Фото: Здружение „Кавадаречки срца“

Корисна иницијатива на здружението „Кавадаречки срца“

Здружението „Кавадаречки срца“ се роди токму пред една година на инклузивниот спортски настан „Кавадарци еднакво за сите“, кој се одржа на 3 декември во организација на Сојузот за спортови на општината. Една од основните цели на здружението е подобрување на здравјето и на физичките способности на лицата со попреченост, нивно организирање во спортски, културни и рекреативни активности. Во него може да членува секој што покажува афинитети од оваа област. Една година подоцна овие прекрасни срца ќе бидат дел манифестацијата во организација на Сојузот на спортови, во коорганизација на Здружението на слепи лица од Кавадарци, по повод одбележувањето на 3 декември.
– Активностите на здружението подразбираат организирање редовни спортски тренинзи, двапати неделно, во среда и петок, во спортската сала на Средното земјоделско шумарско училиште „Ѓорче Петров“, под раководство на професорот по физичка култура Дарко Цеков. Уште на самиот почеток наидовме на големо разбирање и помош од страна на директорот на училиштето, како и од ЈП „Јавен превоз Кавадарци“, кои за тренинзите бесплатно ги носат и враќаат членовите, за што им упатувам јавна благодарност – вели Орданчо Бошковски од здружението „Кавадаречки срца“.
За овие тренинзи значајно е да го спомнеме и присуството на Антонија Рамова, дефектолог во училиштето „Ѓорче Петров“. Таа смета дека за лицата со попреченост вклучувањето во спортот е многу значајно и корисно за нивниот целокупен развој. Спортот не претставува само форма на рекреација туку е и важен дел од рехабилитацијата, едукацијата и социјалната интеграција на овие лица.
– На овие тренинзи можев да ги забележам првите придобивки од спортските активности за лицата со попреченост. Спортот ги подобрува општото здравје и физичката кондиција, овозможува развој на моториката, рамнотежа и координација, што придонесува за подобра мобилност и независност во секојдневното функционирање. Исто така се подобруваат социјализацијата и социјалните вештини бидејќи спортот создава можност за поврзување, дружење и учество во заедницата и ја зголемува видливоста на овие лица – вели Антонија Рамова.
Значајно е да се издвои дека кавадаречките срца беа активни во текот на целата година и гостуваа на ревијални инклузивни натпревари и турнири во Кавадарци и Неготино во фудбал и кошарка,. Тие беа дел и од трката „Да трчаме заедно“ во Гевгелија. Здружението во оваа измината година организираше хуманитарна акција за собирање парични средства за нивни член, како и акции за обезбедување спортска опрема за своите членови. Официјално, здружението нема своја канцеларија, па средбите се во невладиниот центар во Кавадарци, поранешната дискотека на Младинскиот дом, каде што членовите волонтерски се ангажираат во средувањето на просторот во дворот, кој ќе го носи името „Парк на кавадаречки срца“.
– Лично сметам дека спортот е моќна алатка за промовирање на социјалната инклузија, која овозможува луѓето меѓусебно да се поврзуваат, да учат за различни култури и вештини и полесно да ги надминуваме предрасудите. Со спортот се зајакнува самодовербата и се стекнуваат животни вештини кај лицата со попреченост. Затоа во иднина ќе продолжиме да работиме на подобрување на условите во спортските сали, на стадионите, пешачките патеки, сѐ со цел градот Кавадарци на спортски и на социјален план да биде еднаков за сите. Преку социјалната инклузија во спортот ќе градиме подобра средина и напредок за лицата со попреченост, како и позитивен однос на заедницата кон оваа популација – додава Орданчо Бошковски, првиот човек во здружението.