Фото: Училишни архиви

Училиштата низ Македонија со разни активности го одбележија 16 Октомври

  • Минатата недела многу училишта и други институции во нашата држава го одбележија овој ден со различни активности. Во училиштата беа
    организирани креативни работилници, панаѓури и изработка на мали уметнички дела од овошје и зеленчук, а некои ученици приготвија и вкусни јадења

Како што не можеме да живееме без воздух и без вода, исто така не можеме да живееме и без храна. Секојдневно по неколкупати во денот, изморени од игра, од учење, од шетање или од некаква работа, седнуваме на маса и го поставуваме она многу познато и често прашање: Што има за јадење? Вредните земјоделци и луѓето што работат во прехранбената индустрија секојдневно се трудат да обезбедат храна за сите. Сепак, многу деца и возрасни во светот живеат во глад, па токму затоа треба да сме благодарни за секој залак што го јадеме, а вишокот не треба да го фрламе, туку да го поделиме со оној кому му е потребно.
Минатата недела многу училишта и други институции во нашата држава го одбележаа 16 Октомври – Светскиот ден на храната. На овој датум во 1945 година е основана Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на Обединетите нации. Со различни активности, работилници, семинари, конференции, собири, фестивали и слично овој ден се одбележува во повеќе од сто и педесет држави во целиот свет за да се оддаде почит кон храната, да се крене гласот за важноста на здравата храна и да им се оддаде признание на земјоделците што произведуваат храна за сите нас.

Живеј здраво, живеј силно

Секако дека не можеме да ви ја пренесеме атмосферата од сите училишта што спроведоа активности по повод овој ден, но сепак „ѕирнавме“ во некои од нив, па низ текст и фотографии ќе се потрудиме да ви ги прикажеме нивните реализирани настани.
Учениците од петто и од деветто одделение од ООУ „Дане Крапчев“ од скопската населба Ченто направија богати штандови со свежо овошје и здрави производи што беа наменети за продажба, а собраните средства ќе бидат наменети за активностите на еколошката секција во училиштето.
Основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ од Битола, пак, овој ден го одбележа со предавање за храната од нутриционистката м-р Марија Матовска. Се одржа и квиз со активно учество на учениците од шесто до деветто одделение, на кои им беа поделени и образовни материјали.
Под мотото „Живеј здраво, живеј силно“, вработените и учениците од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп во дворот на училиштето го реализираа традиционалниот есенски панаѓур, кој и оваа година ги истакна креативноста, вредноста и заедништвото на учениците и на наставниците. На настанот учествуваа сите одделенија, приготвувајќи богата понуда на домашни производи: свежо цедени сокови, пити, овошје, зимници, џемови и слатка. Секој штанд гордо ги претстави својата есенска инспирација и културно богатство. Социјалниот дух, креативноста и енергијата на учениците го направија панаѓурот вистински празник на вкусовите, традицијата и заедничкото создавање. Со овој панаѓур учениците покажаа дека храната не е само потреба туку и култура, љубов и начин на поврзување меѓу луѓето.

Уметност од храна

И учениците ООУ „Јосип Броз-Тито“ во градот на калинките, Валандово, заедно со подрачните училишта „Моша Пијаде“ во с. Дедели, „Цветан Димов“ во Казандол и „Нам’к Кемал“ во с. Чалакли, преку пораки, видеоматеријали, панаѓур со здрава храна и сензорна едукација учеа за вредноста на храната и го одбележија овој ден.
Учениците од ООУ „Ѓорче Петров“ од скопската населба Ѓорче Петров 2, заедно со наставничката по ликовно образование Анастасија Стрезоска, со голема радост учествуваа на деветтиот Фестивал за сочни фигури во ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Учениците покажаа голема креативност, труд и тимски дух при изработката на своите уметнички дела, претставувајќи го училиштето на најубав можен начин.
Посебна радост ни причинија и малите готвачи, првоодделенци и второодделенци од подрачното училиште „Манчу Матак“ во Крушеани. Тие со готварски капи на главите подготвија овошна и зеленчукова салата, од почетокот до крајот учеа за процесот на приготвување на храната од нива до трпеза и на крајот уживаа во прекрасниот вкус на овошјето и зеленчукот. Под мотото „Храната нѐ поврзува“, ООУ „Гоце Делчев“ од Могила го одбележи 16 Октомври, славејќи ги локално произведената храна, производителите и чистата, здрава и одржлива храна. Училиштето реализираше и литературен конкурс на темата „Производителите на храна – локални херои“, на кој победи седмоодделенката Јована Јаневска.
Уживавме во мноштвото приказни за храната пренесени низ зборови и фотографии, а веруваме дека беше интересно и за вас, со надеж сме дека овие интересни активности ќе ве поттикнат повеќе да размислувате за важноста на храната и за нашиот однос кон неа. А сега, освежете се со едно јаболче и продолжете да ги читате возбудливите страници на „Колибри“.


Производителите на храна – локални херои

Кога петелот кукурига,
денот се буди,
тие се подготвени
– вредни луѓе, чудни.
Со песна и плуг
поздравуваат нива,
во секој чекор нивни тлее
душа жива.

Садат надеж, жнеат пот,
во секое зрно има живот.
ез нив ни леб ни мир ќе има,
нивната мака трае и во лето
и во зима.

Кога дожд паѓа,
кога сонце гори,
тие се таму – производот збори.
Не бараат слава, не бараат глас,
доволна им е земјата
за нивниот спас.
Производителите – наши херои,
чувари на земја,
чувари на сон.
Нивната сила е нашиот дом.

Јована Јаневска, 7 одделение
Ментор: Евгенија Дика Талеска
OУ „Гоце Делчев“ – с. Могила