Во рамките на проектот насловен „Чудесна лабораторија“, чија цел е да ги инспирира и мотивира наставниците од градинките и основните училишта, минатата недела во Скопје беше претставена интерактивната современа бајка „Тајната на сината самовила“.
Авторка на текстот е Весела Богдановиќ, а илустрациите ги направи Натали Николовска. Нивна желба е да го популаризираат читањето, на еден невообичаен и креативен начин.
Промоцијата се одржа изминатиот викенд во просториите на „Просветно дело“ во „Џевахир мол“.
На настанот беа организирани десетина креативни работилници, обединети во „Чудесна лабораторија“, а сите учесници ги изложија своите креативни изработки, создадени за време на траењето на проектот изминатиот период, создавајќи амбиент на бајка, во кој уживаа сите посетители.
– Всушност, изминатите месеци сите учесници во проектот, од своите занимални и училници, создадоа бајка, при што децата имаа можност да патуваат низ бајката, да ги решаваат предизвиците, да создаваат свои волшебни светови, а притоа да освојуваат семејни вредности, да развиваат емпатија и позитивно однесување во своето опкружување – велат организаторите на настанот.
Во оваа лабораторија зборовите и приказните на децата оживуваа, нивните цртежи стануваа стварност, желбите се исполнуваа и сè беше возможно.
Иле Михајловски, еден од најдобрите наставници во светот за изминатата година, балетското студио „Еурека“, хорот „Златно славејче“, Андријана Јаневска, голем број родители, наставници што допатуваа со своите деца и ученици од цела Македонија и голем број посетители, секако најмногу деца, со своето присуство ја разубавеа промоцијата.
На завршниот настан беа прогласени 30 најдобри во повеќе категории.
Во улогата на Сината Самовила беше авторката на сликовницата, наставничката Весела Богдановиќ, а во улогата на волшебникот Бојараус беше наставникот Иле Михајловски.