Фото: „Нова Македонија“

Суверенизмот ги удира темелите на новиот свет (2)

За да се направи не многу опширен, но квалитетен осврт кон суверенизмот, неопходно е да се направи компаративен приод на нешто што е дијаметрално спротивно на суверенизмот: а тоа се либералната идеологија и неолиберализмот. Ние во Македонија долго време се справуваме со либералниот концепт, односно т.н. либерална демократија, со нејзините теории, нејзините програми, нејзините цели, стратегии, институции и инструменти… До неодамна, ние самите бевме под нејзина одлучувачка контрола и влијание, а можеби и на некој начин сè уште сме. Многу од овие позиции на либералниот концепт ги прифативме автоматски и некритично (а некои со притисоци и ултиматуми), при што се надевавме дека со тоа безрезервно прифаќање на (нео)либералната доктрина ќе бидеме автоматски прифатени во развиениот свет. Но се случи нешто наполно спротивно: Со прифаќањето на либералниот концепт, нашата нација и држава беа безмилосно деноминирани и бевме принудени да се откажеме од нашиот идентитет и инсигнии.

Која е всушност вистинската природа на либералниот концепт?

За либералната идеологија, предмет на интерес за моделирање е целото човештво, кое, според тој концепт, „треба да биде обединето, да се движи и да се зајакнува во рамките на еден униполарен модел“. На прв поглед, идејата е многу привлечна, бидејќи навидум суштината е замаглена со една хумана, општочовечка компонента на „човечка обединетост, разбирање, проток на луѓе, идеи и капитал“… Но кога се истражува подлабоко, либералниот концепт подразбира и „лидерство на човештвото, во пошироки глобални рамки, што подразбира наднационални структури што би биле под раководство на либерални елити“. Во еден таков контекст, „глобалната хегемонија на западните демократии, според либералната идеологија, мора да се зајакне во рамките на униполарен модел, а потоа треба да се направи транзиција кон неполарен свет“.
Едноставно кажано, националните држави мора постепено да ги префрлат своите овластувања на наднационални структури (на пример во облик и функции како што е сега ЕУ, раководена од либералните европски елити).
Поддржувачите на овој концепт се присутни практично во секое општество, честопати на клучни позиции во политиката, економијата, бизнисот, образованието, науката, културата и финансиите. Во суштина, модерната и сегашна меѓународна елита (претежно либерална, без оглед на општеството) е токму таа инфраструктура врз која се потпира таков глобалистички проект што го задушува суверенизмот на националните држави и го релативизира колективниот идентитет на народите.
Глобализмот е суштинска спротивност како доктрина на традиционализмот и вредностите, кои историски со себе ги создале и ги носат народите, нациите, етникумите, а и во основа семејствата, природно родово хетерогени.
Имено, либералната идеологија е еден екстремен индивидуализам што ги отфрла сите форми на колективен идентитет – етнички, религиозен, национален, родов – па дури и припадност кон самиот човечки вид, како што се рефлектира во програмите на трансхуманистите и соодветните неолиберални поборници. Промоцијата на нелегалната миграција, родовата политика и заштитата на сите малцинства, вклучително и критичката теорија на расата, се составен дел од либералната идеологија. Тука, наместо нации и народи, се појавуваат чисто квантитативни множества. Во еден таков контекст, тие активно промовираат методи на тоталитарна контрола врз општеството, сè до создавање биолошки профил на секоја индивидуа, складиран во големи датотеки.

(Нео)либералната идеологија сѐ уште е политичкиот компас на големите европски земји и на самата ЕУ и сѐ уште е исклучително моќна во САД

Глобализмот како таков заедно со глобалната (длабока) држава е моќен, многу сериозен, добро фундиран и длабоко вкоренет феномен. И би било непромислено да се отфрли брзо. Овие структури сè уште ги контролираат големите европски земји и самата Европска Унија и сѐ уште се исклучително моќни во САД.
Либералната идеологија што доминираше на Западот (и светот како целина) неколку децении стана особено силна по распадот на Варшавскиот пакт и СССР. Но станува сѐ повеќе очигледно дека либералната идеологија веќе целосно го исцрпи својот потенцијал. Таа не успеа да ги исполни задачите на глобалното лидерство.
Имено, за издвојување е дека со појавата на Трамп се случи пресврт.
По доаѓањето на власт, Трамп во суштина се зафати со одвојување на САД од колективниот западен систем, со „уривање на структурите на глобалната длабока држава и распаѓање на онлајн екосистемот што либералите го градеа со децении“.
И од самиот почеток, тој го стори тоа отворено и одлучно. Илон Маск, преку својата социјална мрежа Икс, ја презеде улогата на антисоросовска фигура и почна активно да ги поддржува суверенистичките и традиционалистички сили во Европа и во Африка, директно спротивставувајќи им се на глобалистите.
Трамп и неговите поддржувачи, кои победија на изборите во САД есента 2024 година, се радикални противници на либералниот глобализам. Ова не е моментално или партиско прашање. Тоа е сериозно и фундаментално прашање.

Претседателот на САД наспроти либералниот интернационализам

Геополитиката на Трамп претставува сосема поинаква слика од онаа на глобалистите. Тој го отфрла либералниот интернационализам, бара премин кон реализам во меѓународните односи и го прогласува националниот суверенитет на Соединетите Американски Држави како голема сила за највисока цел. Тој ги отфрла сите аргументи во корист на давањето приоритет на напредокот на либерализмот на глобално ниво на сметка на американските интереси. Трамп е решен да ја укине либералната глобализација во сите нејзини димензии, предлагајќи ја својата визија за глобална архитектура. Трамп категорично ја отфрла идејата за укинување на националните држави.
Трамп дава безусловен приоритет на националниот суверенитет и, во суштина, тука е нашата нова шанса!
Таа нова шанса некои од нас ја препознаа, но за оние што не можат, „Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе пишува за повеќеслојноста на суверенизмот и во тој контекст, за повеќеслојноста и на македонскиот суверенизам, кој доживува длабока ерозија нешто повеќе од три децении.
Редакцијата се надева дека со серијалот од неколку продолженија ќе фрли дополнителна светлина на новите и уште потешки предизвици исправени пред нашата нација и држава, а на јавноста ќе ѝ овозможи да се отворат нови и пошироки видици за чекорење по патот што чека да биде изоден во блиска иднина.

(продолжува)