Фото: Пиксабеј

Животни

Ветеринарите предупредуваат дека домашните миленици покажуваат страв од експлозиите на пиротехничките средства, кој подоцна може да прерасне во психички проблеми. Затоа, советите што ќе ги прочитате во продолжение ќе ви помогнат да го смирите вашиот миленик за време на неизбежната бучава, која вообичаено се случува за време на празниците.
– Нормално е дека кучињата се вознемирени кога ќе слушнат гласни звуци. Звукот активира нервни системи што им предизвикуваат страв и стрес – вели познавачот на кучиња Цезар Милан.
Ако знаете дека вашето куче реагира бурно на петарди и огномети (што е вообичаено), тогаш можете да преземете некои подготвителни мерки што ќе му помогнат на вашиот миленик подоцна. На пример, изнесете го вашето куче на прошетка пред да се стемни, за да нема потреба да излегува откако ќе почнат огнометите. Исто така, обезбедете ги вратите од вашите куќи, станови и дворови, бидејќи кучињата ќе пробаат да избегаат доколку почувствуваат дека се под закана. Уште подобро би било доколку му обезбедите на вашето куче безбедно место за криење, во вид на тивка соба или тивко катче во вашиот дом.
Иако не се толку чувствителни на огномети како кучињата, мачките сепак се плашат од гласните и неочекувани звуци. Тие можат да станат нервозни и да ве нападнат доколку се случи тоа, па затоа најдобро е да ги чувате изолирани од звуци. Она што можете да го направите е да ги пуштите мачките внатре, барем околу полноќ, додека да поминат експлозиите.