Ексклузивно во „Колибри“ песни за деца од новата книга на Атанас Крлевски, „Стиховни насмевки“, која е во подготовка
Денеска, ексклузивно на страниците на „Колибри“, објавуваме неколку песни за деца од Атанас Крлевски, кои ќе се најдат во неговата нова книга за најмладите читатели, „Стиховни насмевки“, која е во подготовка.
Иако е роден дури во Ташкент, главниот град на државата Узбекистан, Крлевски речиси целиот свој живот го поминува во градот на Рацин, Велес. Тој е инженер по електроника и телекомуникации, но убавата реч ја негува уште од своите најрани школски години.
Во сатирата пред сѐ е афористичар, иако во помал обем пишува и сатирични текстови, хуморески, епиграми. Автор е на единаесет книги со афоризми. Автор е на стихозбирката „Друшка на белите галеби (2024 год.). Има издадено и три збирки хаику-песни: „На прв поглед“ (2018 год.), „Мигум“ (2023 год.) и хаику-стихозбирката за деца „Смајли во снегот“ (2023 год.), која е прва хаику-стихозбирка за деца во Македонија.
Објавувал во многу младински и студентски весници и списанија, како и во списанија за литература, хумор и сатира во Р Македонија. За првпат, пред петнаесетина години, организирал манифестација во Велес под името „Вечер на афоризмот“, а бил и организатор и активен учесник на манифестацијата „Детски Рацинови средби“. Оваа 2024 г. во Велес го организира првиот меѓународен фестивал на сатирата „Џинот“. Пишувал и објавувал и на некои домашни радиостаници и телевизии, а денес покрај во списанија и весници, објавува и на некои интернет-портали во земјата и во странство. Застапен е и во повеќе антологии на македонскиот, балканскиот и европскиот афоризам и во зборници, алманаси, заеднички збирки и антологии на сатира и поезија. Преведуван е на некои балкански јазици, руски и на англиски.
Наградуван е на повеќето македонски сатирични конкурси, фестивали и манифестации и добитник е на наградата 9 Ноември на Општина Велес за посебен придонес во сатирата и нејзина афирмација и афирмација на градот во земјата и во странство. Во 2023 год. ја добива литературната награда „Коле Неделковски“. Како поет учествувал и на многу поетски манифестации и фестивали во Македонија и е долгогодишен член на клубот на писателите „Коста Солев Рацин“ од Велес. Многу години учествувал на „Детските Рацинови средби“, а неколку години бил и во организацијата на оваа манифестација. Добитник е на неколку награди за песни за деца на конкурси и манифестации и застапен е во зборници, алманаси и во книжевни списанија.
Палавковци
во рими
На првиот кат
од мојата зграда
живее од скоро
господин со брада.
Поет славен,
велат бил,
пишувал песни
со врвен стил.
Но, таа работа
не е лесна,
а и тишина треба,
да стигнеш до песна.
Палавковците, пак,
од зградата цела,
тишината ја цепат
со ѕвонливи дела.
Затоа со поетот
влегоа во војна,
дур мир не потпишаа
пред баба Стојна.
Поетот од неа
наредба прими,
сите палавковци
да ги стави во рими.
За возврат тие
тивки ќе бидат,
шега не е,
во книга ќе ги видат.
Месечко на коњче
Над градот
месечко езди
во верна дружба
со сјајните ѕвезди.
Ездејќи така
на златно коњче
на секое дете
му испраќа сонче.
Кај Катја и Марта
низ прозорот влезе
и не знае тоа
на чии очи да слезе.
Затоа месечко
прати уште едно
и двете да спијат
како што е редно.
Спијте сестрички
до зори рани,
кога сончко ја пее:
„Стани дете, стани!“
Сончко над Велес
Над Велес сончко златен
расфрла зраци, грее
од Прцорек, па до Тунел,
на секое дете се смее.
Во паркот крај Вардар
на тревите бакнежи дели,
а вредните пчелички
во цутните крошни ги сели.
Напладне, кога e над Вршник,
градските улици горат,
а велешките ридови
во пламено црвенило тонат.
Децата се кријат под сенка
зашто сончко жеже, пече
дур ветрето не дувне
и жештината не ја свлече.
Тогаш сончко златен
кон запад ита, вјаса
зад сводот да се скрие
до Гроот, навреме да втаса.
Подготвил: Филип Димкоски