
Меѓународни успеси на секцијата „Млади истражувачи“ при ООУ „Димитар Миладинов“ од Скопје
- Но вистинската вредност на проектот „Мали волшебници“ не се мери само со награди и признанија. Таа се гледа во моментите кога учениците поставуваат нови прашања, кога експериментот предизвикува изненадување и кога науката станува дел од нивната секојдневна љубопитност, вели наставничката Аида Петровска
Во време кога образованието се менува побрзо од кога било, сè почесто се поставува прашањето како науката да им се приближи на учениците, не како сложена теорија, туку како возбудливо откривање на светот? Одговорот понекогаш не лежи само во големи системски промени, туку во мали посветени училишни заедници што создаваат простор за љубопитност, експеримент и за истражување.
Таква приказна веќе една деценија се гради во ООУ „Димитар Миладинов“, преку активностите на секцијата „Млади истражувачи“ и преку учеството во европската образовна заедница „e-Твининг“ (eTwinning).
– За нас, оваа заедница никогаш не била само дигитална платформа. Таа стана простор за соработка, размена на идеи и за заедничко учење со наставници и ученици од различни европски земји. Преку „е-Твининг“ научивме дека современото образование не се гради само во училницата. Тоа се гради преку партнерства, преку заеднички проекти и преку отвореност кон нови идеи. Учениците добиваат можност да соработуваат со врсници од други земји, да истражуваат заеднички теми и да ја претстават својата работа пред поширока публика – ни раскажа наставничката Аида Петровска.
Малите волшебници од Македонија и од Хрватска ја откриваат магичноста на науката
Денес оваа соработка продолжува и се продлабочува преку „Јуропиан скул едукејшн платформ“ (European School Education Platform-ESEP), која ги обединува европските образовни иницијативи и создава уште посилна мрежа на наставници и училишта. Чувството дека си дел од европска образовна заедница е силна мотивација – и за наставниците и за учениците.
Во последните години, токму преку оваа соработка се роди и проектот „Мали волшебници“, кој постепено прерасна во една од најзначајните активности на секцијата „Млади истражувачи“.
Автори на проектот се наставничката Аида Петровска од ООУ „Димитар Миладинов“, Македонија, и професорката Марина Трстењак Петран од средното училиште „Чаковец“ од Хрватска. Ова претставува добар пример за успешна меѓународна образовна соработка, која покажува дека науката и образованието лесно ги преминуваат границите.
– Името на проектот ја носи симболиката на детската љубопитност. Во очите на учениците науката често изгледа како магија. Но кога тие сами ќе изведат експеримент, кога ќе измерaт, ќе споредат и ќе заклучат, сфаќаат дека „волшепството“ всушност е знаење, логика и истражување – објаснува наставничката Петровска.
Според неа, оваа соработка создава динамична средина во која учениците учат преку практична работа, експерименти и преку заедничко истражување. Така, науката излегува од учебникот и станува живо искуство.
Учениците во улога
на наставници
– Во текот на првото полугодие од учебната 2025/2026 година беа реализирани многубројни активности. Учениците учествуваа во Ератостеновиот експеримент и симболично ја измерија обиколката на Земјата, ја одбележаа Светската недела на вселената со постери и презентации, а преку Неделата на кодирањето се организираше работилницата „Големи за мали“, во која постарите ученици ги воведуваа помладите во основите на програмирањето – истакна Петровска.
Науката беше претставена и пред пошироката заедница преку осмиот регионален саем за наука „Науката и јас“, како и преку Фестивалот на науката организиран по повод Светскиот ден на науката за мир и развој.
Современото образование не се гради само во училницата туку и со партнерства и отвореност кон нови идеи
Учениците постигнаа и значајни резултати на државниот натпревар „Млади физичари“, каде што освоија три први, три втори и четири трети награди – доказ дека љубопитноста и практичната работа се силна основа за вистинско учење.
Посебна вредност има и традицијата учениците да учат едни од други. Деветтоодделенците одржаа едукативни предавања за помладите ученици – за Светскиот ден на лебот, како и за безбедно прославување на новогодишните празници.
Годината беше заокружена и со новогодишен училиштен научен фестивал, реализиран преку шест отворени часа – по еден во секоја паралелка – каде што училниците се претворија во мали лаборатории на идеи и експерименти.
Паралелно со овие активности, учениците активно учествуваа и во неколку меѓународни проекти од програмата „е-Твининг“. Дури 56 ученици добија сертификати за учество во четири проекти наградени со национална ознака за квалитет, а два проекта добија и европска ознака за квалитет. Со тоа училиштето има реализирано над осумнаесет проекти.
Но вистинската вредност на работата не се мери само со награди и признанија. Таа се гледа во моментите кога учениците поставуваат нови прашања, кога експериментот предизвикува изненадување и кога науката станува дел од нивната секојдневна љубопитност.
– Во моментов проектот се привршува, а се комплетираат и голем број едукативни продукти и материјали што ќе останат како вреден ресурс за идните генерации ученици. Зашто најголемата цел на образованието не е само да пренесе знаење туку да поттикне љубопитност. А кога љубопитноста ќе се разбуди, тогаш се раѓаат нови млади истражувачи – мали волшебници што го откриваат светот чекор по чекор – подвлекува наставничката Аида Петровска.

































