Според адвокатот Менкиноски, ние единствени имаме право да го истакнуваме знамето од Кутлеш, бидејќи единствени го имаме пријавено како државно обележје во Обединетите нации (ОН). Станува збор за наше етничко и културолошко знаме и индивидуално право е да се истакнува! Него го користеа навивачи, како поединци, а не државата! Тоа не е само наше право туку и обврска!
Повод: Рестриктивни мерки на организаторот на Светското првенство во ракомет во врска со истакнувањето на македонските национални симболи
Ракометната и спортската јавност во земјава беше непријатно изненадена од веста дека македонските навивачи што присуствуваат на Светското првенство во ракомет во Хрватска се соочија со непријатно искуство поврзано со националното знаме со македонскиот симбол од Кутлеш. Имено, повеќе македонски државјани уште при влезот на граничниот премин Бајаково во Хрватска, хрватската полиција ги двоела настрана, задржувајќи ги и детално прегледувајќи ги патничките моторни возила и автобусите (дури и со мерката претрес на патници), при што главното прашање било дали се упатени кон Вараждин, на Светското ракометно првенство, и дали носат транспаренти, банери и знамиња со „провокативна содржина“, вклучувајќи го и националниот македонски симбол – знамето со сонцето од Кутлеш?! Натаму, некои од македонските државјани што деновиве патувале за Хрватска заради престој во Вараждин се соочиле со „ригорозна полициска контрола“ и констатирале „зголемено полициско присуство, особено кај македонските групи навивачи, фан-зоната“, но и при влез во спортската сала. Нашите соговорници, кои сѐ уште се во Вараждин, информираат дека иако во голем дел полицијата се однесувала професионално и коректно, сликите со индивидуално претресување и одземање на националните знамиња со симболот од Кутлеш се повториле во повеќе наврати.
Не е првпат македонските навивачи да се соочат со ваква рестрикција
Ова не е првпат македонските навивачи да се соочат со ваква рестрикција, односно да им биде забрането користењето на знамето со нашиот национален симбол, кое, да потсетиме, беше официјално државно знаме од 1992 до 1995 година, но и натаму остана како национално знаме на Македонците, и покрај рестрикциите за негова употреба што ги потпишаа претставници од тогашните власти. Се разбира, имало и други случаи кога против навивачки групи од одделни земји биле спроведувани рестриктивни мерки, но суштинската разлика е дека тие мерки се за санкционирање инсигнии што се поврзани со антисемитизам, нацизам, фашизам, големодржавни аспирации или, пак, предизвикување верска, расна и друга форма на омраза и нетрпеливост… Според нашите информации, целата иницијатива потекнала од МНР на Грција, од каде што интервенирале до организаторот (а тој до домаќинот Хрватска) да се активираат сите механизми за да не се дозволат никакви провокации за Грција, а тоа вклучува и веење на македонското национално знаме, со симболот – сонцето од Кутлеш.
Во случајов, домаќинот, Хрватскиот ракометен сојуз (ХРС), се повикува на правилниците на Светската и Европската ракометна федерација (ИХФ и ЕХФ), во кои се наведува дека навивачите треба да навиваат само со официјалните знамиња на земјите, особено да не носат реквизити со симболи што се политички спорни. Интересно е дека ХРС дури првично официјално го објави кодексот на однесување на навивачите што ќе бидат присутни во Пореч, Вараждин и Загреб на натпреварите од Светското првенство, но подоцна тој кодекс беше симнат од неговата официјална веб-страница.
Според она што ни го посведочија навивачите со поголемо искуство на следење на натпреварите на македонските спортисти воопшто, досега не било забележано одземање на знамињата со симболот од Кутлеш. Според нашата анкета меѓу нашите навивачи во Вараждин, точно е дека имало засилени контроли, но некои наши соговорници „имале впечаток дека има само симболично одземање колку да се задоволи формата, а најголемиот број знамиња биле внесени во спортскиот објект“.
Дали ваквата постапка на домаќинот и на организаторот има поткрепа во некои позитивноправни норми на меѓународното право или на внатрешното право?
Случајот со знамето од Кутлеш ги навраќа сеќавањата на непријатното искуство што го имаше адвокатот Тони Менкиноски со претходните власти пред некоја година во Охрид, каде што тој го развеа огромното знаме со сонцето од Кутлеш на Самоиловата тврдина. Тој чин доведе и до судски процес што заврши во корист на тужениот адвокат Менкиноски. Редакцијата токму од него побара мислење и за овој случај.
– Ние единствени имаме право да го истакнуваме знамето од Кутлеш, бидејќи единствени го имаме пријавено како државно обележје во Обединетите нации (ОН). Станува збор за наше етничко и културолошко знаме и индивидуално право е да се истакнува! Тоа не е само наше право туку и обврска. Него го користеа навивачи, како поединци, а не државата! Во Преспанскиот договор нема наведено ништо експлицитно за забрана за индивидуално користење, а особено за надвор од државните граници на Македонија. Во овој контекст само би истакнал дека и самата Преспанска спогодба е дискутабилна. Сега се поставува прашањето дали нашето Министерство за надворешни работи треба да упати протестна нота до хрватското МНР поради третманот на навивачите – ни изјави Менкиноски.
Во Преспанскиот договор (Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) И 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година), во членот 8 е прецизирана употреба на симболите, конкретно сонцето од Кутлеш, односно нашиот национален симбол што беше истакнат и на нашето претходно државно знаме. Во став 3 од членот 8 се наведува дека „втората страна“ (значи ние како држава) „нема повторно да го употребува“ тој симбол. Но, тоа некој го прифатил и потпишал во името на државата, а тоа не ја опфаќа употребата на симболот од страна на индивидуи.
Натаму, во алинеја 3, 4 и 5 на ставот 3 од членот 8 (од Преспанската спогодба) пишува дека ние, имено „втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија“. Тоа експлицитно значи дека со Преспанската спогодба е предвидена неупотреба на нашиот национален симбол – сонцето од Кутлеш на територијата на нашата држава, во границите на Македонија.
Во продолжение ги проследуваме првите три става од членот 8 од Преспанскиот договор што се поврзани и ја регулираат употребата на симболите што Грција (првата страна) си ги смета за ексклузивно свои. Но во таков случај, во став 1 од членот 8 е предвидено директно „укажување на другата страна“, по што би биле преземени „корективни дејства“, а не да се оди преку други меѓународни институции и да се преземаат репресивни мерки, како во случајот на Светското првенство во ракомет во Хрватска, кога официјална Грција се обратила до организаторот на првенството да ги преземе сите мерки да спречи „провокации“ што официјална Атина си ги толкува дека се такви.
Член 8
Доколку која било од двете Страни верува дека еден или повеќе симболи кои претставуваат дел од нејзиното историско или културно наследство ги употребува другата Страна, таа за таквата наводна употреба ќе ѝ укаже на другата Страна, а другата Страна ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да се справи со прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство.
Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство.
Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба. П.Р.