Станува збор за централизирана дигитална платформа што обединува значителен број лингвистички ресурси поврзани со македонскиот јазик. Опфатени се сите речници, дигитални карти со текстуални записи, аудиоснимки од македонските дијалекти, трудови на странски слависти што ги проучувале македонскиот јазик и неговите дијалекти уште од крајот на 19 век, дела за историскиот развој и граматики на македонскиот јазик, електронски верзии од едицијата 135 тома македонска книжевност, библиографија и слободен софтвер за пребарување на базата
Збогатен веб-порталот „Дигитални ресурси на македонскиот јазик“ на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ) при МАНУ
Стотина изданија, значајни монографии и зборници за македонскиот стандарден и дијалектен јазик, збирки стари текстови, речници, меѓу кои Тријазичникот на Ѓорѓија Пулевски, книгата „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков, „Абецедарот“ сега се достапни во електронска форма на веб-порталот „Дигитални ресурси на македонскиот јазик“, создаден од Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ) при МАНУ.
Веб-порталот беше презентиран во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во рамките на промоцијата на „Македонскиот дијалектен атлас (од ризницата на картотеката лексички материјали)“.
Давор Јанкулоски од ИЦАЛ рече дека веб-порталот е централизирана дигитална платформа што обединува значителен број лингвистички ресурси поврзани со македонскиот јазик. Опфатени се сите речници, дигитални карти со текстуални записи, аудиоснимки од македонските дијалекти, трудови на странски слависти што ги проучувале македонскиот јазик и неговите дијалекти уште од крајот на 19 век, дела за историскиот развој и граматики на македонскиот јазик, електронски верзии од едицијата 135 тома македонска книжевност, библиографија и слободен софтвер за пребарување на базата.
Јанкулоски посочи дека дигитализацијата на лингвистичките материјали во ИЦАЛ е почната во 2008 по иницијатива на академик Марјан Марковиќ и најпрво биле дигитализирани и ставени на интернет стари и ретки книги. Рече дека базата се пребарува брзо и лесно и, по честите хакерски напади, сега е стабилизирана и безбедна со тоа што загубениот материјал е обновен од хард дисковите.
– Базата со години беше цел на хакерски напади, но денес е целосно стабилизирана, безбедна и континуирано се збогатува. Од нејзиното објавување до денес пристапиле повеќе од 65.000 корисници – соопшти Јанкулоски.
Академик Марјан Марковиќ очекува дека веб-порталот каде што се најважните книги за македонскиот јазик ќе продолжи да функционира без проблеми откако, како што рече, „последните месеци МАНУ се соочуваше со големи хакерски напади на страницата, особено ’Дигиталните ресурси на македонскиот јазик‘“.
– Додека имаше можности сето тоа се обновуваше, но при последните такви посилни напади цел беа токму најважните стари книги за македонскиот јазик, како Мисирков и Пулевски, кои беа трајно одземени и уништени. Исто така и од фондот на Конески – Граматиката, Историјата, поезиите… Може да кажеме дека имаше некаква цел токму тие најважни книги да бидат уништени. Јас не можам да апелирам МАНУ да вработи информатичар, тоа е исто како да се побара астронаут да биде примен. Претседателството се обидува на разни начини и поентата е дека успеавме од тоа што го имавме на тврди дискови да обновиме и да го поставиме на надворешен сервер, комерцијален, но сепак да си стои сето тоа во МАНУ – рече Марковиќ.
Д.Ст.
Промовирано заедничко издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и на МАНУ (Истражувачки центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“)
„Македонскиот дијалектен атлас“ пред домашната и светската јавност
Трудот „Македонски дијалектен атлас (од ризницата на картотеката лексички материјали)“ е заедничко издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (Одделение за дијалектологија) и Македонската академија на науките и уметностите (Истражувачки центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ – ИЦАЛ). Овој труд претходно беше награден со државната награда за наука за 2025 година – „Гоце Делчев“, а наградата на 4 мај беше примена од Веселинка Лаброска, Марјан Марковиќ, Коста Пеев, Васил Дрвошанов, Еленка Стоевска-Денчова, Светлана Давкова-Горгиева, Гоце Цветановски, Македонка Додевска, Дарко Томовски, Давор Јанкуловски, Ангелина Панчевска, Соња Миленковска, Ѓорѓе Геновиќ, и постхумно: Аритон Поповски, Маријана Киш и Убавка Гајдова.
Веселинка Лаброска, дописна членка на МАНУ и една од главните уреднички на публикацијата, рече дека станува збор за монументално дело бидејќи претставува опис на дијалектите на целата македонска дијалектна територија.
– Тоа значи не само во границите на нашата држава туку и во Егејска и во Пиринска Македонија и во границите на Албанија каде што се зборува македонскиот јазик. Имаме обработено 351 пункт, што значи има материјал од толку села, за 35 глави, вкупно милион и петстотини илјади прашања или ливчиња што ги имаме во картотеката на Институтот за македонски јазик. Еден дел од нив се обработени и прикажани во овој атлас, значи 50 карти се обработени и прикажани со, барем, 200 вида различни збороформи и обработени со етимологија. Тоа е заслуга не само на сегашните туку и на претходните соработници, некои од нив и починати, кои работеле на такви карти. Ние ги преработивме, но во чест на нивното ангажирање решивме да ги вклучиме како автори на атласот. Резултатите се видливи, покажавме нешто што се работело со децении, а ние имавме среќа да го објавиме тоа пред јавноста – рече професорката Лаброска.
Живко Попов, претседателот на МАНУ, нагласи дека се промовира значајна публикација што е резултат на напорите на основачот на современата македонска дијалектологија, Божидар Видоески, кој го започнал и го раководел проектот за атласот и по кого денес е именуван Истражувачкиот центар за ареална лингвистика во МАНУ.
– На најголем дел од авторите на овој том на атласот, токму академик Видоески им беше ментор, прв и главен двигател во нивниот научен развој. Затоа, овој том на „Македонскиот дијалектен атлас“ всушност претставува омаж кон академик Божидар Видоески и кон сите македонски дијалектолози што во својата научна кариера оставиле голем придонес во македонската дијалектологија – посочи Попов.
Елена Јованова-Грујовска, професорка и директорката на Институтот за македонски јазик, од своја страна нагласи дека научната јавност добива прегледен атлас на македонските говори, инициран уште во 1959 од академик Божидар Видоески, како и дека станува збор за грандиозно дело и траен етнографски документ за колективната меморија на Македонците и сведочи за традицијата, народните обичаи, сфаќањата, верувањата и вербата.
Финансирањето на „Македонскиот дијалектен атлас“ беше овозможено од страна на Министерството за култура и туризам преку Институтот за македонски јазик, како носител на проектот, додека Министерството за образование и наука, од 1961 година до денес ги финансира Одделението за дијалектологија и „Македонскиот дијалектен атлас“ како проект од национално значење. Презентираното издание е достапно и во дигитална форма на веб-порталот „Дијалектни ресурси на македонскиот јазик“ и, заедно со други публикации од дијалектологијата, е бесплатно за користење.
Д.Ст.