Фото: Приватна архива

Успеси на меѓународни фестивали

Тамара Грујеска (14) минатата недела имаше одличен настап на фестивалот „Сан Ремо јуниор“, во истоимениот италијански град, на кој беа пријавени повеќе од илјада кандидати.
Иако имаше голема конкуренција, младата пејачка од Македонија со својот настап се избори да биде меѓу 25 финалисти и на крајот го освои третото место.
Таа настапи во конкуренција на млади пејачи од Казахстан, Белорусија, Франција, Јужна Африка, Црна Гора, Молдавија, Индонезија, Бугарија, Австралија, Италија, Украина, Бразил, Германија, Аргентина, Азербејџан, Финска, Узбекистан, Индија, Австрија, Романија, Русија, Тајланд, Ерменија и од Малезија.
Тамара пееше на големата сцена во театарот „Аристон“ и ја исполни евровизиската песна „Rise Like a Phoenix“, а беше облечена во креација на Ива Спасовска. Како и другите натпреварувачи, неа ја придружуваше оркестар составен од 32 музичари.
Тамара настапот на 16. издание на овој реномиран фестивал за талентирани деца им го посвети на настраданите и нивните семејства од немилиот настан во Кочани.
За овој успех Тамара и нејзината професорка Андријана Јаневска споделија објави на социјалните мрежи.
„Навистина е големо задоволство да се пее на ’Сан Ремо јуниор’ и успешно да се претставува Македонија низ светот“, напиша Тамара на Фејсбук.
А за Андријана трето место во конкуренција на илјада пријавени кандидати е извонреден успех.
„Македонија се гордее со тебе! Благодарност до сите што ни дадоа поддршка!“, се наведува во објавата на Андријана Јаневска.
Во досегашната кариера Грујеска е добитничка на повеќе значајни награди на фестивали во Русија, Србија, Грција… Таа беше и наша претставничка на „Детската евровизија“.
Во идниот период Грујеска има закажано повеќе настапи, меѓу кои и на фестивалот „Талин војс 2025“ во Естонија, кој ќе се одржи од 1 до 5 мај, како и на „Мјузикленд“ во Битола и во Охрид, од 13 до 17 август.

М.Т.