Фокус на нашата борба се работничките права. Бараме достоинствени услови за работа, еднакви плати за еднаква работа и работа со еднаква вредност. Неплатената домашна работа мора да биде препознаена и вреднувана. Ги користиме сите демократски стратегии и тактики за да ги заштитиме нашите човекови права, велат членките на мрежата
ФАМа ги сподели програмата и идните чекори на мрежата
На овие простори отсекогаш постоеле многу силни жени. Имало силни женски активистки што успеале да се здружат, да се организираат, да создадат мрежа… Така, пред осумдесет години се создал Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) — движење на жените за време на Втората светска војна во Македонија, а денес е претходник на регионалната феминистичка антифашистичка мрежа ФАМа. По повод 9 Мај, Денот на победата над фашизмот, фондацијата „Фридрих Еберт“ и регионалната феминистичка антифашистичка мрежа ФАМа во петокот јавно ги споделија програмата за работа и идните чекори во Музејот на современата уметност.
Членките на ФАМа, Нита Старова, Санела Шкријељ и Ирена Цветковиќ, нѐ потсетија на меѓународното наследство на АФЖ, на нивните доминантни цели, но и на битките што допрва треба да се извојуваат. Потсетија дека родовата револуција е недовршена и дека сме многу далеку од фактичка рамноправност, дека жените сѐ уште ги нема во доволен број на одлучувачки позиции, сѐ уште се помалку платени за работни места со иста вредност, бремените работнички немаат соодветна заштита. Во руралните средини жените се соочуваат со немање пристап кон основни услуги, нееднаква распределба на имотите, немање градинки, а жените земјоделци уште го бараат законски своето право на надомест за породилно отсуство… Листа што е навистина долга за набројување.
За време на настанот, ФАМа исто така им овозможи на сите заинтересирани да се приклучат кон мрежата и да го дадат својот придонес кон градење поинаков свет – свет на мир, еднаквост и одржлив развој.
– Заедништвото е наша сила. Нашите претходнички знаеле дека моќта е во здружувањето, а не во индивидуализмот. Учејќи од нив, но и една од друга, можеме да развиваме подобри стратегии и заедници на отпор спрема растечките авторитарни трендови, кои секогаш прво удираат по правата на жените и преостанатите ранливи групи. Соработката помеѓу женските движења, мрежи и организации и активистки во нашиот регион е единствен начин да останеме поврзани и истрајни, наспроти секојдневието што го живееме. Така стануваме и повидливи и нашиот глас станува посилен. Мора јасно да покажеме дека сме тука, одлучни да ги браниме своите стекнати права, и да ја продолжиме борбата за родова еднаквост – истакна Санела Шкријељ, една од членките на ФАМа.
Тие исто така го презентираа Манифестот на антифашистките за 21 век, односно на регионалната феминистичка антифашистичка мрежа ФАМа, во кој се содржани целите и заложбите на ФАМа.
– Решени сме да ги браниме освоените женски права, придобивките на феминистичкото движење и да ја продолжиме борбата за целосна рамноправност. Ние, антифашистките, на општеството му ги носиме идеите и практиките на рамноправноста, почитувањето на различностите и личната автономија, солидарноста, слободата и правдата како основни вредности на феминистичкото движење и како наша визија за општеството. Наш избор се мирот, разоружувањето и благосостојбата. Правиме сè нашите општества да станат демократски, а нашите држави да се поврзат со секаков вид соработка, меѓусебно почитување и уважување. Се залагаме за општества што се темелат на слободата, рамноправноста, човековите права и владеењето на правото, социјалната правда и еднаквите можности, правото на здрав живот и здрава животна средина – ова е само сегмент од фашистичкиот манифест на антифашистките за 21 век.
Мрежата е составена од индивидуално зачленети активистки – волонтерки, уметнички, научнички, синдикалки, политичарки, активистки на невладини организации, работнички, земјоделки, невработени, припаднички на сите малцинства, кои ги делат истите вредности и цели.
– Фокус на нашата борба се работничките права. Бараме достоинствени услови за работа, еднакви плати за еднаква работа и работа со еднаква вредност. Неплатената домашна работа мора да биде препознаена и вреднувана. Ги користиме сите демократски стратегии и тактики за да ги заштитиме нашите човекови права. Ги браниме сите граѓани и граѓанки за кои не постојат адекватни општествени и институционални гаранции за заштита на нивните права, а особено правата на девојчињата, повеќекратно дискриминираните жени и жените што искусиле насилство. Се солидаризираме со движењата што се борат за мир, слобода, демократија, здрава животна средина и родова еднаквост во нашите општества, Европа и во светот. Тоа е нашиот интернационализам. Со овој манифест потврдуваме дека остануваме поврзани, храбри и единствени во нашиот отпор. Се обврзуваме дека врз темелите на антифашистичките вредности ќе градиме творечки општества на мир, еднаквост, правда и солидарност – подвлекоа членките на ФАМа.
Цели на нивната програмата се зајакнување на транснационалната женска антифашистичка мрежа, создавање простори за замислување и градење нови политички хоризонти засновани на грижа и правда за сите, развивање стратегиски одговори на радикални десничарските движења и протофашистичките иницијативи, како и развивање солидарност меѓу различни жени, унапредување на феминистичките и антикапиталистичките перспективи во рамките на антифашистичкиот отпор.
Како следен чекор, годинава почнуваат со активности за омасовување на мрежата за заедничка работа на конкретни и општествени промени што го подобруваат секојдневниот живот на жените во земјата и регионот, размена на искуства и најдобри практики, организирање заеднички акции на поддршка, во случај кога ќе постои потреба од тоа.