Фото: „Нова Македонија“

До одржувањето на првата конститутивна конференција на АФЖ на Македонија (15 декември 1944 година во Скопје), речиси целата земја била покриена со мрежата на АФЖ. На конститутивната седница биле избрани: главен одбор на АФЖ, извршен одбор и пленум. Орган на АФЖ станало списанието „Македонка“, чиј прв број се појавил во ноември 1944 година, и тоа е првото женско списание на македонски јазик. Најистакнатата фигура во движењето била Веселинка Малинска, одликувана ветеранка на НОБ на Македонија и учесничка на АСНОМ, чиј татко бил дел од Илинденското востание во 1903 година

Повод: 80 години од основањето на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ)

Деновиве се одбележуваат 80 години од основањето на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) во Македонија, движење што ги одразува слободарските идеи на македонските политички средини. Историски гледано, појавата на АФЖ во екот на националноослободителната и антифашистичка борба во Втората светска војна не беше случајност, туку, напротив, тоа беше идеолошки континуитет на македонското револуционерно и национално движење од почетокот на 20 век. Македонката отсекогаш имала значајна улога во сите македонски национални и политички пројави, како што е Илинденското востание или НОБ од Втората светска војна. Доколку внимателно се проследат историските извори и сведоштва, македонската национална и политичка платформа од првата половина на 20 век се одликувала со слободарски дух, а борбата за слобода и македонска држава не била обременета од екстремен национализам или сексизам. Ова е очигледно од фактот дека голем број жени го положија својот живот во борбата против фашизмот, како што е Невена Георгиева-Дуња, која била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена партизан во македонските партизански одреди. Под влијание на левичарските и прогресивни идеи, македонското националноослободително движење на идеолошки план беше доградено со борба за еднакви права на жената. Оттука произлегува и Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) – движење на жените за време на Втората светска војна во Македонија и претходник на неколку денешни македонски феминистички организации. На крајот, македонската жена ги оствари сопствените политички и економски права по Првото заседание на АСНОМ и создавањето на современата македонска држава. АСНОМ, на кое учествувале и шест жени, донесува неколку историски одлуки со кои се поставуваат темелите на македонската државност, а со Декларацијата за основните права на граѓанинот на ДФМ била озаконета и рамноправноста на жените во современата македонска држава, со што била исполнета главната задача на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ).

Афирмација на женските права и слободи

Првите никулци на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) се сретнуваат во комисиите за работа со жените формирани пред почетокот на Втората светска војна, како дел од месните комитети на КПЈ во Македонија, чија дејност била многу слична со дејноста на одборите на АФЖ, кои се формирале подоцна. Во пролетта 1943 година бил оформен првиот одбор на АФЖ во Кавадарци.
До одржувањето на првата конститутивна конференција на АФЖ на Македонија (15 декември 1944 година во Скопје), речиси целата земја била покриена со мрежата на АФЖ. На конститутивната седница биле избрани: главен одбор на АФЖ, извршен одбор и пленум. Орган на АФЖ станало списанието „Македонка“, чиј прв број се појавил во ноември 1944 година, и тоа е првото женско списание на македонски јазик. Најистакнатата фигура во движењето била Веселинка Малинска, одликувана ветеранка на НОБ на Македонија и учесничка на АСНОМ, чиј татко бил дел од Илинденското востание во 1903 година.
Движењето исто така било тесно поврзано со организацијата на Грчката граѓанска војна, Народноослободителниот фронт, во која имало значителен број жени партизани.
Доминантна цел на АФЖ било да го подобри образованието на жените и да ја зголеми нивната стапка на писменост, бидејќи мнозинството неписмени во тоа време биле жени. Како посебна општествено-политичка организација, АФЖ дејствувала до 1953 година, кога се трансформирала во Сојуз на женските друштва на Македонија. Во 1961 година Сојузот се преименувал во Конференција за општествена активност на жената (КОАЖ), а набрзо потоа во името ја внел и додавката положба, односно Конференција за општествена активност и положба на жената (КОПАЖ).

„Македонка“ – прво македонско списание за жени во слободна Македонија

Првиот број на списанието излегол во ноември 1944 година, а бил испечатен во селото Горно Врановци. Подоцна се печатело во Прилеп и во Битола. Прва уредничка била Веселинка Малинска. Следните два броја ги подготвиле Славко Јаневски и Василие Поповиќ-Цицо. Тиражот бил 1.000 примероци. Причината поради која настанало списанието била зацврстување на извојуваната позиција на жените како градители на државата и утврдување на правото за масовно и активно вклучување во сите професии и во органите на власт, но и поврзување со жените од цела Југославија за заедничко решавање на женското прашање.
Во ноември 1944 година, во првиот број на списанието било истакнато: „Македонската жена, како и жената на останалите народи на Југославија, денес е полноправна граѓанка во нашата татковина демократска и федеративна Југославија. Тоа значи да она има право на еднакво участие во целокупниот државен, привреден, друштвен и културен живот. Ова право жените на Југославија го спечалија на 29 ноември 1943 год., кога во слободниот град Јајце се собра историското заседание на Антифашиското веќе на народното ослободуење на Југославија (АВНОЈ) за да донесе одлуки за федеративно и демократско уредуење на Југославија, за образуење на Национален Комитет и други важни решенија. Во духот на тие историски одлуки во Јајце, нашето Антифашиско собрание на народнотоослободуење на Мекедонија (АСНОМ) изгласува на своето прво заседание, на 2 август 1944 година, Илинден, решение во кое жената во Македонија се изједначува во сите права и должности со мажите.
Ова еднакво право со мажите, спечалено на 29 ноември 1943 год. и 2 август 1944 година, а извојувано и во самиот живот потврдено низ три и полгодишната народноослободителна борба, е плод на дружната борба на македонските жени со нејзините татковци, мажи, и браќа против германскиот фашизам и неговите слуги“, може да се прочита во текстот објавен во списанието „Македонка“. Д.Ст.


Одбележување на 80-годишнината од основањето на Антифашистичкиот фронт на жените во Скопје

По повод 80 години од основањето на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ), Феминистичка антифашистичка мрежа (ФАМа) и фондацијата „Фридрих Еберт“ (ФЕС) вечерва ќе организираат настан во Кинотеката во Скопје (од 19.30 часот). Настанот ќе почне со обраќање на учесничките и експертки за заедничко одбележување на наследството и влијанието на АФЖ, како и за заедничката историја и вредностите на АФЖ во денешен контекст. Во таа пригода ќе говорат Аида Колидер Агиќ од Босна и Херцеговина, Каролина Леаковиќ од Хрватска, Вера Клопчиќ од Словенија, Аида Коровиќ од Србија, Санела Шкријељ од Македонија и други учесници. Исто така ќе има и изведба на учениците од СУГС „Никола Карев“. Д.Ст.