Во неколку продолженија ќе објавиме стихови од писателот Саво Костадиновски, кој ги напишал за својата татковина Македонија. Тој ги опеал планините, реките, езерата, градовите нејзини, па преку овие стихови ќе можете и сами да проверите колку знаете за земјата во која сте родени

Брегалница

Од Малеш –
бегалница,
бега, бега
Брегалница!

Кај Калиманци,
иако дива,
во езерото
мирно плива.

Кога ќе излезе,
не губи здив,
полева ориз
до Вардар, до слив!

Дошница

Дошница или Дождница,
кому како му годи,
рекичка е, велат, чедо
на дождовни води!

Блиску Демир Капија,
крева врева,
кога во Вардар буен
води си влева!

Сака да се покаже
дека не е мала,
секому да му каже:
– Вртам хидроцентрала!

Струмешница

Низ Струмичко Поле,
раскажува тато,
Струмешница имала
свое езеро – блато!
Се множеле штуки,
мрени, желки, сомови,
милиони комарци –
летале кон домови.

На реката Струмешница,
нов тек ѝ дале:
водата во коритото
сета ѝ ја збрале!

Брајчинска Река

Низ селото Брајчино,
од утро до вечер
Брајчинска Река
брза, шумно тече.

Од Пелистер вода носи,
води чисти, ретки,
за да можат јамболлии
да исперат баби, тетки.

Во Љубојно, чија е реката –
ако некој праша,
без да мислат ќе му речат:
„Како чија, таа е наша!“


За авторот

Саво Костадиновски е македонски и германски поет, раскажувач, патописец, публицист, писател за деца и возрасни, препејувач.
Роден е во 1950 г., во с. Горно Ботуше, Македонски Брод. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, живее на повеќе места на просторот на бивша Југославија. Од 1971 година живее и работи во Келн, Германија. Завршил средно техничко училиште во Белград и трет степен за технички инженер во Келн.
Добитник е на наградата „Иселеничка грамота“ од Матица на иселениците на Македонија, како и на награда од Сојузот на германските писатели.
Негови творби се објавувани во списанија за деца и возрасни во Македонија, а преведуван е на српски, хрватски, германски и на романски јазик. Застапен е во антологии.
Меѓу другите, автор е на делата: „Лето во родниот крај“, „Кафез без птици“, „Децата на светот“, „Македонски знаменитости“, „Со татковината“, „Трите века“, биографски хронолошки роман за возрасни, книгата „На Македонија со љубов“ и многу други.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година, а на Сојузот на писателите на Германија од 1993 година.