Секој чекор беше ново откритие, секоја насмевка – доказ дека авантурата ќе се памети

Во позлатената оаза на планината, каде што шумата шепоти со лисјата, а воздухот мириса на мир и спокој, се испишаа нови планинарски приказни на новата генерација љубители на природата. ПК „Љуботен“ повика и се одзваа стотина млади срца, полни со љубопитност, енергија и љубов кон природата.
Викендот на 11 и 12 октомври, во прекрасното село Вратница и хостелот „Китка“, планинарскиот клуб „Љуботен“ го одржа првиот младински камп „Бејс камп Љуботен“ – настан посветен на 100-годишнината од постоењето на клубот.
Околу 100 деца, млади и нивните родители беа дел од овој забавен настан исполнет со смеа, џагор, игра и забава. Планинарењето од мала возраст доби сосема нова димензија – преку едукативни работилници за безбедно движење во планина, грижа за природата и основи на планинарството, како и основи на скијањето со помош на инструктори од ски-клубот „Диме Флејта“. За најмалите беше организирана посебна тура со симболично име – „Патеката на боите на природата“ до местото Вуклево. Таму е поставен споменик од Сојузот на борцитe од НОB – Скопје во спомен на историското место и востаничкиот народ од овој крај, во кој биле формирани првите народноослободителните одбори, биле одржувани масовни конференции… Шетајќи низ есенскиот пејзаж, децата ги собираа даровите на природата во боите на природата – најмногу лисја во раскошни нијанси, запознавајќи ја планината со допир, мирис и сетилна радост. Секој чекор беше ново откритие, секоја насмевка – доказ дека авантурата ќе се памети. Сето ова беше возможно благодарение на посветените водичи и организатори од ПК „Љуботен“, кои со голем ентузијазам и љубов ги запознаа децата со планината и планинарењето. Првиот младински камп и планинската тура за најмалите не беа само прослава на 100 години љубов кон планината туку и ново поглавје што допрва ќе се пишува – со детски чекори, чисти срца и со планини полни радости.