Моделот со Хрватска како модус вивенди за македонско-бугарската пат-позиција
- Се покажа дека Меѓувладината мешана комисија на Македонија и Хрватска е исклучително функционална бидејќи и покрај тоа што не се споменати во Уставот, Хрватите во Македонија уживаат еднакви права како сите граѓани. Дополнително, без оглед што Хрватска ги има внесено Македонците во својот устав, официјален Загреб никогаш не инсистираше Македонија да го следи нивниот пример, уште помалку да го користи тоа како аргумент за да ја блокира земјава на патот кон ЕУ со барања за уставни измени и внесување и на Хрватите во македонскиот устав. Затоа, во духот на овие европски определби, Софија треба да го следи примерот на Загреб и да биде „еврокроативна“, според слоганот „биди кроативен“ на широката кампања во која различностите се ставаат на пиедестал напоредно со сопствените вредности
Македонија како држава отсекогаш ги исполнувала највисоките стандарди што се однесуваат на правата на малцинствата во земјава, а она што ја издвојува пред сите други држави, вклучително и некои земји членки на Европската Унија, е тоа што тие права постојано се дополнуваат и надградуваат без некој да го бара тоа од нас.
Потврда за таквите состојби се сите извештаи на меѓународните тела за малцински права во кои ниту еднаш не било констатирано дека земјава загрозила нечии малцински права, што јасно го отсликува демократскиот капацитет на земјава, што неодамна беше потврдено и со одлуката на Советот на Европа за затворање на постмониторинг-дијалогот со Македонија како признание за напредокот и посветеноста на државата кон принципите и стандардите на Советот на Европа, како и јасна потврда за остварениот напредок во областите на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и односите со соседните земји.
Од тие причини, инсистирањето на официјална Софија за внесување на македонските граѓани со бугарска самосвест во Уставот како услов за одблокирање на македонските евроинтеграции не може да се разбере никако поинаку, освен како форма на притисок за остварување на некои затскриени цели.
Македонско-хрватски функционален модел за малцински прашања
И додека копјата и натаму се кршат околу уставните измени, добар модел за тоа како можат да се негуваат малцинските права и без формално присуство на одредено малцинство во Уставот е македонско-хрватскиот.
Имено, без оглед што Хрватите во Македонија не се именувани во преамбулата на Уставот, а по бројност се речиси исто колку и граѓаните што се декларираат како Бугари, Хрватска и Македонија со децении имаат алатка за меѓусебна соработка токму на полето на грижата за малцинствата. Таа алатка е Меѓувладината мешана комисија за заштита на националните малцинства.
Токму таа Меѓувладина мешана комисија на Македонија и Хрватска завчера во просториите на македонското Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го одржа седмиот состанок на кој се разговараше за прашања поврзани со состојбата и унапредувањето на правата на националните малцинства во двете држави, со посебен акцент на образованието, културата, информирањето, институционалната поддршка и имплементацијата на претходните препораки на комисијата.
Меѓувладината мешана комисија е формирана во согласност со Спогодбата за заштита на правата на македонското малцинство во Република Хрватска и хрватското малцинство во Република Македонија, потпишана во Сплит во 2007 година, и претставува клучен билатерален механизам за унапредување на малцинските права и јакнење на европските демократски стандарди.
Се покажа дека оваа алатка е исклучително функционална бидејќи и покрај тоа што не се споменати во Уставот, Хрватите во Македонија уживаат еднакви права како сите граѓани. Дополнително, без оглед што Хрватска ги има внесено Македонците во својот устав, официјален Загреб никогаш не инсистираше Македонија да го следи истиот пример, уште помалку да го користи тоа како аргумент за да ја блокира земјава на патот кон ЕУ со барања за уставни измени и внесување и на Хрватите во македонскиот устав.
Рационален излез од сегашниот ќор-сокак
Клучната дилема што се наметнува во македонската јавност е зошто Бугарија толку тврдо инсистира на уставните измени ако од македонска страна има подготвеност за такво нешто, но измените да стапат во сила откако земјава ќе стане дел од Европската Унија.
Тоа, секако, е вин-вин ситуација за сите, дотолку повеќе што Македонија сама ќе си ги обезбеди потребните гаранции, а Бугарија преку Меѓувладината мешана комисија, по урнекот на онаа што земјава ја има со Хрватска, ќе може да реагира ако забележи какви било нарушувања на малцинските права од она што се меѓународни стандарди и конвенции. На тој начин, обете земји ќе почнат да градат меѓусебна доверба, која актуелниот Договор за соработка, пријателство и добрососедство од темел ја поткопа.
Добрите познавачи на меѓународното право и на прашањата поврзани со малцински права сметаат дека овој модел би можел да значи излез од пат-позицијата.
– Блокадата на македонските евроинтеграции околу уставните измени не е правно, туку политичко прашање, што значи дека решението мора да биде политички креативно, а не наметнато. Моделот што Македонија веќе го има воспоставено со Хрватска покажува дека постојат европски прифатливи механизми за заштита на малцинските права без условување и без уцени во процесот на пристапување. Формирањето меѓувладина мешана комисија со Бугарија, која би работела исклучиво во рамките на меѓународните конвенции и европските стандарди, би можело да биде рационален излез од сегашниот ќор-сокак. Со таков пристап, Македонија би ја задржала контролата врз сопствениот уставен поредок до моментот на членство во ЕУ, а Бугарија би добила институционален канал преку кој би ги адресирала своите забелешки. Наместо еднострани блокади, процесот би се префрлил во рамка на дијалог, мониторинг и заемна одговорност. Ова би придонело и за постепено обновување на довербата меѓу двете држави, која во изминатите години беше сериозно нарушена. Клучно е што ваквиот модел не создава преседан во европската практика, туку напротив, се вклопува во логиката на Унијата дека билатералните прашања не смеат да бидат алатка за блокирање на проширувањето. Доколку Софија навистина е заинтересирана за стабилноста на регионот и за европската перспектива на Западен Балкан, прифаќањето на ваков механизам би било јасен сигнал дека станува збор за заштита на права, а не за политички притисок – велат познавачите.
Заеднички тела како рецепт за откочување на блокираните процеси
Соседни земји, кои имаат различни гледишта за повеќе прашања, соработката ја остваруваат така што преку заеднички тела бараат решенија што ќе ги откочат блокираните процеси.
Такво едно тело е и Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција, кој в среда на 11 февруари во Анкара ќе го одржи шестиот состанок.
Последниот состанок на Високиот совет за соработка меѓу двете земји се одржа во декември 2023 година во Атина, кога беше потпишана и Атинската декларација, како и низа договори за подобрување на довербата и соработката.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за телевизијата Скај, во понеделникот посочи дека по потпишувањето на Атинската декларација постојат „значајни придобивки што не треба да ги занемаруваме“, а како пример ги спомена „значителното намалување на тензиите и нарушувања на грчкиот воздушен простор“, соработката со Турција во миграцијата, воведувањето брза виза за турски туристи на островите во источниот дел на Егејско Море, но и отворените канали за комуникација за решавање на каква било тензија. С.Т.
Свечено отворена фотографската изложба „Јадрански минијатури“ на Тончи Станичиќ
Убавините на хрватскиот Јадран доближени до Македонија
Убавините на хрватскиот Јадран се претставени на изложбата фотографии „Јадрански минијатури“ на реномираниот хрватски автор Тончи Станичиќ, која свечено беше отворена завчера, во Културно-информативниот центар во Скопје, во присуство на дипломати, уметници, медиуми и љубители на уметноста.
Фотографиите на Станичиќ не се само кадри туку визуелни партитури во кои светлината е главен протагонист. Секој мотив – било тоа да е трепетот на морската површина, сенката на каменот или апстрактната игра на боите – носи во себе еден миг на нефатливото, миг што го повикува набљудувачот да застане, да забави и да почувствува. Авторот, кој е дипломат, правник и страстен љубител на фотографијата, на тој начин успеа преку своите дела да ја пренесе интимната поетика на Јадранот до македонската публика.
Присутната публика зборуваше со восхит за „мајсторот на деталите со око на патник“, кој успеал да го претвори Јадранот во сцена на внатрешни пејзажи. Изложбата не беше само визуелно доживување туку и патување низ интимата на авторот – во кое секоја фотографија станува мост меѓу видливото и чувствителното, меѓу реалноста и сонот.
Со оваа изложба, Скопје доби уште една културна точка што ја збогати неговата уметничка мапа. „Јадрански минијатури“ претставува настан што ја слави фотографијата не само како техника туку како уметност на душата, како јазик на светлината и сенката, како интимна поезија што се чувствува со срце.
До 15 февруари, љубителите на уметноста ќе имаат можност да ја проследат изложбата организирана под покровителство на Амбасадата на Република Хрватска во Република Македонија.

































