Последните информации за нов раст на економијата и во вториот квартал од годината се потврда дека работите се движат во позитивна насока. Стремежите се за уште повисоки стапки на економски раст, двоцифрени бројки заради побрзо доближување до европскиот стандард. Можеме да остваруваме подобри резултати ако се диверзифицираат извозните пазари, ако се поттикне домашната потрошувачка на продуктивна основа (преку раст на вработеноста и додадената вредност) и ако се интензивираат инвестициите во сектори што се помалку зависни од европската конјунктура!
Како да продолжи економскиот раст
Како може Македонија да расте со поголема динамика е едно од „прашањата“ што се наметнуваат поради желбата за подобар стандард на граѓаните. Последните информации за нов раст на економијата и во вториот квартал од годината се потврда дека работите се движат во позитивна насока. Стремежите се за уште повисоки стапки на економски раст, двоцифрени бројки заради побрзо доближување до европскиот стандард. Ова особено е значајно ако се има предвид дека растот на економијата во Европската Унија во вториот квартал беше минорен. Покрај умешното пронаоѓање начини за побрз и динамичен раст додека трае европската економска стагнација (иако е познато дека нашата економија е најтесно врзана со западноевропската), сепак не е невозможно структурните реформи и надворешнотрговската (економската) реориентација да бидат отскочна штица за уште побрз економски раст.
– Бруто-домашниот производ забележа раст од 3,4 отсто во второто тримесечје годинава во споредба со истиот период лани. Поголем пораст е забележан во секторите: градежништво од 7,3 отсто, трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 6 проценти и рударство и вадење камен, преработувачка индустрија, снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, снабдување со вода; отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината од 3,9 отсто – објави Државниот завод за статистика.
За економистите, ваквиот раст на економијата е позитивен. Интересно е што тие нагласуваат дека потенцијалот на нашата земја е поголем и има простор за подинамичен раст!
– Солидна е динамиката на растот во вториот квартал, благо е интензивиран, па со тоа и очекувањето е дека годината ќе ја завршиме во распон од 3 до 3,5 отсто. Секако, тоа е поволно, но да не заборавиме дека потенцијалот на економијата е проценет околу 4 отсто, што значи дека оперираме под потенцијалот, а се соочуваме со перзистентна инфлација. Тоа е специфична ситуација, бидејќи вообичаено инфлацијата се врзува за прегревање на економијата, додека кај нас инфлациските притисоци се резултат на структурни слабости и, во еден значаен сегмент, растот на доходите поддржан и од потези на фискалната политика – потенцира универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Решението е во структурни реформи што ќе го зголемат производствениот капацитет
Професор Петрески укажува дека во ваква ситуација, предизвикот е двоен.
– Во такви услови, предизвикот е двоен: како да се поддржи економската активност за таа да се доближи до потенцијалот, а истовремено да се задржи дисциплината во јавните финансии и да се создадат услови за стабилизација на цените. Решението е во структурни реформи што ќе го зголемат производствениот капацитет, ќе поттикнат инвестиции и ќе ја прошират базата на раст, така што тој да не зависи од ограничен број сектори – укажува професор Петрески.
Тој посочува дека растот на домашната економија не е воден од еден сектор и има солидни остварувања покрај градежништвото и во индустријата и во неколку услужни дејности, што, според него, е навистина позитивно.
– Тоа е позитивно, бидејќи го намалува ризикот од зависност кон една гранка и создава услови економијата полесно да се справи со надворешни шокови. Сепак, останува потребата државата да ја продлабочува поддршката за диверзификација на економијата и подигнување на продуктивноста, за да можеме да се доближиме до потенцијалниот раст од околу 4 отсто – нагласува Петрески.
Професорот појаснува дека иако пазарите во Европа не остваруваат најдобри резултати во последниве месеци, особено Германија, со која имаме најголема трговска размена, сепак има широк простор за раст на нашата економија.
– Во поглед на надворешната конјунктура, слабата динамика на раст во ЕУ – а особено во Германија, која е наш главен трговски партнер – претставува ограничување. Кога европската индустрија и побарувачка се во застој, тоа природно ја притиска и нашата економија. Сепак, можеме да остваруваме подобри резултати ако се диверзифицираат извозните пазари, ако се поттикне домашната потрошувачка на продуктивна основа (преку раст на вработеноста и додадената вредност) и ако се интензивираат инвестициите во сектори што се помалку зависни од европската конјунктура – нагласува Петрески. Е.Р.