Се проширува и продлабочува борбата на институциите на САД против основано осомничените за финансирање домашен тероризам
- Невладините и граѓанските организации финансирани од фондацијата „Отворено општество“ на милијардерот инвеститор Џорџ Сорос се под истражната лупа на надлежните институции на САД, по иницијатива од страна на американскиот претседател за постоење на низа индиции за противправни поведенија поврзани со загрозување на уставниот поредок на Америка
Американскиот претседател Доналд Трамп е решителен во полн институционален капацитет да застане на патот на заканите против Уставот, против американската нација и државата, закани што се генерирани, поттикнати, финансирани, па и организирани и изведени од поединци и организации за кои веќе има основани сомненија за такви тешки противправни поведенија. Меѓу нив е Џорџ Сорос со неговите невладини организации, како и низа други невладини организации, фирми или поединци што биле финансирани од истите фондови.
Претседателот на САД уште минатиот месец забележливо ја засили својата реторика во јавноста против активностите на милијардерот инвеститор, при што потпиша и меморандум со кој ги охрабрува Министерството за правда на САД, Министерството за финансии и Службата за внатрешни приходи да ги истражат финансиерите на „домашен тероризам“, меѓу кои Сорос е означен како главна цел.
Дополнително, администрацијата на Трамп исто така сугерираше дека „би можела да го укине даночното ослободување што го уживаат непрофитните групи што се залагаат за родово потврдување кај децата“ или помагаат во „нелегалната имиграција“.
Невладините организации со финансирањето на Сорос функционираа како негова продолжена рака
Најавите за законско гонење од Белата куќа веќе се чувствуваат во т.н. граѓански сектор во САД, особено кај оние што биле финансирани од фондацијата „Отворено општество“.
Групите што се можни цели на истрагата и за кои постојат основи на сомневање за финансирање „домашен тероризам“ опфаќаат широк спектар – од таканаречени „активисти за човекови права и демократија“, преку самопрогласени „застапници за реформа на кривичната правда“, до медиуми и т.н. маргинализирани заедници.
Многу е симптоматична појавата што кај некои од овие организации персоналот си заминува од страв да не биде цел во истрагата. Други, пак, брзо ги отстранија референците за одредени неолиберални „прогресивни каузи“ од своите веб-страници, во обид да се „засолнат“ од истрагите на надлежните. Интересни се податоците собрани од „Кроникл ов филантропи“, кои регистрираат дека „најмалку 22.000 работни места биле напуштени во граѓанскиот сектор во првите шест месеци од годинава“, наводно поради „недостиг од средства“.
Освен поведената истрага, прекинато е и владиното финансирање одредени
граѓански организации
Финансирањето од американската влада на некои граѓански организации во САД беше прекинато поради нивни проекти и поддршка на каузи блиски до неолибералната идеологија: „почитување на разновидноста и инклузијата“ (ЛГБТ), глобализацијата, климатските промени и странската помош.
– Ова е речиси како двоен удар, секнување на финансиите и плус истрага – велат претставници од невладиниот сектор во САД
Американскиот претседател Доналд Трамп со извршна одлука што стапи во сила на 27 јануари укина над 90 отсто од договорите за странска помош на УСАИД, што резултираше со згаснување голем број слични глобалистички структури и организации.
За издвојување е фактот што во последните недели Белата куќа, во согласност со правните, легални стратегии што ѝ се на располагање, ја прошири дефиницијата за тероризам, со што дополнително попречи некои од досегашните активности на некои од граѓанските организации што не беа влезени во радарот на надлежните американски институции за одвивање „активности поврзани со домашен тероризам“.
На пример, заменик-генералниот обвинител Тод Бланш посочи дека мала група демонстранти што упатиле повици до претседателот Трамп за време на негова неодамнешна посета на ресторан во Вашингтон би можеле да бидат дел од организирана група што сака да им „нанесе штета, терор и штета“ на САД и тврдеше дека би можеле да се соочат со обвиненија за рекетирање, кои се вообичаени за припадниците на организираниот криминал.
Сорос вети контраудар
Фондациите на Сорос, кои сега ги води неговиот син Алекс, имаат средства од 25 милијарди долари и финансираат стотици невладини организации во САД и низ целиот свет. Тие се спротивставуваат на сите обвинувања за „поддршка на насилство или нелегалност“.
Тие сметаат дека „извршната власт нема моќ за еднострано да ги означува групите како терористички“, додека законот им забранува на службениците од агенциите надвор од даночната служба да ги насочуваат истрагите кон одредени субјекти или поединци.
Но, владините истраги претставуваат „огромно трошење енергија“, вели лице запознаено со структурите на фондацијата „Отворено општество“, што ги принудува организациите да ги пренасочат ресурсите од активности кон борба против администрацијата на Трамп. Е.Р.