Што мислат за Македонија, земјата во која се родени, основците од ООУ „Ј.А. Коменски“ – Скопје

Пред шест години, во издание на НИК „Нова принт“ излезе од печат книгата на авторката Марија Таушанска – „Татковината во детските срца“. Всушност тоа беше финале на проектот спроведен заедно со учениците и вработените во ООУ „Јан Амос Коменски“ – Скопје, во учебната 2018/2019 година, во чии рамки беа опфатени учениците од трето до деветто одделение, кои одговараа на прашањето: „Што е татковина?“
– Одговорите на учениците на прашањето што претставува за нив татковината се искрени, со избрани зборови, извираат директно од нивните детски срца. Токму таа нивна чиста мисла и љубов ме поттикнаа овој проект да добие една своја целина, со учество на познати писатели за деца, но и на оние што допрва ја почнуваат својата писателска кариера и потрага по вистинските зборови и, на моја голема радост, сите веднаш и со огромно задоволство прифатија да учествуваат со свои песни за татковината. Се надевам дека во овие чудни времиња мудрата детска мисла за татковината и сите стихови на нашите писатели за деца што ја опеваат нашата лулка, дом, сегашност и иднина, ќе придонесат уште долго татковината да има важно место во срцата на денешните ученици, но и на оние што ќе седнат во училишните клупи по нив. Ќе ми биде многу драго доколку со овие размислувања, стихови и рими дадеме мал придонес почесто да се размислува позитивно за татковината и за она што таа ни го дава и овозможува, и начинот на кој ние ѝ возвраќаме – вели Марија Таушанска.
Во оваа пригода ќе прочитате дел од одговорите на учениците од трето, четврто и од петто одделение, на кои несомнено нивната татковина Македонија им е во срцата.

Одговори на учениците од 3-б одделение

Татковината е мое богатство.

Марин Крстевски

Татковината е моето злато.

Исидора Исјановска

Татковината најмногу ја сакаме.

Јана Јакимовска

Татковина е нашиот единствен роден крај.

Андреј Ѓурчиновски

Татковината е наш бисер.

Павел Ѓиновски

Татковината е наш дом.

Ана Стојчевска

Татковината е нешто најубаво.

Тамара Петкова

Татковината е наш живот.

Калина Конеска

Одговори на учениците од 3-в одделение

Татковина е земјата на која ѝ се радувам.

Симона Николоска

Татковина е место каде што се чувствувам најсигурно, најсреќно и најубаво.

Деа Димовска

Татковина е моето семејство.

Давид Стоичковски

Татковина е мојот роден крај и се чувствувам безбедно, слободно и најубаво.

Ана Милошевска

Татковината е моја слобода.

Дарјан Атанасовски

Татковината е нашата прва мајка.

Благоја Илиевски

Татковина е местото каде што сум роден, татковина е местото на кое му се радувам, татковина е местото каде што сум безбеден, татковина е местото каде што сум слободен.
Лука Ветеров

Татковина е местото каде што сум роден, каде што сум израснат и каде што си зборувам на мојот мајчин јазик.

Борјан Бошевски

Татковина е местото за кое би го дал својот живот, каде што живееш или од каде што потекнуваш.

Мартина Атанасова

Татковината е мојата земја што ме брани од другите.

Мелани Цветанова

Татковина е земјата во која се чувствувам убаво и јас би се борела за да биде слободна.

Андона Марија Станкоска

Татковина е местото каде што живеам, учам, каде што живеат моите родители, јазикот на кој зборувам.

Михаил Робев

Татковина е мојот роден крај, татковина е мојот живот.

Ирина Пиштолова

Одговори на учениците од 4-а одделение

Татковината ни вели: Јас сум вашиот најсилен татко, сета ваша лоша крв ја претворам во убаво црвено вино.

Теодора Георгиевска

Татковината за мене е најсветото нешто на свет. Таа е најубавото сонце што нѐ грее.

Бранко Секулоски

Татковината е сонце што нѐ грее со радост и среќа нѐ смее. Татковина е радост што нѐ грее, среќна фамилија на сонце си пее.
Бранислав Поповиќ

Нашата татковина е како цвет, како детелина со четири листа, црвен цвет што сјае, најтоплото сонце што во секој миг ме смее. Татковината наша е преполна со сите најубави нешта на светот.

Ива Гончева

Мојата татковина е прекрасна, со чиста вода и зелена трева и сонцето нас што нѐ грее, нѐ гушка и бескрајно нѐ смее. Нашата татковина е сончев зрак што поминува и низ тмурните и црни облаци.

Леона Мијалковска

Татковино, татковино, ти си сѐ за мене. Јас тебе многу те сакам. Премногу си убава! Јас не те давам никому.

Георгиј Димитриев

Одговори на учениците од 4-б одделение

Татковина е местото кај што сме родени, нешто убаво и нежно и многу силно!
Татковината е најубавото нешто за секој човек.

Сара Николовска

Татковина е таму каде што сме родени, но не само ние туку и нашите родители. Нашата татковина за нас е цвет, таа нѐ штити од секоја самотија. Нашата татковина се вика Македонија.

Матеа Саздов

Татковината е најубавото нешто на светот, но и најсилно.

Лука Н.

Татковина е нашата родна држава, која треба да ја чуваме и штитиме од ѓубрето и хемикалиите. Тоа претставува за мене татковината!

Мина Манасијевиќ

Татковината е најдобра држава за секој човек.

Стефан С.

Татковина е најубавото нешто за секој човек.

Антонија

Одговори на учениците од 5-а одделение

Татковина претставува место каде што живееш, каде што си се родил. Јазикот што ќе го научиш, на тој јазик зборуваш засекогаш. Иван Ваневски
Татковина е местото каде што си роден и каде што растеш, каде што ти е семејството, каде што си среќен!

Марија Сталменов

Според мене, татковина е државата каде што сум се родил, растам и живеам. Со еден збор – Македонија.

Јован Велковски

Татковината треба да се сака, па така, никој ќе си нема мака!

Исидора Мицова

Татковина е родната земја каде што сме се родиле и живееме. На пример, јас живеам во мојата татковина Република Македонија и секогаш, каде и да одам, повторно ќе го зборувам мојот мајчин јазик и повторно ќе се вратам во мојата татковина.

Ангела

Јас многу си ја сакам својата татковина.

Стефан Грујоски

Одговори на учениците од 5-б и 5-в одделение

Татковина е нашата најубава, најсакана, најмила држава.

Ана Чивлачки

Татковина е местото каде што сум се родил и сум живеел 10 години, засега.

Давид Николоски

Татковина е местото каде што сме родени и каде што растеме. Мојата татковина се вика Македонија. За секого неговата земја е негова татковина и секој треба да ја чува својата татковина.

Даријан Главинац

Татковина е: родното место на секој човек, каде што секој си го започнува својот живот. Татковината за секого е најдоброто и најсаканото место.

Дамјан Ристески

Татковина е нашата држава. Мојата татковина е Македонија.

Давид Трајков

Татковина е местото каде што сме родени и од каде што сме. Сите треба да си ја сакаме и почитуваме својата татковина.

Љубомир Лука

Татковината е сѐ што имаме и најубавото нешто.

Андреј Атанасовски


Мојата татковина

Мојата куќа и тато и мама
и мојата топка и мојата пижама,
мојата баба, сестричката мала,
и градинката, играчките
и другарот палав
и сѐ што е радост, и сѐ што сакам
и сѐ што се вика пријателска рака.
И небото горе и сината боја,
тоа е татковината моја!

Томе Арсовски