Рецензија за филмот „Сè што замислуваме како светлина“ – победник на АФA

Филмот „Сè што замислуваме како светлина“ беше прогласен за најдобар филм на 18-то издание на азиските филмски награди. Церемонијата се одржа во неделата на 16 март, во блескавиот центар „Ксику“ во Хонгконг, а на неа продефилираа најголемите азиски филмски работници и ѕвезди. Оваа поетична сонлива драма за љубовта, осаменоста и времето на индискиот режисер Пајал Кападија ги освои срцата на азиските филмски обожаватели. Тоа беше последната станица на филмот на десетмесечното патување во сезоната на фестивали и награди што започна минатиот мај, кога го освои гранприто на Канскиот филмски фестивал.
Освен ова блескаво признание, овој филм доби уште и многу награди и номинации низ целиот свет, од „бафта“ и независните британски награди, преку интернационалните награди во Чикаго, Денвер и Далас, па до номинации за најдобар филм во повеќе категории за „златен глобус“. „Сè што замислуваме како светлина“ беше номиниран и на нашиот најценет филмски фестивал „Браќа Манаки“ во категоријата за „златна камера 300“, а Ранабир Дас ја доби наградата „сребрена камера 300“.
Во едно интервју од 2017 година режисерот Пајал Кападија изјави: „Не треба да се бара премногу далеку за инспирација бидејќи животот што нѐ опкружува е полн со поетски можности, вклучувајќи соништа и спомени“. Оваа уметничка филозофија беше прикажана во неговиот прв долгометражен документарен филм „Ноќ на незнаење“, а уште поексплицитна е во „Сè што замислуваме како светлина“. Евокативниот наслов на филмот всушност го опишува искуството од неговото гледање. Силно како ноќна несоница, но исто така меко и тивко како благ летен ветер во топла ноќ. Расположението се разгорува со секој нареден кадар, фокусиран во далечните светла. Како што се движите кон светлината така филмот бара „замислување“. „Можеби светлината не е светлина, но е доволно добра ако ја замислиме така“, вели Кападија.
Оваа топла поетична драма на Кападија има наративна карактеристика, во чиј зенит се три жени што живеат под силните светла на милионскиот Мумбај и кои се борат да направат работите да функционираат, колку и да изгледа тоа тешко или невозможно во една таква мегаметропола.

Осаменоста е во фокусот на овој емотивен филм. Во интерес на тоа, присутна е и емоционална, но и географска дислокација на ликовите. Сите ликови доаѓаат од различно место. Мумбај е преполн и пренаселен полиглотски град. Филмот започнува со типична глетка за индиските големи градови. Пред изгрејсонце, долга снимка од луѓе што поставуваат мали пазари на тротоарите, истоваруваат производи и други стоки од камиони, а градот веќе е буден. Со појавувањето на првите сончеви зраци, сè е веќе во движење. Автомобили, метеж, возови. Луѓето зборуваат гласно, претставувајќи го Мумбај во неговата реална, вистинска урбана осаменост, слично на делата на Едвард Хопер. Филмот има отворање во документарен стил, покриен со гласот на Праба, која вели: „Секогаш имам чувство дека ќе морам да заминам. Во Мумбај има работа и пари. Живеејќи во Мумбај, мора да се навикнете на непостојаноста“, алудирајќи на фактот колку човекот како единка изгледа мал во една ваква средина како што е Мумбај.
„Сè што замислуваме како светлина“ е тивка и нежна приказна за три жени, медицински сестри што на свој начин се справуваат со секојдневните предизвици што им ги наметнува експлозивниот Мумбај. Да, во еден таков град каков што е Мумбај, Кападија во своето прво долгометражно деби решил да се фокусира на една обична секојдневна приказна за три медицински сестри што работат во иста болница, што впрочем и ја нагласува неговата тенденција како режисер да го вади она најсуштинското од една приказна.

Мумбај е повеќе од град. Тој е универзум што постојано се шири. Ноќните снимки од преполните улици во оваа извонредна драма, која со своите светла успеа да го „заслепи“ Кан, го прикажуваат хоризонтот како треперливо соѕвездие од светла. И зад секој треперлив прозорец, внатре во секој патнички воз, кој е преполн со луѓе што брзаат, има цел свет со безброј приказни. Тоа е идеја што Кападија ја режира со елегантна едноставност, користејќи документарни техники, монтажа на улични сцени и гласови на мигранти од целата земја привлечени во градот поради работа.
Праба (Кани Кусрути) е медицинска сестра – ветеранка во прометната урбана болница, каде што работат и другите две протагонистки Ану и Паварти. Нејзината помлада колешка Ану (Дивја Праба), новодојдена од југот на Индија, е фатена во пајажината на нејзиното прво романтично доживување со нејзиното момче, кое е муслиман. Паварти (Чхаја Кадам), пак, готвачка во болничката кујна, се соочува со иселување од домот, кој треба да биде срушен за да го задоволи незаситниот апетит на големопоседниците. Жените зборуваат на различни јазици – Праба и Ану разговараат на малајаламски. Се користат и хинди и марати. Но сите три водат обични животи со мали таги, разбранувани жалења и искри на радост. Преку емпатичниот објектив на Кападија сфаќаме дека овие жени, како и градот што никогаш не се чувствува целосно, така и тие трагаат по својата конечна средба со среќата.
Праба е малку одвоена од нејзините колешки и има малку време за дружење. Тие ја канат на нивните филмски вечери и собири иако знаат дека таа ќе каже не. Праба има договорен брак, а нејзиниот сопруг заминал за Германија набрзо по венчавката. Праба оттогаш нема слушнато за него. Во нејзиниот стан анонимно се испраќаат шпорет за ориз, пратка од Германија. Тоа е единствениот доказ дека нејзиниот сопруг некогаш постоел. Во момент што го пара срцето, Праба седи на подот до шпоретот за ориз и страсно го прегрнува. Праба не е експресивна жена. Нејзиното срце е длабоко скриено од другите, па овој момент, исполнет со болка и копнеж, ја разголува нејзината кротка душа.

За разлика од неа, нејзината цимерка Ану (Дивја Праба) е млада и немирна. Таа тајно се среќава ноќе со нејзиниот љубовник Шијаз (Хридху Харун), кој е муслиман. Нивната врска не би била дозволена и нивните семејства веднаш би ја осудиле. Ану ја озборуваат во болницата, а Праба е предодредена да внимава на неа. Ану, сепак, е заљубена и тврдоглава. Таа сака сè во животот, среќа и задоволство, секс и слобода. Го сака сето тоа и го сака сега. Ану го игнорира неодобрувањето на Праба, согледувајќи можеби и завист зад тоа. Ану и Шијаз се избраа еден со друг. Праба не го познавала својот сопруг пред да се омажи за него. Праба можеби никогаш нема да ја знае таа заедничка возбуда на откривање. Така размислува Ану.
Третата жена е Парвати (Чхаја Кадам). Таа е вдовица што работи како готвачка во болницата и е исфрлена од станот во квартот во кој живее со децении. Градежништвото е насекаде, булдожери се пробиваат низ толпата, кранови доминираат на хоризонтот. Парвати нема документи што се доказ за сопственост, а Праба ѝ помага на постарата жена да најде адвокат. Во еден момент двете жени се впуштаат во чин на бунт, кикотејќи се додека фрлаат камења кон билбордот што го најавува развојот на зградата.
Трите наративи се испреплетени, но продолжуваат по одделни патеки, создавајќи мозаик на градскиот живот. Праба има нежна врска со д-р Маној. Таа го поттикнува да учи хинди, тој споделува со неа песна што ја напишал за натпревар. Ситуацијата е комплицирана. Таа е веќе мажена, но во суштина напуштена. Парвати на крајот решава да се врати во своето приморско село, поттикнувајќи го последното поглавје од филмот, богата таписерија на магичен реализам и откровение. До овој момент, Праба, Ану и Парвати се чувствуваат како стари пријателки. Сочувствуваме со нив. Се грижиме што ќе им се случи. Кападија во дејството поттикнува висок степен на емпатија кај гледачот, не само за трите главни лика туку и за оние што ги опкружуваат но се во заднина.

Кинематографот Ранабир Дас (со кого Кападија исто така работеше и на „Ноќ на незнаење“), покрај многуте номинации, е добитник на наградата „сребрена камера 300“ на интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“, кој се одржува во Битола. Својот квалитет и истенчен вкус за естетика, чувствителност на текстурата на сенките, синилото на ноќта со заматените жолти светла во далечините, Дас повторно ги покажува во „Сè што замислуваме како светлина“. Во сцената каде што медицинскиот персонал гледа видео за обука, светлината од проекторот тече над нивните глави, но светлината на екранот се рефлектира на нивните лица, осветлувајќи ги, но само делумно. Тоа е добра метафора за самиот филм, како функционира и како се откриваат ликовите. Овие кинематографски „трикови“ што ги користи Дас се препознатливи само кај големите мајстори на занаетот, па така, ова е уште еден доказ за неговиот висок квалитет.
Кападија, пак, е режисер што има око за специфичното, важното во една ваква распространета приказна. Неговите сцени се полни со возвишеност и топла енергија, а од сета таа бура на монсуни што го заплискува топлиот но влажен Бенгал, тој успева да го изведе она што е есенцијално.
Овој негов деби-филм е критика на социоекономските борби со кои се соочува работничката класа во Индија. Сите негови заплети, кулминации, перипетии и расплети се всушност слика за мрачната реалност на неодамнешните политички промени во нацијата. Кападија користи кинематографски стил што е и личен и опсежен.
Нежниот саундтрак, бавното темпо и различните карактери предизвикуваат чувство како да сте во дождлив ден, гледате низ прозорецот и забележувате како се формира виножито од срамежлив сончев зрак што се филтрира низ облаците. Како да е уловен еден сосем минлив момент на магија.
Понежните сцени во филмот, како таа кога Праба како чита поезија со факел или е интимна со готвачот за ориз што ѝ го испратил нејзиниот сопруг, се во спротивност со наравот на Мумбај.

Љубовта на Кападија кон киното е очигледна во секој кадар. Многу е тешко да се најдат вистинските зборови за да се опише овој филм, па можеби најдобар начин е тој да се почувствува. Помеѓу темнината и светлината. Помеѓу традицијата и модерноста. Помеѓу стегите на општеството и нашите неопходни индивидуалности. Помеѓу хаосот на урбаната џунгла и мирната монотонија на малата заедница. Помеѓу бетонот и морето. Начинот на кој се одвива сè, мирно, рефлектирано, со толку силен, но никогаш експозитивен дијалог, сето тоа има редок реализам.
Темнината на „Сè што замислуваме како светлина“ воопшто не е темнина. Таа темнина е исполнета со магична светлина.