Редакцијата на „Нова Македонија“ при повеќенеделни темелни истражувања и анализа во врска со сообраќајните незгоди во Македонија што се случиле во еден подолг временски период, почнувајќи од 2010 година, констатира појави на кои треба да им се пријде со сета сериозност заради превентивно и репресивно решавање!
Во еден таков ФРОНТ за спречување асоцијални, антисоцијални и девијантни поведенија на учесниците во сообраќајот, неопходно е да земат синхронизирано учество еден поширок комплекс на државни институции, од воспитно-образовните (училишните), па од Министерството за внатрешни работи, како институција на која граѓаните веднаш асоцираат како одговорна за безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Но вистината е дека сообраќајот како комплексна социјално-општествена појава е многу подлабока и одговорноста е многу поширока. Во еден таков контекст, редакцијата на „Нова Македонија“ ќе се осврне на безбедноста на сообраќајот во државава во три продолженија, со надеж дека некои од информациите ќе допрат најпрвин до граѓаните, до поединци и до семејства, каде што најпрво се создава дисциплината за почитување на правилата и безбедност во сообраќајот
ОСВРТ НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“ НА СТАТИСТИЧКИТЕ ПОДАТОЦИ ЗА СООБРАЌАЈНИТЕ НЕЗГОДИ ВО ДРЖАВАТА ОД 2010 ГОДИНА (1)
Најголем дел од нашето истражување и осврт на тоа се однесува на информациите што се педантно систематизирани, стипулирани и достапни во базата на податоци МАКСТАТ на Државниот завод за статистика (МАКСТАТ на ДЗС), https://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__Transport__SoobrakajniNesreki). Во помал дел користевме и некои податоци од публикацијата „ЗБИРНА АНАЛИЗА ЗА ВКУПЕН КРИМИНАЛИТЕТ 2010-2023“, која е достапна на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи (МВР), под http://moi.gov.mk/analiza/soobrakjaj/72.
Во рамките на првово продолжение анализиравме девет ставки, достапни на МАКСТАТ на ДЗС, во категоријата „загинати и повредени лица во сообраќајни несреќи во кои е вклучено едно или повеќе лица под дејство на алкохол, по години“.
Во ставката „незгоди во кои лицата се загинати или повредени“, во МАКСТАТ на ДЗС се анализирани 26 години, од 1998 до 2023 година. Во почетната 1998 година се случиле 233 вакви незгоди, а за последните две години имало просечно по 627 (во 2023 година рекордни 635). Пресметавме, споредувајќи ја 1998 со просекот од 2022 и 2023 година, дека за 169 проценти е зголемен бројот на незгоди во кои има загинати или повредени.
Во првите осумнаесет години (1998–2015) просекот бил 162,5 незгоди годишно, но истиот тој нагло се зголемил во текот на следните осум години (2016-2023). Најпрво бројката се зголемила во просек за 91,5 проценти во двете следни години (322 во 2016 година и 300 во 2017 година) и изнесувала 311 по година. Во последните четири години ваквите незгоди се зголемиле за дополнителни 73,5 проценти (просекот достигнал 540), при што, споредбено со претходната година, растеле во секоја од трите години во периодот од 2020 до 2022 година: од 344 незгоди во 2019 година нараснале на 433 незгоди во 2020 година, во 2021 година се случиле 468 и во 2022 година рекордни 634. Во 2023 година имало 625 вакви незгоди.
За алармантна во МАКСТАТ на ДЗС ја сметаме прогресијата во ставката „повредени лица“. Во текот на првите 18 години (1998-2015), во шест години бројот на повредени бил помал од двесте, во други четири години бил поголем од триста, а во една година бил поголем од 400 (410 повредени лица во 2005 година). Во 2016 година бројот бил 479 повредени односно се зголемил за 258 отсто (!) во однос на 186 повредени во 2015 година. Околу оваа бројка било и во следните пет години (436 повредени во 2017 година, 591 во 2018 година, 555 во 2019 година, 458 во 2020 година и 424 во 2021 година), во кои пресметавме дека просекот бил 492,8 повредени, за во следните две години да нарасне за просек од близу сто отсто (959 во 2022 година и рекордните 982 повредени во 2023 година).
Во ставката „загинати“ во МАКСТАТ на ДЗС, во 2022 и 2023 година просекот бил 32 лица, наспроти 2021 година кога загинале две лица. Висок бил и просекот од 18 загинати во почетните две години, 1998 (загинале 15 лица) и 1999 (21 лице). Двоцифрени бројки имало уште во шест години (2004-2006, 2016, 2018-2019). Во преостанатите 16 години бројката биле едноцифрена, а просекот 4,1. Само во 2011 година не загинало лице.
Мошне поразителни се и бројките во ставката „пешаци и возачи под дејство на алкохол, учесници во незгодите – вкупно“. Притоа, во една наша споредба, растот е околу 1.340 отсто: од 100 лица во 2000 година до рекордните 1.442 лица во 2021 година.
И во оваа ставка издвојуваме почетен период од осумнаесет години (1998-2015), за кој пресметавме дека просечниот број учесници годишно изнесувал 182,55. Повторно следува период од четири години (2016-2019) во кој пресметавме дека просекот бил 335 или се зголемил за 84 проценти. Во последните четири години имало повеќе од илјада вакви учесници, а просечно 1.288,5 (1.440 учесници во 2020 година, 1.442 во 2021 година, 1.169 во 2022 година и 1103 во 2023 година). Пресметавме дека просекот од 335 учесници (2016-2019) нараснал за 229 отсто и бил 1.103 учесници (2016-2019)!
Огромни зголемувања во последните четири години има и во ставката „возачи на мопеди“. Во период од 22 години (1998-2019), во поголемиот дел – во 13 години (од 2007 до 2019 година) – немало ниту еден, а во претходните девет (од 1998 до 2006 година) просекот бил 7,4. Во последните четири години (2020-2023) просекот бил 41, што, во однос на просекот (7,4) од споменатите девет години (1998-2006) е зголемување од 459 отсто!
Многу се зголемил и просекот во ставката „возачи на патнички автомобили“. Во период од осумнаесет години (1998-2015), просекот бил 148,5. Во следните четири години (2016-2019) просекот се зголемил за 96 отсто и изнесувал 290,5 возачи, а последните четири години (2020-2023) за дополнителни 262 отсто бил зголемен просекот и достигнал 1.052 возачи годишно (најмногу имало 1.173 возачи во 2020 година)!
Во последните четири години големо е зголемувањето и во ставката „пешаци“. Имено, во почетниот период од осумнаесет години (1998-2015), во девет години – немало ниту еден, во други осум просекот бил 2,6, а само во 1998 година бројката била двоцифрена – петнаесет пешаци. Во 2015 година имало пет пешаци, во 2016 година четири, по што бројот се удвоил во следните две години – десет во 2018 година и девет во 2019 година. Во последните четири години (2020-2023) просекот е 23,2 (36 во 2021 година ).
Постојано се зголемила и бројката во ставката „возачи на мотоцикли“. Во првите десет години (1998-2007) бројот бил едноцифрен, а просекот 6,3. Во последните пет години (2019-2023) просекот се зголемил за 540 отсто и изнесувал 40,6 (30 во 2019 година, рекордни 63 во 2020 година, 41 во 2021 година, 36 во 2022 година и 33 во 2023 година).
Застрашувачки пораснал просекот во ставката „други лица“. Во почетните девет години, во поголемиот дел (во шест години) немало загинато или повредено лице, а во три години (2002, 2004 и 2005) бил по едно лице или просечно 0,3 лица. Во следниот период, од тринаесет години (2007-2019), просекот бил 10,9. Во третиов анализиран период (2020-2023), секоја година бројката е поголема од 90, а просекот е 108,5 лица по година (рекордни 151 во 2021 година).
На почетокот ја споменавме публикацијата „ЗБИРНА АНАЛИЗА ЗА ВКУПЕН КРИМИНАЛИТЕТ 2010-2023“, која е достапна на веб-страната на МВР. Имено, на сајтот на МВР, во пододдел „анализи и статистики“, ја анализиравме првата ставка „сообраќај“, поточно поглавјето насловено „Најчести фактори за сообраќајните незгоди“.
Во првата графа од тоа поглавје се наведени пет фактори. Убедливо најчест фактор е „брзото возење“, кое во 2010 година било причина за 1.219 сообраќајни незгоди, во 2022 година за 1.075 незгоди, а во 2023 година за 1.845 незгоди. Втор по бројност е „непочитување правила за првенство на минување“, кои во 2010 година ги имало 745, во 2022 година биле 741, а во 2023 година биле 1.259. Трет е „недржење страна и правец на движење“: во 2010 година биле 492, во 2022 биле 596, а во 2023 година 839. Четврти најчест фактор е „непрописно движење и свртување“: во 2010 година 511, во 2022 година биле 239, а во 2023 биле 367. Петти е „управување под дејство на алкохол“: во 2010 година имало 132, во 2022 година 201, а во 2023 биле 268. За 2023 година ги собравме бројките од овие фактори и утврдивме проценти во рамките на истите: брзо возење е 40 проценти, непочитување правила за првенство на минување е 28 проценти, недржење страна и правец на движење е 18 проценти, непрописно движење и свртување е 8 проценти и управување под дејство на алкохол 6 проценти.
Заради прецизност во изнесувањето податоци, вреди да се цитира она што е наведено како напомена: Од 1 јануари 2020 година, во Министерството за внатрешни работи функционира нова база за водење на сообраќајните незгоди. Новата апликација дава можност да се изберат повеќе фактори при случена една сообраќајна незгода (на пример да се одбере и брзина и престигнување, а не само еден фактор). Од тие причини вкупниот број на сообраќајни незгоди според фактори не соодветствува со вкупниот број на случени сообраќајни незгоди со потешки последици, ниту пак со бројот на загинати и повредени лица, истите тие се прикажани во две и повеќе незгоди“.
(продолжува)
Живко Здравковски