Фото: Џудо-клуб Пролетер-Прилеп

Иако сѐ уште е во основно образование, Марко е државен првак и репрезентативец на Македонија во неговата категорија. Периодов е многу плоден за овој млад и талентиран џудист, постојано е на домашни и меѓународни натпревари, од кои, како по обичај, се враќа со една од трите главни награди

ТАЛЕНТИ: МАРКО ДИМИТРИОСКИ (14), ЏУДИСТ СО МЕЃУНАРОДНО РЕНОМЕ

Maрко Димитриоски е осмоодделенец како и сите негови врсници. Тој доаѓа од Прилеп и учи во ОУУ „Кочо Рацин“, каде што сега завршува осмо одделение. Но, она што го прави различен од неговите другарчиња е неговата посветеност кон неговиот омилен спорт – џудото. Иако сѐ уште е во основно образование, тој е државен првак и репрезентативец на Македонија во неговата категорија.
Периодов е многу плоден за овој млад и талентиран џудист, постојано е на домашни и меѓународни натпревари, од кои, како по обичај, се враќа со една од трите главни награди. На 29. Меѓународен меморијален турнир „Владан Петровиќ“ во Белград, Марко Димитриоски се натпреваруваше во категоријата постари момчиња до 46 килограми и го освои првото место. На тој натпревар во двата натпреварувачки дена биле пријавени околу 900 учесници од 61 клуб од седум држави.
– Среќен сум што сум на добар пат и што моментално сум еден од најдобрите борци во Европа во категоријата до 14 години во овој олимписки спорт, во кој има голема конкуренција – задоволно ни раскажа Марко.
Марко е член на џудо-клубот Пролетер од Прилеп, а со џудо се занимаваат и неговиот дедо и неговиот татко.
Џудо-клубот Пролетер од Прилеп веќе педесет години негува и создава добри борци, но пред сѐ добри луѓе. Клубот во текот на април годинава учествуваше и во Кикинда. Србија, каде што другарот на Марко, Ведран Цветкоски го освои третото место, а Марко се врати со втора награда. Пред тоа, пак, свои претставници клубот имаше на Европскиот џудо-куп во Сараево, Република Босна и Херцеговина, од каде што се врати со второ место за Марко и трето место за Џени Димитриоска, а петтото место го освои Виктор Стојаноски.
Џудото е боречка вештина настаната како збир на одбрани техники од вештината џиуџицу. Џудото е креирано како физичко, ментално и морално образование во Јапонија. Тоа се смета за модерна боречка вештина. Негов основач е Џагоро Кано, а џудото е прва јапонска боречка вештина што официјално станала олимписки спорт.