Фото: Маја Јаневска Илиева

ОДБОЈКА

Финалниот турнир на Купот на Македонија повторно во
Радовиш

Спортската сала „25 Мај“ во Радовиш вторпат ќе биде домаќин на финалниот турнир од Купот на Македонија во машка и во женска конкуренција, кој ќе се одржи од 3 до 5 април. Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) и Општина Радовиш како технички организатор имаа одлична соработка за завршницата на Купот во 2023 година. Тридневната куп-програма ќе почне на 3 април со полуфиналните дуели во машка конкуренција. Еден ден подоцна на програмата се полуфиналните натпревари кај дамите. На 5 април се закажани финалните дуели, прво во женска, а потоа и во машка конкуренција. Пласман во полуфиналето кај мажите обезбедија бранителот на трофејот Штип УГД, Струмица 47/72, Борец и Работнички 71/22, а кај дамите во полуфиналето ќе играат Наковски Волеј, Јанта Волеј КВ, Фит Фан Волеј и Работнички Скопје. Ждрепката за полуфиналните двојки е закажана за в петок од 13 часот. Г.И.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Три победнички на трите брзински трки во Квитфјел

На трите брзински трки што се одржаа викендов во норвешкиот скијачки центар Квитфјел, во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, имаше три победнички. Така, во двата спуста, возени во петокот и во саботата, победија Корнелија Хитер од Австрија, односно Ема Ајхер од Германија, а во вчерашниот супервелеслалом славеше водечката во Светскиот куп сезонава, Федерика Брињоне од Италија. Следни трки за скијачките во Светскиот куп се две технички дисциплини, велеслаломот в сабота и слаломот в недела, во шведскиот скијачки центар Оре. Н.М.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Двојна победа на Кристоферсен во Крањска Гора

Во Крањска Гора (Словенија) викендов се возеа две трки во Светскиот куп во алпско скијање, во кои двојна победа оствари Хенрик Кристоферсен (Норвешка), прво во саботниот велеслалом и потоа во вчерашниот слалом, иако по првата слаломска трка беше шести. Со победите, Кристоферсен го зголеми водството во поредокот за слалом во Светскиот куп за сезонава, а во генерален пласман во Светскиот куп го намали водството на актуелниот победник, Марко Одермат (Швајцарија), на девет трки до крајот на сезоната. За скијачите од петок до недела во норвешкиот скијачки центар Квитфјел следуваат три брзински трки, и тоа спуст-трки в петок и в сабота, а потоа и супервелеслалом в недела. Н.М.


АТЛЕТИКА – СКОК СО СТАП

Дуплантис 11-ти пат собори светски рекорд, сега тој е 6,27 м

Швеѓанецот Мондо Дуплантис (25) прескокна 6,27 метри и со тоа го постави 11-от светски рекорд во скок со стап во својата кариера, пишува Светската атлетика (СА). Тој го направи тоа на митинг на Светската атлетска турнеја во сала, во Клермон-Феран (Франција). Олимпискиот и светски шампион додаде уште еден сантиметар на светскиот рекорд од 6,26 м што го постави во август лани.
Дуплантис победи на натпреварот со прескокнати 6,07 метри, а потоа ја крена летвичката на 6,27 метри и го постигна новиот светски рекорд при првиот обид. Со успешниот скок, Дуплантис вторпат постави светски рекорд во Клермон-Феран, откако прескокна 6,22 метри во тој француски град во 2023 година за шести од неговите сега 11 светски рекорди, пишува Светската атлетика.
Неговиот прв светски рекорд беше 6,17 метри, остварен во 2020 година. Дуплантис постави светски рекорди за време на летни олимписки игри, светски првенства и на светски првенства во сала. Н.М.


АНАЛИЗА НА ЦИЕС

За 20 години, Реал тренирал најмногу фудбалери што играле во најсилните пет првенства

За да го прослави своето дваесетгодишно постоење, Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) од Швајцарија ја презентира студијата за клубовите што тренирале најмногу фудбалери што настапиле во најсилните пет домашни првенства во Европа во претходните две децении. На првите три места на оваа табела се Реал Мадрид (166 играчи), Барселона (156) и Пари сен Жермен (111). Лион и Манчестер јунајтед (двата со по 103 фудбалери) се на чекор до подиумот, а потоа следуваат Рен и Аталанта (по 94 играчи). Меѓу клубовите надвор од најсилните пет фудбалски првенства во Европа, трите што тренирале најмногу фудбалери што играле во петте најголеми лиги од сезоната 2005/2006 се Ајакс (73 играчи), Спортинг (64) и Ривер плата (51), а меѓу првите пет клуба се и Бока јуниорс (49) и Бенфика (45), пишува ЦИЕС на својата интернет-страница. Клубовите што тренирале фудбалери се дефинирани како први тимови каде што фудбалерите играле најмалку три години помеѓу сезоните на нивниот 15. и 21. роденден (вклучувајќи ги и сезоните на овие родендени), пишува ЦИЕС. Н.М.