За само шест месеци Трамп го преврте светот (поредокот) наопаку, тоа го истакна поранешната државна секретарка на САД, Кондолиза Рајс, која учествуваше на Безбедносниот форум во Аспен, Колорадо, каде што и други врвни политичари се согласија со тоа. Во неколку продолженија ќе го анализираме овој драматичен глобален пресврт, ќе се обидеме да проникнеме во внатрешноста на пирамидата на новиот светски поредок и да дознаеме кои се фараоните што ја градат. И, секако, каде е Македонија и какви се нејзините шанси ако се држи до курсот на суверенизмот, но и со додавање на еден империјалистички амалгам во внатрешната и надворешната политика
ГЛОБАЛИЗМОТ СИ ЗАМИНУВА, ШТО НОСИ НОВИОТ СВЕТСКИ ПОРЕДОК (2)
Светот е превртен наопаку. Факт. Но тоа не значи дека тој е веќе застанат на нозе. Во тек е една глобална театарска претстава на моќните, чиј крај само го насетуваме, но заплетот е врвно мајсторство на Севишниот. Кој друг би можел да режира ваква претстава?
Ако некогаш светските радари се фокусираа на непријателските потези, шпионите, тајните планови, провокациите… меѓу Западот и Истокот, сега се чини најинтересно е што се случува во куќата на западната алијанса? Навистина ли има толкави несогласувања меѓу Америка на Доналд Трамп, Европската Унија (не знаеме кого да ставиме како лидер, па да кажеме Урсула фон дер Лајен, Фридрих Мерц, Емануел Макрон и Кир Стармер), Канада со новиот премиер (го знае ли некој неговото име) и осамената и далечна Австралија на Ентони Албанезе, кој сега се обидува да биде прагматичен и повторно оди во прегратките на Кина. А што да прави, таму му се бизнисите и надежите за австралиската економија. Неговиот претходник Скомо имаше еден дебел договор со Франција за подморници, милијарди беа во игра, но Америка на Џо Бајден го расипа бизнисот и тие ќе плаќаат за нуклеарни подморници од САД, нешто од Британците, а нешто и сами ќе произведуваат во капацитетите во Аделаида. А против кого ќе бидат тие подморници што ќе се градат во рамките на пактот АУКУС? Кинезите дадоа нивен одговор.
ИДЕОЛОШКО ПУРГАТОРИО НА ЗАПАДОТ
Не е ова едноставен внатрешен судир, повеќе станува збор за идеолошко пургаторио на западната цивилизација сериозно поттикната од Трамп, но и некои ликови од неговото опкружување. Илон Маск беше само еден од таа група, додека редица други си работат во сенка.
Доколку овој „клеш“ меѓу последните Мохиканци наречени неолиберали и суверенистите конзервативци го следите преку левичарските медиуми, кои уште се сметаат за доминантен вид во медиумскиот свет што драматично ќе се менува, можеби до исчезнување на ваков каков што го знаеме, станува збор за нов фашизам што извира ни помалку ни повеќе туку во Белата куќа. За левичарските, или неолиберални медиуми, кои секојдневно само добиваат тужби за нефер пишување, како што е на пример „Волстрит џурнал“, кој доби тужба од индиската влада за лошото известување за авионската несреќа, нема дилеми дека станува збор за фашистичка политика, која Доналд Трамп во неговиот втор мандат сака да ја извезе во светот создавајќи своевидна десничарска алијанса. Дали за нив секој што размислува суверенистички е фашист? Значи, не е само Доналд Трамп. И Виктор Орбан од Унгарија и Роберт Фицо и куп други лидери се во тоа купче, слободно ќе го ставиме и нашиот премиер Христијан Мицкоски, кој со својата екипа покажува дека седи на суверенистичка гранка, што е невиден срам за медиумскиот мејнстрим. Значи новинарскиот крем. Но тоа ќе го разбереме како спроведување извесни агенди на своите неолиберални глобалистички патрони.
Поради оваа линија на анализа претпоставувам и дека македонскиот премиер Христијан Мицкоски мораше да се извинува за извесни негови политики за кои „би можеле да го наречат конзервативен“. Одговорот треба да биде – па што и ако го наречат?! Ние овде немаме проблем со владини фашистички политики, а доколку ги има, тогаш треба веднаш да го расчистиме тоа. Ние имаме проблем со навидум прикриен фашизам што извира во Брисел и е насочен токму против Македонците од кои се бара да избришат сѐ што е нивен идентитетски белег, па дури и јазикот. Дали Брисел ќе сече јазици? Нека одговори еднаш јасно, прозван е.
ДВА ШОКА ЗА ЕВРОПА
Европа (ЕУ) доживеа два шока – првиот со убедливата победа на Трамп и неговата порака дека е доста од ваков свет, од вакви односи, па и трансатлантски. Вториот е од неговиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој на Безбедносната конференција во Минхен кажа и остана запишано (како трет најмоќен говор од американски државник): „Заканата што нè загрижува сè повеќе не е Русија или Кина, туку таа доаѓа однатре во Европа. Тоа е оддалечување од Западот и од САД“. Потоа тој истакна дека САД се загрижени за загрозеноста на слободата на мислење во Европа. Притоа Венс посочи дека Американците се чудат кога слушаат дека во Европа се поништени избори затоа што резултатот не им се допаднал на бирократите во ЕУ. Конкретно Венс ги истакна изборите во Романија, кои беа поништени со судска пресуда, а тоа предизвикало славење во Брисел.
– Така не се брани демократијата – рече Џеј Ди Венс. Но Романија сега и осуди десничарски политичар, за да се знае кој е газда во куќата. А навистина, кој е газда? Во Вашингтон новиот шериф е Трамп, тоа барем се знае. Во Русија тоа е Владимир Путин, и тоа се знае. Во Кина, Си Џинпинг, ете и тоа се знае.
Затоа, ако сега бараме некакви виновници кој ја урива либерална Европа на Џузепе Мацини, зарем не е јасно дека тоа се прави дома, во европската куќа? Барајќи го изгубениот идентитет во пакетот на двојните стандарди, Европа лови вештерки во Америка, наместо да си го пронајде својот идентитет дома, но за такво нешто треба да се соочи со себе. На европските последни Мохиканци им пречи што се создава некаква десничарска коалиција, тие би рекле некаква Коминтерна (пак се ловат вештерки), им пречи нивната соработка. Што да се каже за мрежата создавана од фондации како Сорос, на пример. Или тоа е за арното? Прашајте ги Македонците, на пример, како поминаа со Сорос и „соросоидите“. Па еден американски амбасадор овде јавно зборуваше дека една нова коалиција, поразена на избори од ВМРО-ДПМНЕ, ќе се формира, само малку ќе се кршат раце. Сме го гледале тој грозен филм, кој требаше да има навидум среќен крај со тоа што една нација ќе ги смени името на државата, а тоа подразбира и фазна промена на идентитетот. За идните генерации!
ИДЕОЛОШКИТЕ ГУРУА ОКОЛУ ТРАМП
Кои се мозоците, или ако сакате гуруата во американската политика, што ја градат новата пирамида за новиот американски фараон. Прашањето спакувано како дилема е дали тоа ќе биде личност, да речеме конкретно Трамп, можеби Венс, или ќе продолжи системот во кој корпорациите се над државата и тие фактички ќе владеат невидливо. Секако дека со таков начин на владеење се фрла огромен сомнеж за смислата на изборниот процес со кој Американците толку многу се гордеат. Дали Америка со Трамп ќе се помести од таа точка? Можно е, а за такво тврдење еден од индикаторите е што системот наречен „дип стејт“ се преселува во Европа. Ние треба добро да се замислиме што нѐ чека, оти станува збор за систем што совршено функционирал. Ја чекаат сериозни ломови Европа, а веројатно и финансиски пожари.
Едни од перјаниците на „новата Америка“ што ја заменува „Пакс Американа“ се потпретседателот Џеј Ди Венс, кој се гледа како трибун на работничката класа, стратегот Стив Банон и новинарот Такер Карлсон, но низата е многу подолга. Нивниот слоган е „Америка на прво место“. Тие се залагаат за традиционалните вредности, тврдат дека зборуваат во име на работничката класа и ја презираат либералната елита концентрирана во крајбрежните градови. Традиционалните вредности се секојдневна молитва на сегашната администрација, а тоа најдобро го знае Пола Вајт, главна пасторка на Христијанската црква на новата судбина во Апопка, црква без друга деноминација, која практично има цел да стане мегахристијанска црква. Таа долги години му беше советник за религија на Трамп и веројатно извршила огромно влијание што се виде кога Трамп положи заклетва не ставајќи рака на една Библија. Тој вели дека христијанството треба да има една Библија, а не повеќе.
Еден од милијардерите што му го чистеше теренот на Трамп за да може да ги посее семињата на новата идеологија секако е Илон Маск. Заврши огромна работа, а подоцнежните несогласувања се повеќе евтин театар. Силициумската Долина има уште многу што да каже во политиката и во трансформацијата на американското општество. Американците се изјаснија и на избори, а анкетите велат дека најголем дел од нацијата не се препознава во глобализмот. Точка. Еден од највлијателните и практично човек што е во првиот претседателски прстен на моќта и влијанието е Марк Андерсен, кој работеше под сенката на Маск. Тој е пионер на интернетот. Неговиот политички пресврт следуваше по неговата фрустрација од регулативите за крипто и вештачка интелигенција од ерата на Бајден. Во 2023 година, тој објави манифест наречен „Технооптимистот“, документ што проповеда неограничено технолошко забрзување. Според него, научните иновации и слободните пазари можат да ги решат сите проблеми на човештвото – само ако владата се тргне од патот. Дали ќе се тргне? Клучно прашање за Америка.
Како најмоќен интелектуалец, и тоа во вистинска смисла на зборот, се смета уште еден милијардер од Силициумската Долина – Питер Тиел, со еден куп фирми во своето портфолио, но главно познат како коосновач на „ПејПал“. И неговите компании се вклучени во развојот на вештачката интелигенција. И сама мала забелешка – а што чека Макeдонија на ова поле? Тиел е мајстор за стратегии, а се покажал извонреден уште како клинец кога на шестгодишна возраст во шах мачкал јаки возрасни играчи. Играл и со шампионот Карл Магнусен. Неговиот фокус е примена на вештачката интелигенција за Пентагон, значи оружје. Тиел е инспирација за уште еден лик и мегадонор за републиканците – Кертис Јарвин (познат како Менциус Молдбаг), американски програмер. За разлика од Тиел, тој се залага за потопли односи со Кина, додека неговиот духовен татко смета дека е можно да се најде заеднички јазик со Русија, но не и со Кинезите. Клучно за Јарвин е што тој смета дека „Америка е пропаднат демократски модел“. И тој нормално дека притиска за владеење на корпорациите.
Корпорациите би сакале да го вшмукаат новиот свет – целосно
Нашиот академик Љупчо Коцарев, во една анализа изнесе мислење дека во скора иднина најверојатно светот ќе го водат големи корпорации. Доколку се оствари тоа сценарио, тогаш суверенитетот како излез за човештвото што сега ни се нуди бил една фина американска стапица во која сите сме се фатиле. Во тој нов корпоративно раководен свет ќе биде под загроза идејата за хуманоста, тоа секако.
Значи тука ќе се кршат не само американските копја. Исто така, најверојатно Америка ќе развива натамошна стратегија како да се приближи кон Русија, за да ги оддалечи од Кина. Би рекле застарен проект што некогаш функционираше, но сега кога е веќе скроен мултиполарниот свет, тоа нема да помине. Руските емоции за Западот се оладени, а за Кинезите тоа одамна се знае – тие се свои на своето, со своја стратегија за подобар свет и со силен пакт меѓу Пекинг и Москва.
А што ќе се случува со мултилатералните организации. Што се ООН, што со ОБСЕ, со Советот на Европа, организации што требаше да го гарантираат светскиот и европскиот мир? Х.И.
продолжува