството или пријателите во села што не излегуваат на море.
– Би сакала да поминам време на Аморгос, но одењето на толку далечен остров е едноставно недозволено. Не можам да платам 200 евра за соба за ноќевање. Сите мои пријатели се во иста позиција, а сите имаме завршени постдипломски студии. Летово земаме неколку дена одмор, тука и таму – вели Исмини Балале, која има 28 години и се бори да врзе крај со крај со плата од 850 евра месечно во малопродажниот сектор.
Европската агенција за статистика „Евростат“ неодамна ги потврди наодите на ЕЕКЕ, објавувајќи дека 46 отсто од Грците не можеле да си дозволат еднонеделен одмор минатата година, што е за 19 отсто повеќе во однос на преостанатиот дел од ЕУ.
Во Атина понекогаш се случуваат незамисливи сцени за август: системот за јавен превоз е преоптоварен; сообраќајот во центарот на градот едвај се намалува; местата во кината на отворено се распродадени, а баровите и рестораните за брза храна се преполни со млади Грци што не можат да „избегаат“ на одмор.
– Тие зборуваат за економското закрепнување на нашата земја, но ниту еден од тие позитивни индекси не влијае на луѓе како мене. И не мислам дека на оваа влада многу ѝ е грижа – вели Балале
Парадоксално, делумно затоа што Грција е толку совршено место за одмори, Грците сè повеќе не можат да си ги дозволат. Доаѓањето на 36 милиони патници минатата година, речиси четири пати повеќе од тамошното население – обезбеди медитеранската земја да биде едно од 10-те најпосетени туристички места во светот. Секторот донесе проценети 21,7 милијарда евра приходи во 2024 година, помагајќи ѝ на Атина да го намали својот огромен јавен долг од 180 отсто од БДП (колку што изнесуваше кога земјата беше најзадолжена) на 153,6 отсто.
Туристичкиот успех ги зголемува цените
Но додека туризмот е моторот на грчката економија, обезбедувајќи барем едно од пет работни места, успехот резултира и со зголемување на цените. Платите, пак, стагнираат, надминати од стапките на инфлација, кои се далеку над оние во другите земји од ЕУ, предизвикувајќи стрмен пораст на трошоците за живот. Оние што успеваат да одвојат пари велат дека сè повеќе сметаат оти е поевтино да се одморат во странство отколку во Грција. Анкетата на Алко во јуни откри дека брзорастечките трошоци за сместување, билетите за ферибот и цените во рестораните се главни пречки за патување.
– Грците се лишени од уживање во она што некогаш беше културна и религиозна традиција, во празничниот август. Со намалување на расположливите приходи, ова искуство многумина едноставно не можат да си го дозволат – вели професорот Христос Пителис, експерт за индустриска економија и за туристичко-угостителскиот сектор на Универзитетот во Саутемптон.
Со оглед на тоа што средната класа е најтешко погодена од мерките за штедење што беа воведени за спасување на банкротираната грчка економија од страна на меѓународните кредитори пред една деценија, премиерот Киријакос Мицотакис рече дека мерките за помош ќе дојдат. Неговата централнодесничарска влада вети дека ќе ги намали даноците и ќе ја зголеми просечната месечна плата на 1.500 евра до 2027 година.
Но, Грците се свесни дека додека странските посетители можат да уживаат во природната убавина и другите радости на нивната земја, таквите задоволства за нив станаа горчливо-слатко сеќавање.
– Ние сме Тајланд на Европа; ние нудиме услуги за другите да уживаат. Додека странците ги живеат своите соништа во Грција, ние го доживуваме остриот крај на сè што е лошо во неа. Кој сака да оди на одмор кога му велат дека сметките за струја, или што и да е, ќе се зголемат? Мислам дека вредноста на парите почнува да опаѓа, сега кога не можеме да си дозволиме да земеме ниту една недела одмор, па излегува дека ние Грците сме вистински губитници – заклучува Арис Апикијан, додека прима туристи пред продавницата за теписи во која работи во центарот на Атина.