Сите од кои побаравме мислење во врска со овој настан, пред сѐ, ја споделија болката со настраданите, изразија сочувство до семејствата на настраданите, надеж за брзо закрепнување на повредените, како и желба никогаш повеќе да не се повтори ваков трагичен настан
ПО ГОЛЕМАТА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ
По големата трагедија што ја снајде Македонија во неделата наутро во дискотека во Кочани, каде што според последните вчерашни попладневни податоци животот го загубија 59 лица, реагираа спортски работници, врвни спортисти и спортски клубови во сите спортови, со оглед на фактот што настрадаа млади животи, од кои многумина се занимаваа со спорт или ги правеа првите активни спортски чекори. Сите со кои разговараше „Нова Македонија“ беа во тага и неверување, вчудовидени и шокирани. Можно ли е да се случи вакво нешто, толку тажно и болно во нашата Македонија?
Сите од кои побаравме мислење во врска со овој настан, пред сѐ, ја споделија болката со настраданите, изразија сочувство до семејствата на настраданите, надеж за брзо закрепнување на повредените, како и желба никогаш повеќе да не се повтори ваков трагичен настан.
Паскоски: Сочувство до семејствата на настраданите и надеж за брзо закрепнување на повредените
– Голема трагедија. Жално, премногу болно за сите нас, а болката и емоциите се поголеми затоа што станува збор за млади луѓе. Сочувство до семејствата на настраданите и надеж за брзо закрепнување на повредените. Нашите мисли се со нив, целата нација е во тага. Ние во спортот, особено во џудото, секогаш на прво место ги ставаме мерките на безбедност, пред каква било активност. Така треба да биде и за сѐ друго во животот, безбедноста и превентивните мерки на прво место. Нема зборови, нема што да се каже, освен, да не се повтори никогаш – вели селекторот на кадетската репрезентација на Македонија и тренер на ЏК Миоки од Скопје, Игор Паскоски.
Јовановски: Никогаш повеќе да не се случи ваков трагичен настан
– Во овие тешки моменти на болка и тага, соочени со трагедијата во дискотека во Кочани, која во еден миг ја обвитка Македонија во црно за 59 изгубени млади животи и уште 150 повредени, во мое лично име и во име на Параолимпискиот комитет на Македонија изразувам длабоко сочувство до семејствата на починатите во пожарот во дискотеката во Кочани, а на повредените им посакуваме брзо и целосно закрепнување. Нам ни останува само да се молиме со семејствата на загинатите, со надеж дека на тој начин барем малку ќе ја намалиме нивната болка, посакувајќи им да најдат сила да ја преживеат оваa трагедија, бидејќи нема вистински зборови во овој момент со кои можат да се утешат. Сите ние ја споделуваме болката со нив и посакуваме никогаш повеќе да не се случи ваков трагичен настан, а институциите на државата на брз и ефикасен начин да ги санкционираат виновниците за овој немил настан. Нека почиваат во мир младите души, Бог нека им го осветли патот и нека им ги отвори ширум рајските порти – изјави Бранимир Јовановски, претседател на Параолимпискиот комитет на Македонија и селектор на македонската парастрелачка репрезентација.
Павлов: Голема трагедија, со дел од загинатите и лично се знаев
– Утрово, станувајќи од спиење нѐ потресе навистина голема трагедија. Kатастрофа во која толку млади луѓе починаа. Со дел од нив и се знаев лично, со фудбалерот Андреј Лазаров во зимската пауза трениравме заедно. Навистина ми е многу мачно и тешко да зборувам во овие трагични мигови. Нека почиваат во мир, лесна им земја и огромно сочувство до фамилиите на настраданите. Господ да им даде сила да го издржат овој најцрн ден – вели македонскиот каратист и трикратен европски шампион, штипјанецот Емил Павлов.