Прашавме кoja e вашата омилена книга од детството и зошто би требало да ја прочитаат и денешните деца?

Велат, дел сме од секоја книга што ќе ја прочитаме, а несомнено и таа станува дел од нас, од нашиот живот. Во периодот на нашето растење, некои книги толку силно се врежуваат во нашата меморија, но пред сѐ во нашите срца што пораките од тие книги ги носиме во нас цел живот, па некогаш ни се потсетник, а некогаш патоказ.
Кога мене би ме прашале која книга од моето детство направила некаква промена кај мене, предизвикала чувства и размисли или ме поттикнала на нешто и зошто ја препорачувам да ја прочитаат и денешните деца, тоа сигурно би биле книгите што веднаш ми паѓаат на ум, како „Прости ми, канаринке“ заради реалниот приказ на светот опишан со поетичните зборови на Видое Подгорец, „Хајди“ заради сликите изградени преку текстот на авторката Јохана Шпири и оние планини и козји стада, кои пред мене се до ден-денес кога ќе помислам на книгава, „Големи и мали“ од Бошко Смаќоски заради дијалозите и човекољубивите пораки и заради незаборавниот „чичко судија“… Необична топлина со мирис на млеко во утринските часови ми носи потсетувањето на книгата „Пајажината на Климентина“ на Елвин Б. Бајт, натаму „Игбал, мојата таjна“ на Јагода Михајлова Ѓорѓиева. Има уште, списокот е долг, но да видиме што мислат на оваа тема нашите соговорници, кои доаѓаат од различни места, имаат различни професии, а сите нив ги спојува љубовта кон книгата, која кај нив трае до ден-денес.

ВАЖНО Е СЕКОГАШ ДА ПОБЕДИ ДОБРОТО!

Покрај македонските народни приказни, кои имав можност да ги слушам директно од изворот (раскажувани од моите баби и дедовци), мојата средба со книгата „Шеќерна приказна“ од Славко Јаневски ме заинтересира уште од првото поглавје. Различноста на ликовите (во сеќавањето, особено впечатлив ми остана волшебникот Тарара, кој една минута е добар, а една минута лош) и сите доживувања на шеќерното дете по патот за да направи добро дело и да го спаси заробениот славеј од шумата во која сите пееле, беа поттик за развивање на мојата детска креативност. Но, пред сѐ, главен поттик беше тоа што добив желба да ги читам сите следни книги, трагајќи по уште поинтересни приказни. Сметам дека „Шеќерна приказна“ е четиво што дава една голема поука за секое дете да научи да го разликува доброто од злото, особено денес, кога често се релативизираат тие два основни пандани на животот (особено на филмското платно), и дека секогаш на крајот победува доброто.

Никола В. Ристевски, писател

КНИГИТЕ ИМААТ ЕМОТИВНА ВРЕДНОСТ

Мојот список на важни книги од детството е многу долг. Тоа ме потсетува на времето кога мајка ми наглас ми ги читаше книгите за деца. Некои ги имам во домашната библиотека, а некои се трудам да ги најдам и повторно да ги прочитам. Ќе ги спомнам „Прости ми, канаринке“, „Две солзички“ и „Царската птица“ на Видое Подгорец, „Дружината братско стебло“ на Јован Стрезовски, „Исти очи“ и „Татковата прва љубов“ на Горјан Петревски, „Градот на гулабите“ и „Кнеже еже“ на Александар Поповски Има уште многу, ама некако овие ми се секогаш први на ум.

Симона Коцевска, новинарка

НА СЕКОЈА ЗАЕДНИЦА Ѝ ТРЕБА МУДАР ВОДАЧ!

Две книги што ми се силно врежани, а сум ги прочитал во раното детство се „Волшебното самарче“ и „Белото циганче“. „Волшебното самарче“ зборува за храброста и родољубивоста, поттикнува полезност кај децата од мала возраст. А „Белото циганче“ заради трпеливоста и мудроста на Баба Мулон. Оваа книга ми укажа дека треба да имаме респект кон возрасните и дека е важно секоја заедница да има мудар водач, кој ќе им помага на сите и ќе биде со нив и во тагата и во радоста.

Александар Димкоски, лекар

ПОУКИ ЗА ЦЕЛ ЖИВОТ

Додека читав книги, како дете, сакав да се забавувам, да ми бидат смешни, да се восхитувам на досетките на ликовите, можеби затоа би ја издвоила книгата „Итар Пејо“ на Стале Попов. Ем е забавна, ем има многу смешни ситуации, еден куп досетки, а и многу поуки, кои не само како дете, ами можат да ти користат и како возрасен.

Лина Димоска, писателка

КНИГА ШТО ТЕ УЧИ ДА БИДЕШ САМОСТОЕН

Прва што ми паѓа напамет е „Робинзон Крусо“ од Даниел Дефо заради моментот и поуката да се трудиш сам да постигнуваш во животот, да се бориш за да успееш, да бидеш задоволен од себеси за она што си го направил, да се восхитуваш, а во меѓувреме да се чуваш од пријателите, но и од непријателите бидејќи тие многу подобро те познаваат од оние што ги држиш на дистанца.

Ангела Жежоска, професорка во средно училиште

КНИГИ ШТО ОСТАВААТ НЕИЗБРИШЛИВИ ТРАГИ

Колку добро прашање, кое ме поттикна на размислување. Од раното детство најубава ми беше „Втората смена“ – можеби затоа што секој од нас беше дел од такви летувања, доживувања, симпатии, самостојност.
Уживав и во „ Том Соер“ затоа што зборува за нешта што ги посакува секое дете, да открива нови места, нови светови, богатства.. А некако ми остави белег и книгата за тинејџери на Душица Сотировска, насловена „Клавирот тивко плачеше“. Не знам зошто ми оставила впечаток, но ова ваше прашање ме поттикна да ја побарам во мојата домашна библиотека и да ја препрочитам.

Кети Стеванаџија, одделенска наставничка

ВАЖНО Е ДЕЦАТА ДА БИДАТ ДЕЦА!

Се сеќавам на првата книга што ја прочитав – „Зоки Поки“. Тоа е книга што ги учи децата да бидат деца – радосни, искрени, љубопитни и човечни. Преку неговите авантури, децата гледаат дека растењето е едно патување полно со учење, љубов и разбирање и дека семејството и пријателството се важни.
А книга што не можев да ја оставам дури ни за да ручам е „Робинзон Крузо“. Толку ми беше интересна, сите тие авантури, непредвидливи ситуации и таа неизвесност, што цел ден ја читав. Книгата носи многу моќна порака – дека со знаење, труд и трпение човек може да преживее и да успее дури и во најтешките услови.

Македонка Тошеска Костадиноска, ракотворка

КОЈ Е ВАШИОТ ИЗБОР?

Драги наши мали читатели, сигурен сум дека од нашите соговорници добивте многу убави предлози, а сега направете сопствен избор од предложените книги и нурнете во бескрајно убавиот, забавен и поучен свет на книгите.
И запаметете, некогаш можеби ќе носиме старо палто, но можеби купувањето нова книга и читањето ќе направат големи промени во нашиот живот, бидејќи книгите се натрупано богатство и достојно наследство на генерациите и на народите, а собата без нив е празна исто како што е празна душата на оној што не чита.


Киро Донев ја украл книгата „Авантурите на Том Соер“ од училишната библиотека

На популарниот автор и новинар Киро Донев, со чии книги растеа и растат многу генерации, не му требаше нималку време за да ни одговори која е неговата омилена лектира што имала големо влијание врз неговото детство.
– „Авантурите на Том Соер“ на Марк Твен е книгата што сум ја прочитал над дваесет пати. Дружината на Том Соер и на Хаклбери Фин и нивните палавштини крај реката Мисисипи беа поттик да ја оформиме нашата дружина Кир Сте Жи (скратено Киро, Стеван и Живко) и, наместо крај Мисисипи, слични лудории да приредуваме крај нашата селска река во Моноспитово, која се влеваше во Моноспитовското Блато. Едноставно, јас и моето друштво се имавме идентификувано со ликовите од делото на Марк Твен. Јас толку многу ја позајмував книгата, што веќе беше збунувачки за училишниот библиотекар.

– Само ти ја земаш оваа книга, а никој друг не ја чита. Што си се запнал толку во неа – ме праша еднаш Атанас Младеновски, библиотекарот во училишната библиотека во Муртино, кој ми беше и наставник по македонски јазик.
– Не знам. Многу ја сакам, одговорив – раскажува Донев.

Но авантурата на Киро Донев со книгата „Авантурите на Том Соер“ не завршува тука.
– Многу сакав таа книга да ја имам за себе. Бидејќи в село не се продаваа книги, а немав друга можност, сторив еден грев. Ја украдов книгата од училишната библиотека. На крајот од годината наставникот замоли да се вратат позајмените книги затоа што ако ги нема, тој ќе треба да плати отштета. Јас од срам не кажав. По многу години, кога станав уредник на „Просветно дело“, со мојата екипа отидовме во Крива Паланка. Бидејќи мојот наставник од Муртино беше родум од Крива Паланка, веќе држеше настава во својот роден град. Го посетивме неговото училиште. Тој пред неговите ученици почна да ме фали, а јас црвенеев и тогаш признав за „сторениот грев“. Реков: „Eве ја таа ’украдена‘ книга со печат од училишната библиотека. И сега, еве, ви подарувам десет мои книги за вас и уште триесетина за вашата училишна библиотека“. А наставникот се расплака велејќи: „Кирче, знаев дека ќе биде свирче од тебе. Камо и сега децата да крадат книги“.