- Ормускиот Теснец не е само морски премин. Тој е место на „глобалната средба“ на енергентите, на пивката вода, на храната, а и на геополитиката и глобалната економија. Затворањето на оваа артерија би предизвикало тројна криза: глад, жед и енергетско-економски шок. Затоа, борбата за Ормускиот Теснец е повеќе од регионален конфликт. Тоа е дел од поголема геополитичка борба за контролата врз ресурсите што ќе ја дефинираат иднината на дваесет и првиот век. И можеби токму таму (некои аналитичари дури и се сигурни), во тој тесен морски коридор, се наоѓа една од точките на светската карта каде што може да се реши, или токму сега се решава, идниот баланс на светската моќ!
Во светската геополитика постојат места што изгледаат мали на картата, но имаат голема специфична геополитичка и геостратегиска тежина. Едно од таквите места е Ормускиот Мореуз, морскиот теснец, за кој повеќепати досега пишувавме и анализиравме. Тоа е тесниот морски премин меѓу Иран и Оман што го поврзува Персискиот Залив со Индиски Океан, а во реалноста Ормускиот Теснец е „артеријата на глобалната економија“.
Но ако досега пишувавме за количествата и динамиката на движењето на енергентите од овој регион, преку Ормуз до целиот свет, овој пат тежиштето ќе го насочиме кон фактот што војната стравотно го „загрозува обезбедувањето храна за државите во тој регион“ и второ, ќе се осврнеме и на „прашањето за пивката вода“, поточно на технологијата што им обезбедува вода за пиење токму на овие држави од регионот на Блискиот Исток, затоа што тој ресурс (пивката вода) таму е исклучително дефицитарен.
Токму затоа, во целата игра околу Ормуз не се клучни само енергентите туку, според светските аналитичари „водата и храната чинат есенцијален дел од геостратегиската игра за контрола на целиот регион на Блискиот Исток“! Во продолжение, за читателите на „Нова Македонија“, ги изнесуваме аргументите за оваа теза…
1. Зависноста од храна на „пустинските“ држави
Парадоксот на Заливот е очигледен. Имено, најбогатите држави во светот се истовремено и едни од најзависните од увоз на храна. Причината е едноставна, а тоа е стравотниот недостиг и „дефицит на вода и храна во пустината“!
Имено, недостигот од вода, плодна почва и поволна клима значи дека нивното локално земјоделство не може да ги задоволи потребите на населението (во оваа смисла беше и нашата неодамнешна анализа за „Суверенитетот на пивката вода“ и „Суверенитетот на храната“, а се однесуваше на антиципирани позиции за она што всушност значи тоа за Македонија – н.з.).
Затоа огромен дел од храната на Блискиот Исток пристигнува по море, и тоа на пример, жито од Европа и Русија, месо од Австралија, овошје и зеленчук од Азија и Африка… Градовите како Дубаи, Доха или Кувајт се модерни мегаполиси што живеат благодарение на оваа (глобална) трговија. Ако морските линии се прекинат, последиците би биле стравотни во смисла на раст на цените на храната, недостиг од основни производи, социјална нестабилност итн. Ете, во оваа смисла, Ормускиот Теснец не е само енергетски премин. Тој е „комуникациска сообраќајна линија“ што ја храни пустината.
Оној што го контролира овој теснец, овој пат контролира и колку ќе биде гладна или сита популацијата на Блискиот Исток!
2. Пивката вода, вистинскиот животен човечки крвоток на Заливот
Според врвните аналитичари, постои уште една уште подлабока зависност. Тоа е – водата! Заливските држави имаат едни од најмалите резерви на природна пивка вода во светот. Но тие го најдоа решението во технологијата наречена „десалинизација“, односно процес со кој „морската вода се претвора во вода за пиење“.
Во оваа смисла, токму Персискиот Залив денес е глобален центар на оваа технологија. Илјадници километри од брегот се покриени со огромни индустриски комплекси што ја претвораат солената морска вода во ресурс за живот. Во некои држави зависноста од оваа технологија е драматична, што значи буквално – „од животно значење“.
На пример, во Кувајт, речиси целата пивка вода се добива на овој начин. Понатаму во Саудиска Арабија, голем дел од урбаното снабдување со пивка вода се обезбедува преку десалинизација. Да споменеме и дека Обединетите Арапски Емирати, огромен процент од потребите за пивка вода ги обезбедуваат преку системите за десалинизација. Тоа значи дека големите градови од Заливот постојат благодарение на инженерски систем што работи 24 часа дневно. Ако тие постројки престанат да функционираат, милиони луѓе би останале без вода за само неколку дена.
Новата формула „три во едно“ – ранливост на Блискиот Исток: храна плус вода плус нафта…
Според гореспоменатата „иновативна“ формула, Заливот има три критични точки на ранливост. Првата е веќе добро познатата нафтена инфраструктура, втората се морските трговски маршрути и синџири за снабдување со храна, и третата се десалинизациските постројки. Во модерната стратегија тие се гледаат како еднакво важни цели.
– Ако напад врз рафинерија значи економски удар, а блокада на теснецот значи трговско-снабдувачки шок и прекин на синџирите за снабдување со храна, тогаш евентуалното уништување на десалинизациски капацитет значи егзистенцијална криза и за мене тоа е првата и највисока опасност што постои во ваквата беспоштедна војна, од обете страни – велат нашите соговорници, воени аналитичари, кои предупредуваат дека во идните конфликти водната инфраструктура може да стане една од најчувствителните цели поради опасноста од вовлекување на целиот регион во стравотна војна.
– Второ… и американската стратегија е насочена малку повеќе од само контрола на нафта или гас. Со децении присуството на САД во регионот се оправдуваше со стабилноста на енергетските пазари. Но современата геополитика покажува дека интересите се многу пошироки. Контролата врз Ормускиот Теснец значи контрола врз енергетските текови, но и контрола врз трговските коридори и поморските линии што ги поврзуваат Европа, Азија и Африка. Тоа значи контрола врз водната инфраструктура и, што е најважно, контрола на технологијата и енергијата што ја одржуваат десалинизацијата, а со тоа и контрола на сите заливски земји, вклучително и сегашниот нивен противник Иран – тврдат нашите соговорници.
Имено, во центарот на оваа геополитичка равенка стои Иран. Неговата географија му дава огромна предност. Северниот брег на Ормускиот Теснец е под иранска контрола, што значи дека Техеран има потенцијал, барем теоретски, да го блокира преминот. Ова го прави Иран клучен фактор во глобалната стратегија на САД. Во стратешка смисла, ограничување на иранското влијание значи безбедност на енергетските маршрути, стабилност на заливските монархии, контрола врз клучната поморска артерија…, тврдат наши соговорници, експерти за Блискиот Исток.
Големата игра и новите сили на Истокот
Геополитичката равенка на Блискиот Исток и особено на Ормускиот Теснец повеќе не е толку едноставна. Можеби никогаш не ни била, но со новите технологии и научни приоди, во сите сфери на цивилниот и на воениот пристап, сега тој регион значи и чини многу повеќе. Но во регионот се појавуваат и старите, но и нови актери и засегнати страни.
Кина е најголемиот увозник на нафта од Заливот. Русија има стратешко партнерство со Иран. Економскиот блок БРИКС постепено се обидува да создаде алтернативен финансиски систем надвор од доларот, за што пишувавме во вчерашниот број (за дедоларизација преку трговијата со нафта (со јуани), а тоа како услов Иран да го ослободи Ормускиот Теснец).
Ова ја претвора борбата за Ормускиот Теснец во дел од поголема трансформација на глобалниот поредок. Да не заборавиме дека во регионалната игра постои уште еден важен фактор, а тоа е Израел. Фактот дека Израел ги нормализира односите меѓу Тел Авив и дел од заливските држави, сега отсликува една нова блискоисточна безбедносна архитектура. И токму во таа рамка, државата Иран се гледа како заедничка закана, а безбедноста на поморските линии станува висок политичко-безбедносен и економски интерес, додека технолошката соработка (вклучувајќи вода и агротехнологија) станува стратешки инструмент на геополитиката и геостратешката превласт до тој регион. П.Р.
































