Фото: ЕПА

Бомбардирањето на Белград беше моментот кога НАТО се префрли од пасивна геостратешка одбранбена организација во активен чин на либерално-идеолошката експанзија. Треба да го разбереме ова за да сфатиме каде сме денес: соочени со губитничката војна во Украина и сè поочигледниот колапс на западниот либерален проект на глобално ниво. Либерализмот како политика сè уште постои, но самата идеја се сруши, се враќаме на нормалните цивилизациски норми и политика, бидејќи светскиот поредок што во суштина беше создаден по Првата светска војна и кој беше реструктуриран дури по Втората светска војна се урива. Либералните елити во Европа и во САД ниту се либерални ниту веруваат во либерализмот, туку „го чуваат и негуваат заради (тесно) сопствено самоодржување“

Д-р Филип Пилкингтон, ирски макроекономист и експерт за инвестиции, автор на книгата „Падот на глобалниот либерализам и појавата на постлибералниот светски поредок“

Неодамна д-р Филип Пилкингтон направи промоција на својата книга „Падот на глобалниот либерализам…“ при што за јавноста и присутните медиуми даде многу пластични објаснувања за идеологијата заснована на либерализмот и т.н. либерална еднаквост.
– Таа либерална еднаквост не е концепт што одговара на „еднаквоста пред законот“, туку има тенденција „да создаде еквивалентност, неприродно да ги изедначи работите“. Либерализмот се обидува да направи сè еквивалентно: идеи, луѓе, култури. Тој ги мрази хиерархиите, вклучувајќи ги и природните хиерархии, и неговиот прв потег е секогаш да ги уништи. Западните либерали го сметаат регионот на Централна и Источна Европа и Балканот за нелиберален и затоа сметаат дека нивна работа е да воспостават „голема еднаквост“, доколку е потребно и со бомбардирање. Нивната цел е постепено да ги заменат сите нормални човечки односи што либералите ги сметаат за хиерархиски и произволни со договорни односи, кои можат да се користат за сè, од економски односи до промена на полот! Проблемот е што либералите грешат, светот едноставно не функционира така. Природниот закон е реален, светот е изграден врз хиерархии на секое ниво – вели д-р Пилкингтон.
Бомбардирањето на Белград беше моментот кога НАТО се префрли од пасивна геостратешка одбранбена организација во активен чин на либерално-идеолошката експанзија. Треба да го разбереме тоа за да сфатиме каде сме денес: соочени со губитничката војна во Украина и сè поочигледниот колапс на западниот либерален проект на глобално ниво – истакнува д-р Пилкингтон.

Запад цврсто стои на становиштето дека „регионот на Балканот е склон кон опасен нелиберализам“

Поголемиот дел од населението на Запад, дури и образованите, има идеја дека регионот на Балканот е склон кон опасен нелиберализам, што објаснува зошто западните либерали беа толку желни да интервенираат воено во 1990-тите години.
– Западните либерали не се грижеа за ниедна етничка група на Балканот, туку дека регионот треба да остане што е можно полиберален и дека треба да се спречи ширењето какви било нелиберални сили на Запад – објаснува д-р Пилкингтон.
Научникот нагласува дека општествените имунолошки системи успеале да ги ограничат неприродните либерални идеи сè до крајот на Студената војна, кога се ослободиле и дивееле.
– Либералите потоа конечно го добиле она што го сакале и речиси целосно ги наметнале своите идеи во нашите општества, а сега самите се збунети и исплашени од хаосот што произлегува од тоа, во економијата, меѓународните односи, културата… Хаосот неизбежно води кон смрт, а ние гледаме многу смрт околу нас. Либерализмот почнува да се урива токму затоа што неговите цели конечно се постигнати – наведува д-р Пилкингтон.

Либералните елити се тврдокорни и не се предаваат лесно, но полека се враќаме на нормалните цивилизациски норми и политика

Но д-р Пилкингтон исто така силно нагласува дека „најавата за ремилитаризација на НАТО и континуираното ангажирање на ЕУ и САД во војната во Украина не изгледаат како предавање на либералните глобалистички елити“.
– Либерализмот како политика сè уште постои, но самата идеја се сруши, се враќаме на нормалните цивилизациски норми и политика, бидејќи светскиот поредок што во суштина беше создаден по Првата светска војна и кој беше реструктуриран дури по Втората светска војна се урива. Либералните елити во Европа и САД ниту се либерални ниту веруваат во либерализмот, туку го одржуваат за сопствено „самоодржување“. Дури и не мислам дека најавената милитаризација е реалистична, туку дека нејзината вистинска цел е некој да заработи пари преку НАТО. Станува збор за прераспределба на огромни суми пари… И целта не е да се генерира профит, туку да се оправда префрлањето голема сума пари на друго место, „каде што таа сума е потребна“…

П.Р.


Осумдесет години од крајот на Втората светска војна, светот повторно пред нова прераспределба на интереси и влијанија

Големи геостратешки потреси од досега невидени размери во поновата историја се случуваат на целата планета, а веќе никој нема дилема дека светот, 80 години од крајот на Втората светска војна, повторно се наоѓа пред нова прераспределба на интереси и влијанија.
Ако до скоро САД беа тие што ороводецот на глобализмот, униполарниот светски поредок, либералните идеи што ги креираа политиките, економијата и интересите на глобално ниво, сега веќе тоа не е случај. Америка под раководство на Трамп сега тежиштето го става кон самата себе, задржувајќи го правото и натаму да учествува во креирањето на светските политики, особено онаму каде што тоа е од нејзин интерес. Разликата е во тоа што Вашингтон сега прифаќа да влезе во поделба на сфери на интерес и со другите поголеми сили, првенствено Русија и Кина, во кои гледаат горе-долу рамноправни партнери. Процените на американската политика се дека на тој начин ќе може да се воспостават побалансирани односи како основа за подолготраен мир, првенствено заради свој сопствен развој, а потоа и заради остатокот на светот. Суштината на актуелниот подем на нелиберализмот, односно суверенизмот (во САД таа идеологија е наречена „трампизам“) е тоа што токму трампизмот цврсто и отворено го отфрла глобализмот, односно ја отфрла идејата за човештвото како единствен пазар и културен простор, каде што границите меѓу националните држави се бришат, а самите држави постепено се укинуваат, пренесувајќи ги овластувањата на наднационалните власти (како на пр. ЕУ). Трампизмот го отфрла и становиштето на глобалистите што сметаат дека треба да дојде до формирање „светска влада“ (јавно кажани ставови на Клаус Шваб, Бил Гејтс, Џорџ Сорос…). Наспроти тоа, трампизмот инсистира на зачувување на националните држави и нивна интеграција во цивилизациите, како такви. Оттука, трампизмот или суверенизмот (како идеолошки антипод на либерализмот) сега става сѐ досегашно „калемено, изопачено и вообличено како неолиберално“, како предмет на ревизија. Според низа научни истражувачи, аналитичари, политиколози, економисти итн., сега претстои длабока ревизија на досегашната либерална идеологија, стратегија, дизајн и структури и во САД, а и во Европа.

П.Р.


„Њузвик“: Мапа на новата светска прераспределба на светот според интересите на големите

Познатиот американски неделен магазин „Њузвик“ неодамна објави мапа на новата светска прераспределба на светот според интересите на големите земји. „Њузвик“ направи паралела со она што се случуваше во 1945 година на Јалта, кога лидерите на САД, СССР и Велика Британија одржаа состанок на кој беше исцртана поделбата на Европа.
Според неодамна објавената мапа во американски неделен магазин „Њузвик“, сферата на влијание на САД ќе биде проширена значајно кон северот на матичниот континент, на југ до Панама и источно со Гренланд. Сферата на влијание на Кина ќе биде проширена кон Југоисточна Азија, а интересно е што сферата на значајно влијание на Русија би можела да ја вклучува Европа, како и Кавказ и Турција. Натаму, Јапонија, Индија и Пакистан исто така би можеле да паднат во сферата на влијание на Кина.
За издвојување е дека анализата на „Њузвик“ не ги вклучува Централна Азија, Блискиот Исток, Африка, Латинска Америка, Австралија, Нов Зеланд и Монголија во ниту една од овие три области, но магазинот додава дека Централна Азија би можела да биде област на натпревар или договор за влијание меѓу Русија и Кина.

П.Р.


„Стратфор“: Следува подемот на националните држави

Во следната деценија Европа ќе ја дефинира подемот на националните држави, како и движечките сили на европскиот континент. Бројот на национални држави веројатно ќе се зголеми во сецесионистичките движења или со распадот на земјите – истакнува агенцијата „Стратфор“ во својата проекција за иднината на Европа. Според деценија стари предвидувања, според кои внатрешноста на Европа ќе биде непредвидлива и нестабилна, веќе станаа реалност, а последиците ќе бидат такви што зоната за слободна трговија нема да може да функционира без поголема заштита. Поради тоа, особено големи последици, според овие предвидувања, ќе претрпи Германија, додека Полска ќе ја зголеми регионалната моќ. Се истакнува и дека кон крајот на деценијата Турција ќе се подигне на ниво на значајна регионална сила. Економското опаѓање на Европа е последица и на стареењето на Стариот Континент, што, како што се предвидува во извештајот, не влијае само на губењето моќ на ЕУ како „светски играч“ туку и на судбината на НАТО и воопшто на старите воени сојузи. Вредно за споменување овде е и дека извештаи на американската ЦИА предвиделе нешто слично, имено дека „американските односи со Европа ќе станат драматично поинакви“, на што, очигледно, веќе сме сведоци.
За издвојување е дека „Стратфор“ анализира во извештајот дека „ќе има отстапување од институциите воспоставени уште од Втората светска војна“.
НАТО би можел да ослабне и да биде променет со поинаква европска архитектура во областа на одбраната, а повиците за формирање европски безбедносни сили и одлуката за издвојување 850 милијарди евра за европска одбрана веќе јасно говорат дека Европа повеќе не може да смета на САД. П.Р.

„Стратфор“ (Strategic Forecasting Inc), е американска компанија за публикување стратешки информации од разузнавачко-безбедносен карактер. Основана е во 1996 година. Деловниот модел на „Стратфор“ е да врши собирање разузнавачки информации и да обезбеди индивидуални и корпоративни претплати за својата онлајн публикација, за корпоративни клиенти. Фокус на „Стратфор“ се безбедносните прашања и анализата на геополитичкиот ризик.


ЦИА: Европа ќе се најде во голема криза

Американската разузнавачка служба ЦИА уште пред неколку години предвидуваше дека Европа ќе се најде во голема криза. Проблемите во ЕУ, кои започнаа од 2008 година, создадоа конфронтации во единството на Унијата, при што се предвиде дека „ЕУ тешко ќе може да го врати некогашното единство, а дури и да преживее, ќе функционира многу поограничено“.
(Поради кризата во ЕУ, ЦИА тврдеше дека влегувањето на некои од балканските земји во ЕУ едноставно „нема да може да се случи“. Во извештајот во тој контекст се споменува и терминот „групата на православни земји“, каде што се споменува и Македонија.)
Во контекст на предвидувањата на ЦИА беше и неодамнешната изјава на лидерот на најголемата фракција во Европскиот парламент, Европската народна партија, Манфред Вебер, кој рече дека „новиот светски поредок е создаден поради кардинална промена во надворешната политика на САД“.

П.Р.