„СОС-детско село“ во поддршка на најранливите

Во организација на „СОС-детско село“ се одржа настанот „Со згрижувачките семејства во борба против насилството“. Настанот беше модериран од експертката за човекови права Елена Кочоска и е дел од глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
На настанот беше потенцирано дека насилството врз жените и девојките не е приватна работа и дека е потребно на истото тоа како феномен да се гледа интерсекциски, како и причинско-последичните врски во воспоставувањето на општествените односи, но и градењето на системот на владеење на правото.
Во нашата држава сѐ уште недостигаат достапни сервиси за поддршка на жртвите и воопшто на лицата со попреченост, но и кадар што на пристапен и достапен начин би дал одговор во превенцијата, поддршката, рехабилитацијата, но и реинтеграцијата на лицата со и без попреченост што се жртви од семејно насилство. Она што е многу важно е дека сите заеднички треба максимално да се залагаме да го зголемиме бројот на специјализираните згрижувачки семејства, кои ќе бидат обучени да прифатат дете со попреченост жртва на насилство.
Се зборуваше и за потребата од регионален одговор во обезбедувањето социјални услуги во постојните осум плански региони. Во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – фаза 2“ се организирани активности за идентификување и испорачување регионални социјални услуги.
Посебен акцент беше ставен на потребата од проширување на опсегот на бесплатната правна помош и поддршка на згрижувачките семејства, обезбедување пристапен и достапен кривичноправен процес за заедницата со и без попреченост, како и едукација и соработка со обвинителите и адвокатите во поглед на заштитата на девојчињата жртви со и без попреченост.
Улогата на „СОС-детско село“ е голема во поглед на згрижувачките семејства како директни даватели на услуги, кои се едуцираат низ специјализирани обуки и ја добиваат потребната стручна помош од Центарот за поддршка на згрижувачки семејства,, со цел сеопфатно да одговорат на потребите на децата без родители и родителска грижа. Во државава постојат 368 згрижувачки семејства, наспроти потребата да постојат 500. Има недостиг од специјализирани и интервентни згрижувачи што ќе одговорат на потребите на децата со попреченост, деца жртви на семејно насилство, трговија со луѓе и деца во ризик. Беше апелирано државата да ја препознае потребата од уредување на статусот на згрижувачите преку нивна професионализација, со што ќе може поактивно да се работи на промоција и регрутирање нови потребни згрижувачки семејства.