Фото: Маја Јаневска Илиева

Хрватска

Од оваа недела, родителите на учениците во основните и средните училишта во Хрватска немаат дозвола да влегуваат во училиштата. Со оваа мерка, која важи за последните две недели од наставната година, се забрануваат родителските средби и индивидуалните разговори со наставниците.
Мерката е утврдена со новиот Правилник за начини, постапки и елементи на вреднување на учениците, а целта е да се намали притисокот врз наставниот кадар во периодот кога се заклучуваат оценките.
И покрај забраната, дел од родителите продолжуваат да се обидуваат да стапат во контакт со наставниците, најчесто со надеж да влијаат на завршните оценки на своите деца. Наставниците се жалат дека пред крајот на учебната година притисоците значително се зголемуваат – некои родители доаѓаат ненајавено во училиштата или контактираат со наставниците надвор од работното време, што дополнително ги оптоварува.
Хрватските просветни власти очекуваат дека оваа забрана ќе ја намали тензијата и ќе им овозможи на наставниците мирно да го завршат процесот на оценување.

Ангел Митревски, наш постојан соработник од Хрватска