Овој замок беше инспирација за втората книга на Ева

Ева е одлична ученичка, но исто така свири пијано, игра тенис, оди на часови за танц и балет, се дружи со пријателите, а учи и македонски јазик. Но она што беше повод за овој разговор се нејзините две објавени книги, што за неа е поттик да продолжи да пишува

Средба со Ева Покрас (16), која живее во Диселдорф, Германија, и по мајка има македонски корени

„Во мистичната убавина на пејзаж во срцето на Франција, древен замок како занемен стои обвиткан во тишина и мистерија. Некогаш жив и раздвижен, замокот сега одекнува само со присуството на Лорд Харингтон, дух заробен од клетва, поради некоја грешка во минатото, осуден на вечно, осамено постоење…“. Вака почнува втората книга насловена „Духот од замокот“ (Spirit of the chateau), која ја напиша16-годишната Ева Покрас.
Таа има и македонско потекло, па тоа беше повод да поразговараме со неа за тоа што ја поттикна да почне да пишува, за нејзиниот живот во Диселдорф, Германија, и за сѐ што е интересно за една љубопитна тинејџерка.

Здраво Ева, драго ни е што преку страниците на „Колибри“ и твоите врсници во Македонија ќе се запознаат со твоите преокупации и успеси, но најпрво кажи ни нешто повеќе за себе.
– Јас се викам Ева Покрас. Родена сум во Женева, Швајцарија, а моментално живеам во Диселдорф, Германија, каде што одам во гимназијата „Гете“ и сум во 10-то одделение. Зборувам англиски, германски и македонски, а учам и француски јазик. Имам многу хобија како свирење пијано, играње тенис, балет и пишување кога имам инспирација. Имам помлад брат, Лео. Многу сме блиски и си помагаме во остварување на нашите желби и мечти, секако со поддршка на родителите Љубица и Мајкл, а секогаш на наша страна се и нашите баби Галина во Лондон и Вера во Скопје.

Потребна е голема храброст за да се напише книга, а ти, иако имаш само 16 години, веќе објави две. Што те поттикна да ја напишеш првата книга „Мојата блескава ѕвезда“ (My shining star)?
– Искрено, никогаш не очекував дека мојата прва книга ќе биде објавена. Една вечер, седнав на креветот на моите родители со лаптопот на мајка ми и почнав да пишувам приказна. Тоа беше само забавно хоби. Им го покажав на моите родители и тие беа навистина импресионирани. Ме прашаа дали можам да замислам еден ден да станам автор. На единаесет години, тоа ми се чинеше како далечен сон. Но, благодарение на нивната поддршка, со малку трпение и упорност, мојот сон стана реалност.

Какви беа реакциите по објавувањето, на пример, што рече брат ти Лео? Дали тоа твое прво дело барем малку те смени, можеби ти даде повеќе елан да продолжиш да пишуваш?
– Моето семејство отсекогаш ме поддржуваше, особено брат ми Лео. Многу сме блиски, па затоа ми се чинеше природно да му ја посветам мојата прва објавена приказна токму нему. Пишувањето отсекогаш било нешто што го правам затоа што ме прави среќна. Без разлика дали моите раскази ќе бидат објавени или не, јас, сепак, ќе продолжам да пишувам. Објавувањето на книгите не ме промени, но дефинитивно ме охрабри да продолжам.

Нешто подоцна ја објави и „Духот од замокот“ (Spirit of the chateau), сигурно и за неа е врзана некоја посебна приказна, раскажи ни ја.
– Да, има. Секоја година со моето семејство престојувам во замок во Франција. Фотографијата на корицата на книгата е всушност самиот замок, а интересно е дека додека ги пишувам одговорите на интервјуто, јас сум повторно тука. Со баба ми Галина секогаш се шегувавме за духовите во замокот. И, ете, таа игрива идеја стана моја инспирација да ја напишам книгата.

За да се пишува добро, мора многу да се чита. Кои се твоите омилени книги и дали моментално читаш нешто интересно?
– Читањето отсекогаш било важен дел од мојот живот, а најмногу ме привлекуваат фикцијата и научната фантастика. За мене е инспиративно како луѓето ги претвораат своите идеи и искуства во моќни приказни. Читањето и пишувањето се неразделен дел од мојот свет, бидејќи ме водат во различни светови и ми дозволуваат да гледам на работите на поинаков начин. Ако треба да изберам една од последните неколку книги што сум ги читала, тоа би била „Книгата за прашината“ (Book Of Dust) од Филип Пулман, во која навистина уживав.

 Твојата мајка Љубица е од Скопје, Македонија, а татко ти Мајкл е од Лондон, В. Британија, но во твојата крв има и други националности. Значи ти, на некој начин, си граѓанин на светот. Дали тоа за тебе е плус, за да можеш подобро да ги разбереш луѓето?
– Дефинитивно. Многу сум горда на моето потекло. Тоа што сум член на едно такво меѓународно семејство ми помогна да ги разберам и да ги ценам различните култури и традиции. Се чувствувам многу среќна поради целиот тој микс на гени во мене.

Освен англиски и германски, ти разбираш и руски, а на моја голема радост и убаво зборуваш македонски. Често доаѓаш во Македонија, ти се допаѓа ли тука и што најмногу?
– Да, често ја посетувам Македонија и навистина ми се допаѓа. Уживам да поминувам време со моето прекрасно семејство, да бидам опкружена со љубезни и топли луѓе, во прекрасната околина, вкусната храна, во сончевото време и секако симпатичните соседи и нивното куче Брандо.

Успешна си и на други полиња, како музиката и спортот, но дали наоѓаш време и за дружење со врсниците?
– Знам дека можеби звучи малку необично, но навистина уживам да бидам зафатена. Страсно се занимавам со многу работи. Обожавам да свирам пијано, но и да играм тенис, апсолутно обожавам балет и танц и никогаш не би се откажала од редовните фотосесии или караоке-вечери со моите пријатели. Сите овие работи ме прават среќна и ми даваат енергија.

Секој има свои планови и желби, идеи за нови проекти, ќе ни откриеш ли дел од твоите?
– Верувам дека плановите и соништата најдобро растат во тишина. Повеќе би сакала да ги споделам откако ќе станат реалност.

Што би сакала да им кажеш на твоите врсници во Македонија што го читаат „Колибри“, детскиот додаток во „Нова Македонија“?
– Никогаш не заборавајте: вие сте неверојатни. Можете да направите сè што ќе си замислите! Верувајте во себе и не заборавајте да се забавувате по патот до успехот!