
МАСОНСКА СПИРАЛА НА НАСИЛСТВО ВО ФРАНЦИЈА: 22 ЛИЦА ПРЕД ПАРИСКИОТ СУД
- Париз е потресен од едно од најзаплетканите криминални судења во последните години. Дваесет и двајца се обвинети, и тоа од поранешни полицајци и разузнавачи до директори и лекари… Сите се обвинети за тепање, заплашување, обид за убиство и едно убиство
Двајца мајстори на мракот
Фредерик Ваглио, поранешен новинар и експерт за приватна безбедност, и Даниел Болије, пензиониран полицаец и разузнавач, се сметаат за мозокот на мрежата. Нивната фасцинација од тајните служби и моќта се претворила во опасна спирала, при што страдале невини луѓе.
– Секој сакал да го импресионира другиот – Болије со своето искуство, Ваглио со харизмата и контактите – велат истражителите.
Обични луѓе, необични злосторства
Обвинетите доаѓаат од сите сфери на животот. Има офицери, војници, полицајци, директори, трговци, спортски тренери, инженери. Повеќето никогаш не му биле познати на правосудството. Некои тврделе дека дејствувале за државниот безбедносен систем и пренесувале класифицирани информации и тајни, што дополнително ја замаглува границата меѓу фантазијата и вистинските поведенија и настани што често завршувале со насилство.
На пример, пилотот Лоран Пасквали станал жртва поради финансиски спор со луѓе блиски на горенаведениот Фредерик Ваглио, поранешен новинар и експерт за приватна безбедност. Првичната цел била пилотот Пасквали да се заплаши, но сè ескалирало во ликвидација. Телото било преместено и закопано, а случајот долго време останал мистерија.
Мари-Елен Дини, успешна претприемачка, преживеа обид за атентат. Двајца вооружени мажи биле фатени во близината на нејзиниот дом, но брзо било утврдено дека не постојат никакви врски со разузнавачки служби. Целиот случај бил конструкција за нејзино физичко ликвидирање поради мотиви што сѐ уште се истражуваат.
Масонската ложа „Атанор“ – од тајни до терор
Сè започнало во масонската ложа „Атанор“. Ваглио и Болије ја користеле како организација и платформа за свои „специјални операции“. Приватните бизниси, фантазиите за тајни мисии и вистинското насилство се преплетувале во опасна спирала што ја довела Франција до овој судски процес.
– Ова е приказна за тоа како моќта, амбицијата и тајните игри можат да уништат животи, која штотуку почна да се расплеткува, а има потенцијал да оди и многу длабоко и многу високо – оценуваат екс пертите.
Р.С.































