Како вовед во нашиот осврт на феноменот „сообраќај на патиштата“, како и нашиот обид за мобилизирање и фокусирање кон мерките за „безбедност на сообраќајот на патиштата во Македонија“, најпрвин подолу ви пренесуваме само најсвежи информации и статистики од редовните извештаи на МВР за состојбата во сообраќајот, особено по засилените контроли на сообраќајниците, што идентификуваат една поразителна состојба. Причини има многу. Но има и решенија.
Но, во истиот контекст и со подлабок новинарски ангажман и одговорност кон јавноста, на страница 7 можете да проследите наш темелен осврт на статистичките податоци за сообраќајните незгоди во Македонија од 2010 година, како сведоштво и предупредување за хроничноста на овој проблем. Денеска го објавуваме првото продолжение на пообемна анализа што ќе продолжи и во наредните два дена, каде што ќе понудиме и некои размислувања за потребата од сеопфатна, интегрална општествена реакција и мобилизирање на сите општествени чинители за превенција и репресивно дејствување од овој домен, заради решавање на горливиот предизвик наречен „сообраќај“
Обид за мобилизирање на сите општествени чинители кон предизвикот „безбедност на сообраќајот на патиштата“
Во февруари 7.473 казни за пребрзо возење, а 2.059 возачи немале дозвола
Министерството за внатрешни работи излезе со официјални бројки за спроведените контроли на сообраќајот во текот на февруари. Според официјалното соопштение, полицијата спровела засилени сообраќајни контроли низ државата, при што беа изречени вкупно 23.844 казни за разни прекршоци.
Најголем број од санкциите, дури 7.473, биле изречени за возење со брзина поголема од дозволената. Покрај тоа, од сообраќај биле исклучени 2.059 возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 617 возачи затекнати под дејство на алкохол.
– Контролите покажаа загрижувачки број на прекршоци, особено во однос на брзото возење, алкохолот и управувањето без возачка дозвола. Ќе продолжиме со засилените контроли и во наредниот период – велат од МВР.
Покрај ова, дополнително, 1.508 казни биле изречени за некористење сигурносен појас, 766 за користење мобилен телефон при возење, а санкционирани биле и 475 пешаци. Најголем број пријави – 5.746 – се однесуваат на непрописно паркирање.
Во рамките на контролите извршени само за време на изминатиот викенд (1-2 март), полицијата изрекла 1.278 казни, од кои 238 за пребрзо возење, 144 за алкохол и 126 за управување без возачка дозвола.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и да придонесат за зголемена безбедност на патиштата.
Пред два дена имало 777 санкции за возачите, од кои 212 за пребрзо возење
Продолжуваат интензивните сообраќајни контроли на нивото на целата држава, при што само во еден ден, завчера, вторник (4.3.2025), на подрачјата на осумте сектори за внатрешни работи полициските службеници издадоа вкупно 777 платни налози, по преземени мерки по основа на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила.
По однос на изречените прекршочни санкции и натаму најголемиот број изречени прекршоци против возачи – 227 се однесуваат на непрописно паркирање, а 212 – се однесуваат на непочитување на дозволената брзина на движење.
Потоа следуваат прекршоците по основа на непоседување возачка дозвола – 53; па прекршоците за некористење сигурносен појас (47) и за користење мобилен телефон при возење (28), како и 25 прекршоци што ги сториле пешаци.
Во рамките на контролите, во три случаи е евидентирано минување на возило на црвено светло, осуммина возачи управувале возило под дејство на алкохол, а евидентирани се и 21 нерегистрирано возило, како и шест возила што биле технички неисправни.
Министерството за внатрешни работи продолжува со засилените мерки и активности во поглед на сообраќајната безбедност и апелираме до сите учесници во сообраќајот за целосно почитување на сообраќајните правила и прописи.