ВИЕ НИ ПИШУВАТЕ: OOУ „ПЕТАР ПОП АРСОВ“ ОД СКОПЈЕ ШЕСТ ГОДИНИ ИМА СВОЕ ЕКОКАТЧЕ
Мојата приказна „Екодвор – екокатче“ настана сосема случајно пред пет години кога ми ја доделија задачата од моето училиште да бидам координатор на проект, за да учествуваме на натпреварот организиран од Општина Карпош „Избор на најдобро уреден екоучилиштен двор во Општина Карпош и подигање на свеста на учениците, родителите, наставниците за важноста на животната средина“. И така секоја година од една скица, идеја, се раѓа ново екодворче во нашето училиште, ново место за дружба и учење и нови симпатии. Место каде што учениците ќе можат на еден интересен начин да учат за важноста од одгледувањето здрава храна без употреба на пестициди, да научат повеќе за видовите билки, овошје и зеленчук, да се стимулира интересот на учениците за градинарство и одржување на растенијата, да научат за врската меѓу земјоделството, храната и животната средина, да ги збогатат знаењата за процесите на селектирањето, рециклирањето и реупотребата на материјалите, да се развие свеста кај учесниците за важноста на заштитата на животната средина и користењето рециклирани материјали за изработка на корисни предмети, да се развие свеста за одржливиот начин на живот и, секако, да се поттикнат учениците да бидат креативни, но сето тоа преку процесот на искуствено учење.
Во целиот процес на создавање екодворчињата внимавам да користам материјали што се рециклирани (ги собирам во текот на целата година) и потоа ги реупотребувам на еден нов начин. Учениците учествуваат во целиот процес на создавање екодворчињата од изработка на саксии, засадување на семињата, расадување и, се разбира, на крајот грижа за растенијата. Но да не ги заборавиме и родителите, кои секогаш помагаат.
Секоја година е нова приказна. Од изработка на места за изразување емоции, оставање камен со порака, летниковци со покрив насликан со планети, места за собирање дождовница, места за компостирање, селектирање, музички катчиња со тенџериња и лимени кутии… навистина многу работи за овие пет години.
Оваа година за првпат решивме да учествуваме на натпреварот, но со место што ќе биде внатре во училиштето и се роди едно топло катче исполнето со многу растенија, цвеќиња, но и билки (рузмарин, нане, мајчина душица), а посеавме и семе од спанаќ. За екокатчето користев природни материјали, направивме маса со Не лути се човеку од трупец од дрво, кое зимово ни падна во училишниот двор, и масичка каде што учениците ќе можат да учат за сообраќај изработена од палети, кои ни останаа од минатата година. Портрети, кои наместо на платно, ученици ги насликаа на табли од јајца, кои ги зедовме од училишната кујна, украси од цветови од кутии за јајца. За првпат оваа година внесов и мала библиотека, која ја создадовме од книги што ги донираа децата, но со идеја секое дете да може да си земе книга, но и да остави книга што ја прочитало. Поставивме и четири големи перници за седење лејзи бег. Па кога ќе поминам и ќе видам како седат ученици и уживаат, знам дека целта е исполнета.
Морам да се пофалам дека скоро секоја година освојуваме награда, едно прво и две втори места за овие пет години. Оваа година освоивме второ место и парична награда од 50.000 ден. Секако, за да биде приказната успешна треба да се има и добар тим и поддршка од директорот, колегите, учениците, родителите, семејството. Ние сме мал тим, но со една заедничка цел, да направиме место каде што учениците, но и наставниците ќе се чувствуваат пријатно.
Славица Несторовска Дамјанска,
наставничка во ООУ „Петар Поп Арсов“ во Скопје