Фото: Дом на културата-Валандово

Се надевам дека ќе продолжи интересот за ваков вид активности, па и за отворање драмска секција, која ќе биде постојано активна во Домот на културата во Валандово. И бидејќи секој нов проект на кој се работи отвора нови гледишта и нови хоризонти, веќе почнувам да размислувам и за аматерски театар за возрасни,
вели Станка Бајлозова-Барламова, книжевничка, вработена
во Домот на културата „25 Мај“ во Валандово

Во Домот на културата во Валандово премиерно изведена претставата „Убавината чекори сама“

Во Домот на културата во Валандово, во четвртокот (8 мај) се одржа премиерата на претставата „Убавината чекори сама“, во чија реализација како глумци учествуваа средношколци и деветтоодделенци од валандовските училишта. Режијата и адаптацијата на претставата се на Станка Бајлозова-Барламова, книжевничка, вработена во Домот на културата „25 Мај“.
– Сценариото го подготвив и го адаптирав според оригиналната верзија на драмата „Убавината чекори сама“ од Томе Арсовски. Претставата што се одигра во четвртокот е значително изменета од оригиналот на авторот Томе Арсовски, но истовремено е одлично приспособена во однос на бројот на улоги што можевме да ги оствариме. Станува збор за комедија со која имавме намера да ги насмееме валандовските гледачи. Оваа претстава ја подготвуваме неколку месеци и во неа има осуммина учесници. Тоа се навистина талентирани и вредни деца, кои покажуваат потенцијали своето хоби и својот талент да ги развијат во нешто поголемо. Посакувам средношколците и деветтоодделенците од валандовските училишта со сето она што го вложија во пиесата да ги постават основите за заживување на театарски живот во градот на калинките. Кога на почетокот сѐ уште истражував за тоа какво сценарио да подготвам и врз чиј драмски текст да ја направам адаптацијата, внимавав на многу работи – вели Станка Бајлозова-Барламова.
Бидејќи работи со деца, за неа било важно во сценариото да нема експлицитни сцени и да не се употребуваат навредливи зборови.
– Уште кога почнавме, дел од условите што ги поставивме за работа на тимот беа: меѓусебна почит, културно однесување, навремено завршување на обврските, посветеност, одговорност и приспособување кон заедничката работа, која сите моравме да ја усогласиме со преостанатите обврски. Исто така морам да посочам дека темата е многу интересна, актуелна и се совпадна со денешниот начин на живеење. Томе Арсовски во својата драма вели: „Убавината чекори сама“, а дали е така во претставата ќе се уверат гледачите што ќе дојдат да ја видат претставата. Едно е сигурно, актерскиот тим што ја игра претставата преку најбанални случки и на доста комичен начин успева на површина да го извади денешниот начин на живеење – посочи таа.

Голем интерес кај гледачите

Трудот се исплатеше. Минатиот четврток претставата ја погледнаа над 400 гледачи, што за мало гратче како Валандово е голема бројка.
– Влезниците беа пуштени две недели пред премиерата и, искрено, очекувавме поддршка од валандовската публика. Претставата беше изведена во фестивалската сала „Јанко Узунов“, која има 676 седишта, која беше речиси полна. Финалната верзија е резултат на многу труд и посветеност. Имаше многу денови кога до доцните часови останувавме во Домот на културата, но сепак на крајот сите тешкотии се забораваат кога сѐ ќе се заврши среќно и успешно – ни рече Станка Бајлозова-Барламова.
За неа посебна привилегија е можноста да работи со деца.

– Во текот на едукацијата децата учат од својот ментор, но исто така и менторот учи од нив за работи од нивната актуелна сегашност или едноставно се потсетува на тоа како е да се биде дете и да се гледаат работите од детска перспектива. Пред сѐ морам да кажам дека навистина ми е драго што со мојот детски тим не остваривме само професионална соработка туку сите изминати месеци на работа и активности придонесоа и за наша меѓусебна емотивна сплотеност и поврзаност. И токму поради тоа се надевам дека ќе продолжат да доаѓаат во Домот на културата за понатаму да работиме на други проекти – посакува таа.

Да се препознаат можностите за креативност

На прашањето зошто се одлучила да се нафати на реализација на театарска претстава, таа ни одговори дека целта на ваквиот вид активности е пред сѐ да се отворат можности.
– Каков вид можности ви нуди општеството, со нив се поврзувате и продолжувате да чекорите по веќе подготвените патеки или едноставно не се пронаоѓате во тие области. Сите ние што веќе сме ангажирани на полето на културата, едноставно мораме да најдеме начини за да отвориме можности и за генерациите што доаѓаат. Лично се надевам дека ќе продолжи интересот за ваков вид активности, па и за отворање драмска секција што ќе биде постојано активна во Домот на културата во Валандово. И бидејќи секој нов проект на кој се работи отвора нови гледишта и нови хоризонти, веќе почнувам да размислувам и за аматерски театар за возрасни. Мислам дека таквата активност би била интересна и примамлива за валандовската публика, бидејќи за повеќето од настаните што сме ги правеле сме тргнале пред сѐ од појдовната точка да се собере Валандово на едно место.
Да се работи во култура значи постојано да го тренирате умот да размислува креативно за да се случуваат нови нешта што ќе им бидат интересни и актуелни како на оние кои што ќе учествуваат во реализацијата така и на оние кои што ќе дојдат да следат и да гледаат. И, секако, сето тоа да биде убав пример за младите генерации – ни рече на крајот Станка Бајлозова-Барламова.

М.Т.

Фото: Дом на културата-Валандово