Македонскиот камерен оркестар „Профундис“ со голем успех ја реализира својата прва „Кендллајт турнеја“ во Босна и Херцеговина, настапувајќи во три преполни концертни сали во Сараево, Тузла и во Мостар. Секоја вечер, илјадници свеќи создаваа волшебна атмосфера, а музиката на „Профундис“ предизвикуваше бурни аплаузи, стоечки овации и искрени емоции кај публиката.
„Кендллајт концертите“, кои се одржуваат во над 170 града низ светот, претставуваат вистински глобален феномен: музика изведена во уникатен амбиент, каде што класиката добива нова димензија во светлината на стотици свеќи. Турнејата започна во домот на младите „Скендерија“ во Сараево (4 септември), продолжи во Босанскиот културен центар во Тузла (5 септември), а заврши во хрватскиот дом „Херцег Стјепан Косача“ во Мостар (7 септември).
Оваа турнеја го донесе во центарот на вниманието настапот на светски реномираната виолинистка Ирина Мурезану, уметница што плени со својот извонреден талент и исклучителна музикалност. Таа редовно настапува како солистка со врвни оркестри низ светот, а наедно е и професорка на Универзитетот во Бостон. Со својот топол тон и виртуозна техника, Мурезану уште еднаш покажа зошто важи за една од најистакнатите уметници на својата генерација.
Програмата на концертите беше внимателно избрана за да понуди разновидно и богато музичко доживување. Публиката уживаше во безвременската убавина на „Четирите годишни времиња“ на Вивалди, потоа во енергичната и колоритна „Романска рапсодија“ на Жорж Енеску, како и во елегантната и игрива „St. Paul Suite“ на Густав Холст. Овој спој на барок, романтична страст и англиска суптилност создаде вистинска симфонија на емоции, особено збогатена со волшебното опкружување на илјадниците свеќи.
– За нас оваа турнеја е огромна чест и посебно искуство. Да настапуваме во Босна и Херцеговина, во рамките на глобалниот проект „Кендллајт“, и да ја споделиме нашата енергија со оваа прекрасна публика е момент што ќе го паметиме – изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ.
„Профундис“ е еден од најистакнатите македонски камерни оркестри, составен од врвни виолинисти, виолисти и виолончелисти, кои веќе повеќе од шест години создаваат концерти што ги освојуваат регионалната публика и критика.
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав што постои веќе неколку години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во Македонија, Националната опера и балет и Националната филхармонија.